Насловна / Вести / Патни премини кај железнички пруги

Патни премини кај железнички пруги

Вкрстувањето на железничките пруги со други сообраќајници се изведува на два начина:

а) Површинско вкрстување (на едно ниво) – при што горниот строј на пругата треба да се уреди за да можат да поминуваат друмските возила и/или пешаци и велосипедисти.

б) Денивелирано вкрстување (на две или повеќе нивоа) – овој вид на вкрстувања се решава со мостовски конструкции, односно надвозници и подвозници. При одредување на место за поставување на мостовската конструкција треба да се избере економично, сигурно и технички оправдано решение. Често применувани места за лоцирање на објектот се високи насипи или подлабоки ископи.

Изборот на начинот на вкрстување зависи од прописите, потребите, условите, можностите и рангот на сообраќајниците коишто се вкрстуваат. Од безбедносен аспект решенијата на две или повеќе нивоа се подобри, а во одредени случаи и задолжителни.

1

Изглед на патен премин со бетонски панели 

ПОВРШИНСКО ВКРСТУВАЊЕ

Површинските вкрстувања односно патните премини на едно ниво се изведуваат на начин со кој се овозможува премин на друмските возила преку колосекот. Ова се постигнува со изведба на коловозот на патот во висина на горниот раб на шините. Овие премини се уредуваат за да нема штетни влијанија од патниот сообраќај врз шините и колосекот во целина. Покрај тоа конструкцијата и техничкото уредување на патните премини мора да гарантираат одреден степен на безбеденост при движење преку нив. Изградбата на ваквите вкрстувања законски се ограничува и регулира со техничките прописи за изведување и обезбедување на преминот.

- Местоположба на патните премини

Оската на патот на местото каде се врши вкрстувањето со оската на пругата треба да биде во подолг правец или во кривина со радиус поголем од 300 m. На преминот преку пругата патот не смее да биде во преодна кривина. Треба да се настојува аголот на вкрстување да биде што поблиску до 90°, кај пасивни (необезбедени) премини аголот на вкрстување може да биде минимум 60°, а кај активни (обезбедени) премини минимум 45°.

Бројот на патните премини на едно ниво треба да биде ограничен на најпотребниот обем, односно уште во фаза на проектирање треба да се обрати внимание на сите оние места каде се јавуваат повеќе вкрстувања на мали растојанија. Бројот на површински вкрстувања може да се намали со правење на девијација на патиштата.

Растојанието помеѓу два површински патни премини на магистрална пруга со брзина од 100 km/h треба да изнесува минимум 2 km, а за брзини над 100 km/h минимум 2,5  (3) km. За брзини над 160 km/h вкрстувањето треба да се изведе денивелирано. На останатите железнички пруги растојанието помеѓу два премина не смее да биде помало од 1 km. Овие минимални растојанија може да се намалат само во исклучителни случаи. Во урбани средини растојанието помеѓу два премина за пешаци на едно ниво треба да изнесува минимум 500 m.  Растојанието помеѓу патен премин и површинска крстосница (вкрстување на патишта) не смее да биде помало од 30 m.

3

Попречен пресек на систем за големи товари (1 – внатрешен панел, 2 – надворешен панел, 3 – алуминиумски елементи (носачи), 4 – систем за заклучување (стегање), 5 – елемент (рабник) изработен од бетон со висока јакост, специјален малтер и префабрикувана бетонска подлога)

- Геометриски карактеристики на патните премини

Геометриските карактеристики во подрачјето на патните премини на едно ниво треба да се во согласност со стандардите, правилниците и регулативите на државите. Генерално патните премини ги имаат следните геометриски карактеристики:

  • Ширината на преминот зависи од категоријата на патот, односно треба да биде еднаква на ширината на патот, но не помала од 3 m. Ширината на патот пред и по преминот во должина од најмалку 20 m мора да биде еднаква на ширината на преминот на едно ниво. Според стандардите на некои држави во светот како и кај нас, ширината на преминот мора да биде еднаква на ширината на патот плус 0,5 m од двете страни.
  • Коловозот мора да биде на исто ниво со горната ивица на шината во хоризонтала за полесно застанување на возилата, во должина од најмалку 3 m од двете страни на колосекот мерено од оската на пругата. Доколку има повеќе колосеци, оваа должина се мери од оските на крајните колосеци.
  • Надолжниот наклон на патот на 10 m лево и десно од преминот треба да биде до 2 % (3 %).

- Составни делови на патните премини

Во денешно време постојат разни видови и конструкции на патни премини на едно ниво. Деловите на секој вид на премин треба да овозможат сигурно движење на железничките и на патните возила како и на пешаците и велосипедистите. Генерално составните делови на премините се:

а) Исполна (покривка) – претставува просторот помеѓу шините и надвор од колосекот (најмалку 70 cm) кој се уредува со калдрмисување (гранитни коцки и слично), асфалтирање или со специјални елементи (панели или платна) изработени од дрво, пластика, гума или бетон.

