Иако вештачката интелигенција брзо се развива, се унапредувa и станува алатка на која многумина се потпираат секој ден, некои веруваат дека таков дигитален систем никогаш нема да ги надмине човечките способности. Руски експерт посочува на клучните разлики што, според него, трајно ги одделуваат луѓето и ВИ системите.
Терминот „вештачка интелигенција“ звучи привлечно во маркетиншка смисла, но има многу малку заедничко со вистинската интелигенција. „Не е спорно да се истражуваат и развиваат напредни алгоритми, но погрешно е да се припишуваат човечки, па дури и фантастични особини на машините“, тврди Арсениј Журављов, шеф на Катедрата за фундаментална и применета математика на Факултетот за информациски системи и безбедност на Рускиот државен универзитет на хуманистички науки.

Според него, идејата за појава на таканаречена силна вештачка интелигенција е нереална, бидејќи секоја форма на „интелигентно“ однесување на машината секогаш ќе биде резултат на човековата работа. Машината, објаснува Журављов, не може да функционира без алгоритам – јасно дефинирана и конечна низа на инструкции што ѝ ги задава човек. Без овие упатства, програмот не би знаел што да прави и би престанал да функционира.
Дури и во случаи кога системите делуваат како да донесуваат одлуки самостојно или „пишуваат“ свои правила, во основа и натаму се наоѓа однапред осмислен алгоритам, способен да обработи само ограничен број ситуации. Токму ова тој го гледа како клучна контрадикција што оневозможува создавање вистинска, автономна интелигенција во машините.

Журављов истакнува дека луѓето ќе продолжат да ги прошируваат своите технолошки можности и ќе се обидуваат математички и логички да го моделираат светот, но дека креативноста е нешто сосема друго. Креативниот процес, нагласува, не може да се активира на барање и не подлежи на строги правила. Токму затоа, смета дека машините никогаш нема да ги надминат луѓето како креативни суштества, бидејќи луѓето поседуваат свест, чувства и јасно чувство за сопствениот идентитет.
Тој е исто така скептичен кон идејата за таканаречената емоционална вештачка интелигенција. Иако современите системи можат многу брзо да пронаоѓаат информации и да поврзуваат различни изјави, ова нема никаква врска со вистинска емоционална интелигенција. Машините немаат волја, самосвест, желби, ниту вистинско разбирање на контекстот, хумор или прикладност. Стилот на комуникација што делува „човечки“ е резултат на програмирање, а не на вистинско разбирање.

Секој обид да се формализираат емоциите или мислењето на машина, објаснува Журављов, нужно ги сведува на пресметка и строги правила. Оној моментот кога размислувањето се сведува на формален модел, тоа станува ограничено и ја губи својата сложеност.
Тој како пример наведува едноставен збор како „силен“. За машината да го разбере неговото значење како човекот, таа би морала да ги опфати сите концепти поврзани со силата, нивните нијанси, значењето и контекстот во кој се користат, а потоа сето ова да го сведе на нумерички вредности. Проблемот е што таков опис е секогаш субјективен и не може да ги опфати стилските нијанси и контекстуалната двосмисленост на јазикот.
На крајот, Журављов истакнува дека во својата работа со студенти секогаш инсистира на јасна свест за тоа кој ја контролира машината. Вештачката интелигенција, според него, останува моќна и корисна, но послушна и ограничена алатка. Со други зборови, тоа е изведувач кој веројатно никогаш нема да може да направи повеќе од она што човекот однапред го дозволил и пропишал, пренесува „РИА Новости“.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија