Насловна / Вести / Осум проекти во потесен круг на листата за Проекти од заеднички интeрес на Енергетската заедница

Осум проекти во потесен круг на листата за Проекти од заеднички интeрес на Енергетската заедница

Секретаријатот на Енергетската заедница избра осум проекти кои се кандидати за новата листа на Проекти од интерес за Енергетската заедница. Моментално во тек се и јавни консултации за овие проекти.

Во согласност со уредбата на Европската унија за насоките за трансевропската инфраструктура  (Regulation (EU) 2022/869), листата на проекти од интерес за Енергетската заедница (Projects of Energy Community Interest  – PECI) мора да се усвои на секои две години. Новата листа би требало да биде усвоена во декември. До 19-ти јануари 2026 година, кога беше крајниот рок, поднесени биле 27 проекти – 16 за електрична енергија и 11 за природен гас. Осум проекти за електрична енергија ги исполниле поставените услови. За нив веќе се отворени јавни консултации. Станува збор за следните проекти:

  • Далековод 400 kV Гацко (БиХ) – Брезна (Црна Гора)

Проектот се однесува на нов далековод помеѓу трафостаницата Гацко во БиХ и трафостаницата Брезно во Црна Гора. Линијата ќе помогне во интеграција на новите обновливи извори на енергија во двете земји, намалување на загушувањата во реионалната преносна мрежа и подобрување на интеграцијата на пазарите и сигурноста во снабдувањето.

  • Трансбалкански коридор – далековод Плевља (Црна Гора) – Бајина Башта (Србија) – Вишеград (БиХ)

Инвестицијата се однесува на двоен далековод од 400 kV со цел да се заврши Трансбалканскиот енергетски коридор. Проектот ќе го зголеми прекуграничниот преносен капацитет, ќе ја олесни поголемата размена на енергија со Италија и ќе ја поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија во регионалниот електроенергетски систем.

  • Далековод Брезна (Црна Гора) – Сараево 20 (БиХ)

Предлог проектот се однесува на електроенергетска интерконекција од 400 kV, вклучувајќи изградба на нова трафостаница Пива. Ќе ги зајакне прекуграничните преносни капацитети, ќе ги намали загубите, ќе ја подобри интеграцијата на обновливите извори на енергија и сигирноста во снабдувањето, како и интеграцијата на пазарите на електрична енергија помеѓу двете држави.

  • Обнова на врската Требиње (БиХ) – Перучица – Подгорица (Црна Гора) – Вау Дејес (Албанија)

Проектот се однесува на рехабилитација на постоечкиот 220 kV далековод со замена на старите проводници и опрема заради зголемување на преносниот капацитет. Надградбата ќе ги намали загушувањата помеѓу трите земји, ќе овозможи поголема интеграција на обновливите извори на енергија и ќе ја подобри прекуграничната размена на електрична енергија и сигурноста на снабдувањето во регионот.

  • Интерконекција Исток – Запад (Косово – Македонија)

Инвестицијата подразбира нов 400 kV помеѓу трафостаницата Призрен и нова трафостаница во Тетово, како дел од интерконективниот коридор Исток – Запад. Врската ќе ја зајакне поврзаноста на мрежата со Албанија, ќе ја зголеми прекуграничната размена на електрична енергија на Западниот Балкан и ќе овозможи поддршка во интеграцијата на обновливите извори на енергија.

  • Реверзибилна хидроелектрана Моглице (Албанија)

Проектот предвидува изградба на реверзибилна хидроелекрана во Албанија со додавање на горно езеро на системот на постоечката хидроелектрана Моглице. Реверзибилната хидроелектрана ќе ја користи постоечката акумулација како долно езеро. Со капацитет од 1.620 MW и околу 30 GWh за складирање, електраната ќе обезбеди критична флексибилност на системот и капацитет за балансирање, поддржувајќи ја интеграцијата на обновливите извори на енергија и зајакнувајќи ја сигурноста на снабдувањето со енергија на Западен Балкан.

  • Реконфигурација на мрежата од 400 kV и нова интерконекција Албанија – Косово

Проектот ќе ја прошири преносната мрежа од 400 kV со нови трафостаници, надоградена мрежна инфраструктура и нова интерконекција од 400 kV помеѓу Призрен и Фјерза. Инвестицијата ќе ги намали загушувањата на постоечкиот 400 kV далековод, ќе овозможи интеграција на над 1 GW планиран капацитет на ветерни електрани во североисточна Албанија и ќе ја зајакне регионалната размена на електрична енергија, интеграција на пазарот и сигурноста во снабдувањето.

  • Далековод 330 kV Балти (Молдавија) – ХЕ Дњестровск 2 (Украина)

Проектот ќе ја зајакне електроенергетската интерконекција помеѓу двете земји преку нов далековод од 330 kV кој ги поврзува Балти и хидроелектраната Дњестровск.

Испрати коментар

Scroll To Top