4

Изглед на патен премин со гумена исполна 

б) Контрашини – служат за безбедно движење на железничките возила во делот на преминот. Овие шини се поставуваат од внатрешна страна на возните шини, со што се обезбедуваат жлебови со облик и димензии кои овозможуваат лесно и безбедно поминување на друмските возила, пешаците и велосипедистите.

в) Сигнално сигурносна опрема – служи за најава на приближувањето на железничките возила кон преминот. Тука спаѓаат светлосни и звучни знаци, вертикална патна сигнализација и браници (со рачно или автоматско регулирање) кои се поставуваат на потребните растојанија од преминот. Во зависност од поставената сигнализација која пак зависи од рангот на пругата и патот како и начинот на вкрстување, премините се делат на:

  • Активни (обезбедени) – каде осигурувањето, односно сигнализацијата се врши со динамички (променливи) сигнали, кои на учесниците на патниот сообраќај им го најавуваат приближувањето на возот. Тука спаѓаат премини кои се опремени со светлосна и звучна сигнализација, браници и премини за чија сигурност се грижат железнички работници.
  • Пасивни (необезбедени) – каде осигурувањето се врши со статички сигнали чиј облик, боја, положба и значење се пропишани со законски одредби од подрачјето на железничкиот и патниот сообраќај. Кај пасивните премини покрај сигнализацијата важна е и прегледноста во делот на вкрстувањето. Триаголникот на прегледност е сигурносна мерка од помал степен во однос на сигнализацијата, која се воспоставува претежно на пруги и патишта со мал сообраќај. Триаголникот на прегледност е слободна површина која на учесниците во патниот сообраќај им осигурува непречен видик на железничката пруга од двете страни на патот и/или пешачката патека. Во просторот на триаголникот на прегледност не треба да се градат објекти и постројки, да се поставуваат предмети и да се садат растенија кои би можеле да ја попречат прегледноста.

ВИДОВИ НА ПРЕМИНИ

Видовите на патни премини и нивната конструкција варираат низ светот во зависност од потребите, условите, стандардите и секако од самите производители на составните делови. Најчесто конструкциите, односно системите се класифицираат според материјалот кој се користи како исполна (покривка) помеѓу шините.

- Премини со бетонска исполна

Овие премини најчесто се изведуваат со префабрикувани армирани бетонски панели (плочи). Тие се карактеризираат со голема носивост, трајност, лесна изведба и мали трошоци за одржување. Вообичаено кај овие системи се елиминира директно товарење на праговите, додека се одржува константно ниво со шината.

- Премини со гумена исполна

Ваквите премини се изработуваат од гумени панели коишто имаат голема носивост, трајност и флексибилност. Исто така овие панели се отпорни на пукање, вода и голем број на хемикалии. Предноста на овие видови на премини во однос на другите е што возењето по нив е тивко (не предизвикува бука) и елементите од кои се изработуваат се во голем процент од рециклирани материјали, а на крајот од нивниот животен век повторно може да се рециклираат. Во зависност од производителите и местата каде што треба да се применат, овие премини покрај гумени панели се комбинираат и со бетонски и алуминиумски елементи.

2

3Д изглед на елементи кај систем со гумена исполна

- Премини со исполна од асфалт

Еден од поважните материјали кој често се користи како исполна во делот на премините е асфалтот. Во зависност од сообраќајниот волумен, премините може да се изведат само со асфалт (мал волумен) или во комбинација со дрво или гума (поголем волумен).

- Останати видови на премини

Покрај наведените постојат и други видови на премини, односно други видови на материјали кои се користат како исполна. Во почетоците просторот помеѓу шините се исполнувал со песок и чакал. Карактеристичен случај кој наоѓал примена во минатото е користењето на гранитни коцки како исполна.

5

Изглед на патен премин со исполна од асфалт (комбиниран со гума)

ЗАКЛУЧОК

Патните премини на едно ниво се површини кои го опфаќаат делот каде се вкрстуваат пругата и патот, но и приодите кон ова вкрстување чиишто карактеристики се определуваат за да има акомодација на останатиот сообраќај. Секој премин претставува дисконтинуитет во двата вида на сообраќај, односно во железничкиот и во патниот. Конструкцијата на самиот премин може да биде изработена од разни видови на материјали во зависност од потребите и можностите. За да се постигне сигурно и безбедно движење на возилата, секој премин треба да има соодветна сигнално- сигурносна опрема.

Автори: Златко ЗАФИРОВСКИ, д.г.и.Васко ГАЦЕВСКИ, д.г.и.

 

УКИМ, Градежен факултет Скопје

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top