Компанијата Space X планира да го зголеми бројот на лансирања на својата мегаракета Starship во наредната година, а Федералната администрација за авијација (FAA) наводно нема да се противи на тоа.
FAA го објави нацртот на проценката на влијанието врз животната средина за Starship операциите во базата Starbase, постројка на компанијата Space X сместена во Тексас. Во документот од 160 страници, му се одобрува на Space X да го зголеми бројот на годишните лансирања од споменатата база за фактор пет, односно од моментално дозволените 5 на 25 лансирања.
Компанијата продолжува да работи на развојот на Starship, најголемата и најмоќната ракета во историјата, со цел да му помогне на човештвото да воспостави присуство на Месечината и на Марс. Ракетата висока 122 метри е проектирана со цел повеќекратно лансирање. Ракетата направена од нерѓосувачки челик досега е лансирана шест пати, а последното лансирање беше на 19-ти ноември. Тоа е оценето како успешно лансирање, иако комуникациски проблеми оневозможиле враќање на бустерот Super Heavy во Starbase, каде би го „фатиле“ роботските раце, па тој бил пренасочен на контролирано слетување во Мексиканскиот залив.
Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп го избра првиот човек на Space X, Илон Маск да го води Одделот за ефикасност на владата, која е советодавна група со цел да помогне во „укинување на владината бирократија и вишокот на прописи“.