Насловна / Архитектура / Уникатна дрвна кровна конструкција

Уникатна дрвна кровна конструкција

unikatna-drvna-krovna-konstrukcija-1.jpgОлимпискиот центар во Ричмонд (Richmond Olympic Oval), Канада, е една од
најголемите градби изградени за зимските олимписки игри во Ванкувер,
2010 година. Проектиран е специјално за да се одржува натпреварувањето
во брзо лизгање и да овозможи влез за 8.000 посетители. Објектот се
простира на скоро 2,5 хектари површина, која е целосно премостена без
поставување на носечки столбови. Оваа градба претставува пример за
големите достигнувања на канадските инженери и производителите од
областа на дрвната индустрија.

 

 Интересно е да се напомене дека објектот е започнат со градба во 2005 година, а отворен во декември 2008 година, на време и во рамките на предвидениот буџет. Неговата цена на изградба изнесува 155 милиони долари. Со посебен пристап во проектирањето се изработувал Олимпискиот центар, кој покрај неговата големина, комплексноста се зголемувала со инсистирањето на инвеститорите, овој објект да задоволува високи критериуми за енергетска ефикасност и заштита на природата. Уште во почетокот на дизајнирањето, во Олимпискиот центар било предвидено да се адаптира на потребите и по олимписките игри.

unikatna-drvna-krovna-konstrukcija-2.jpg

 

Со завршувањето на олимписките игри, овој простор бил променет во повеќенаменски спортски центар, кој треба да привлекува домашни и странски спортисти во многу дисциплини. Со овие идеи, архитектонскиот тим на Cannon Design во соработка со инженерите на Glotman Simpson, Fast + Epp, добиле задача да креираат објект, кој нема да биде само простор за одржување на олимписките игри, туку во неговиот дизајн да ги инкорпорира културните и историските вредности на Ванкувер, заштитувајќи ја еколошката зона во околината. Објектот е организиран на три нивоа, подземен паркинг, прво ниво со влез, лоби, простории за сервисирање на објектот и циркулација на луѓе и следно ниво фантастичната спортска сала со уникатна дрвна кровна конструкција и прекрасни погледи кон надворешната природа.

 

unikatna-drvna-krovna-konstrukcija-3.jpg

 

КОНСТРУКЦИЈА

 

Олимпискиот центар е позициониран на речна делта, каде што ровитата земја достигнува длабочина од цели 213 метри. Ова претставуваше голем предизвик за инженерите и геолозите, кои требаа да проектираат фундаменти кои ќе го задоволат критериумот што се бара за објектот, посебно кога станува збор за спорт како брзо лизгање. Исклучително рамна површина треба да се постигне за достигнување на стандардите за одржување на ваков тип на спорт во олимписки игри.

unikatna-drvna-krovna-konstrukcija-4.jpg

Сликовито претставено, на површина долга околу 400 метри, толеранцијата за отстапување не смее да биде поголема од 20 милиметри. Темелните анализи покажувале дека за оптимални перформанси, ледената површина треба да биде подигната во однос на површината на околниот терен. Како решение било предложено објектот да се проектира во две нивоа, со што не се добива само одлична рамнина за ледената површина, туку долниот простор се искористува за паркинг, помошни простории, продавници, простории за тренинзи и друго.

 

unikatna-drvna-krovna-konstrukcija-5.jpg

Товарите од големата кровна конструкција се пренесуваат преку бетонски столбови, кои заради дополнителна стабилност се цврсто поврзани со двете меѓукатни конструкции. Внатрешните преградни ѕидови имаат двојна задача: да стабилизираат во случај на земјотрес, и да се дополнителни носачи за дополнителни вертикални товари.

Дизајнот на кровната конструкција е заеднички труд на архитектите, инженерите и градските власти на Ричмонд. Кровната конструкција е составена од дрвни лепени носачи во лачна форма со помошни метални држачи, со што се премостува должина од 100 метри. Визијата на дизајнерскиот тим беше да создадат уникатен центар, кој ќе биде место каде ќе се собираат локални и интернационални спортисти и ќе имаат одлични можности за меѓусебно натпреварување и напредување во спортот.

 

Со Олимпискиот центар во Ричмонд се достигнува сето тоа и многу повеќе. Преку креативниот дизајн и извонредно проектирање, и со иновативниот начин за искористување на локалните материјали, се доби еден прекрасен центар, кој ги спои културата и историјата на тие простори и ја отсликува вистинската економска слика за регионот.

 

Александар Черепналкоски,
дипл. инж. по дрвна индустрија

Испрати коментар

Scroll To Top