Првиот LinkedIn Experience Center во Лондон е замислен како простор каде што дигиталната и физичката поврзаност се спојуваат во уникатно искуство. Преку иновативен дизајн, овој центар охрабрува средби, размена на идеи и заедничко истражување на иднината на работењето.

LinkedIn повеќе не е само дигитална платформа за професионално вмрежување – сега оди чекор понатаму, создавајќи простор каде што врските се воспоставуваат во живо. Како што пишува Design Week, архитектонската фирма Ab Rogers Design го проектирала првиот LinkedIn Experience Center во срцето на Лондон, простор што ги комбинира технологијата и физичкиот контакт, потикувајќи ја интеракцијата помеѓу професионалци, компании и организации.

Од празен простор до динамичен центар
LinkedIn Experience Center се наоѓа на приземјето во зградата The Ray, проектирана од AHMM, а некогаш служела како седиште на The Guardian. Првично замислен како малопродажен простор, овој дел од зградата долго време бил празен – сè додека LinkedIn не одлучил да го трансформира во модерен деловен клуб.

Архитектура инспирирана од улиците на Лондон
Првиот впечаток што го остава овој објект е чувство на отвореност и поврзаност. Главното фоаје, наречено The Arcade, обликувано е како внатрешна улица – подот потсетува на градските тротоари, додека различните типови седење создаваат динамична средина. Тука се и впечатливи визуелни детали како што се зелени гардероби и фото кабини со портокалови завеси, кои внесуваат разиграност во просторот.

Флексибилен простор за настани
Централно место зазема мултифункционална сала The Theatre, обложена со акустични панели во боја на корали. Голема ротирачка врата овозможува лесно прилагодување на просторот – од јавни настани до приватни состаноци и ексклузивни работилници.

Дизајн што ја одразува филозофијата на LinkedIn
Овој простор не е само место за собирање гости, туку и еден вид лабораторија каде што се истражуваат трендовите на иднината на работењето. Покрај просторот за „мрежно поврзување“ и настани, LinkedIn овозможил и интерактивни зони за учење, со посебен фокус на вештачката интелигенција и новите технологии.

Просторот се карактеризира со интензивни бои, различни видови седење и прилагодливост, а неговата структура поттикнува поврзување меѓу луѓето.
Ширење на концептот?
Засега, LinkedIn нема конкретни планови за отворање нови Experience центри ширум светот, но овој лондонски проект поставува интересен преседан.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија