Насловна / Вести / Одбележани 15 години СЕЕФОРМ на Градежниот факултет

Одбележани 15 години СЕЕФОРМ на Градежниот факултет

Градежниот факултет во Скопје свечено одбележа 15 години од формирањето на докторската школа СЕЕФОРМ (South Eastern European School for Master and PhD Formation in Engineering)  преку која успешно координира 15-годишна активна интернационална научноистражувачка соработка меѓу универзитетите од нашиот регион и Германија.

4H5A5843

СЕЕФОРМ претставува проект на германската агенција за академска размена ДААД и Европскиот пакт за стабилност за југоисточна Европа кој ги поддржува докторските студии по градежништво на Универзитетите од Белград, Ниш и „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Интернационалната структура на школата, составена од повеќе југоисточни и германски универзитети, овозможува успешна поддршка на селектирани докторанди од регионот преку обезбедено двојно менторство со професор од локален и германски универзитет, стипендија за едногодишен научноистражувачки престој на избран германски универзитет и организирана програма за контролиран напредок во истражувањето преку учество во различни семинари и работилници.

Со поздравен говор во амфитеатарот на факултетот, продеканот за настава на Градежниот факултет во Скопје, проф. д-р Златко Зафировски, го отвори настанот и посака добре дојде на бројните присутни гости од академската заедница од областа на градежништвото, на ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, како и на претставници од германската амбасада и германската агенција за академска размена ДААД.

4H5A5835

Градежниот факултет со прекрасно организираната свеченост овозможи јубилејно прославување на еден значаен интернационален проект. „СЕЕФОРМ  денес претставува  еден уникатно препознатлив регионален бренд за успешен пристап во обезбедување на потребни истражувачки ресурси и мобилност на студенти и академски кадар, што пак, несомнено, претставуваат неопходна компонента за достигнување повисок квалитет во научноистражувачката дејност“, рече ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски.

Ретроспективни обраќања од координаторот на школата, проф. д-р Рудигер Хофер (декан на Градежниот факултет од Рур Универзитетот во Бохум, Германија) и регионалниот координатор, проф. д-р Елена Думова- Јованоска од Градежниот факултет во Скопје, ни овозможија хронолошко патување низ времето, од формирањето на СЕЕФОРМ во 2004 година и креативната енергија на основоположникот на програмата проф. д-р Гунтер Шмит (Градежен факултет од Рур Универзитетот во Бохум) , до денес, кога во рамките на школата 25 стипендисти од земјите во регионов успешно го завршија своето докторско истражување.

Настанот беше збогатен со промоција на специјалното издание на научното списание на градежно инженерство (SJCE) кое два пати годишно го издава Градежниот факултет во Скопје. Презентацијата од главниот уредник, проф. д-р Маријана Лазаревска, продекан за наука и меѓународна соработка на Градежниот факултет во Скопје, овозможи сублимиран преглед во интересните содржини на новоиздадениот број од списанието, во кој 17 научни трудови на СЕЕФОРМ стипендисти од повеќе различни генерации и регионални универзитети даваат јасна слика за успешноста на школата.

На крајот, свеченоста ја одбележа и презентацијата на докторската дисертација на најскоро докторираниот СЕЕФОРМ стипендист д-р Симона Богоевска, асистент на Градежниот факултет во Скопје. Докторската дисертација со оригинален наслов „A holistic framework for data-driven diagnostics of operational wind turbines“ е одбранета на Градежниот факултет на Рур универзитетот во Бохум, Германија, во ноември 2019 година, под тројно менторство на проф. д-р Рудигер Хофер, проф. д-р Елена Думова-Јованоска и проф. д-р Елени Хаџи од ETH Универзитетот во Цирих, Швајцарија.

Испрати коментар

Scroll To Top