Насловна / Вести / Потписи против донесувањето на ДУП за Карпош 4

Потписи против донесувањето на ДУП за Карпош 4

Жителите на скопската општина Карпош започнаа граѓанска иницијатива за собирање потписи против донесувањето на Деталниот урбанистички план за населбата Карпош 4, со кое тие стравуваат дека ќе биде уништено зеленилото околу нивните згради.

Иницијаторите ги повикуваат граѓаните во периодот до 30 септември да се потпишат за поддршка на сопирањето на процедурата за усвојување на ДУП-от.

дуп карпош

Тие ги повикуваат граѓаните да ја посетат Државната изборна комисија во Карпош, во периодот од 8:30 до 16:30 часот, за да се потпишат против уништувањето на зеленилото во населбата. За да успее оваа граѓанска иницијатива, неопходно е во наредните денови да се потпишат минимум 6.001 жители на општина Карпош.

Во повикот до граѓаните објавен на социјалните мрежи се нагласува дека проблемот со предложениот урбанистички план и понатаму тлее. Тие сметаат дека предложениот ДУП треба да се врати во фаза на јавна анкета и дебата поради опасноста од сечење на дрвјата и парковите, намалувањето на циркулацијата на воздухот со новите згради и евентуалниот пад на вредноста на становите поради овие штетни последици.

Со предложениот ДУП за Карпош 4, во населбата е планирано да се изградат три нови деловни објекти, три нови станбени згради, 11 надземни и осум подземни паркинзи.

Жителите сметаат дека нема место за нови градби какви што се зацртани во урбанистичката документација подготвена од Општина Карпош.

Испрати коментар

Scroll To Top