Насловна / Вести / Од утре почнува „Скопје Креатива 2015“

Од утре почнува „Скопје Креатива 2015“

skopje kreativa 2015 (2)

На денешната прес-конференција секретарот на Град Скопје Марјанчо Тодоровски, раководителот на Секторот за jавни дејности на Град Скопје Тања Балаќ, програмскиот директор на овој настан Лазе Трипков, го најавија отворањето на четвртиот Фестивал за креативни индустрии – Скопје Креатива 2015 кој ќе се одржи од 16 до 20 септември на Спортско рекреативниот центар „Плаја Виста“.

Тања Балаќ, раководител на Секторот за jавни дејности на Град Скопје, ја отвори конференцијата за медиуми и посочи: „Скопје Креатива полека гради позиција на проект кој е од особено значаење за младите македонски креативци, преку кој им се нуди одлична можност за промоција, што е едно од главните приоритети за  организаторите. Проширувањето  на програмата со учесници и проекти од странство на фестивалот му дава меѓународен карактер, што е исто така цел на која и посветуваме големо внимание“.

– Чест ми е и  задоволство што  Ви се обраќам по повод оддржувањето на  4-то издание на Фестивалот за креативни индустрии  – „Скопје креатива 2015“, што е во организација на ЈУ Конгресен Центар „Александар Македонски“, а ќе се оддржи од 16 до 20 септември 2015 во  Спортско рекреативниот  центар „Плаја Виста“ . Градот Скопје  во својата програмска определба последните 4 години се насочува кон сé поголема поддршка и иницирање на нови активности за развој и поттикнување на креативните индустрии, меѓу кои секако големо место зазема и организирањето на  фестивалот „Скопје Креатива“. Програмата на Град Скопје за развој на креативните индустрии опфаќа активности, чијашто цел е да се поттикне индивидуалната креативност, вештина и талент, а чиишто потенцијали и производи може да создадат економска придобивка  и да отворат нови работни места развивајќи ја и притоа кретивната економија, како нов сегмент и  во бизнис  секторот и во културата.

skopje kreativa 2015

Стремејќи се кон добивање на епитетот и статус на креативен град,  Градот Скопје во соработка со  претставниците на  креативната и уметничката заедница ќе продолжи да ја остварува целта што беше зацртана пред 4 години, а тоа е да се создаваат просторни и организациски услови за работата и дејноста на креативниот сектор. Оваа година Град Скопје во својот Буџет издвои 3.000.000 денари за реализација на Фестивалот „Скопје Креатива“ што овозможи во четирите фестивалски денови, фестивалот да понуди околу 60 настани со домашни и меѓународни гости и учесници на кои  им посакувам топло добредојде во Скопје и пријатен престој во нашиот град- истакна  секретарот на Град Скопје, Марјанчо Тодоровски.

Лазе Трипков, програмскиот директор на Скопје Креатива 2015, изјави дека ова ќе биде поинакво доживување од другите слични проекти и додаде: „Со годинешниов фестивал и неговото мото „Скопје – мојот град!“  нашиот град се става на мапата на ваквите креативни фестивали. Пред нас се 60 активности од сите креативни сектори подеднакво – уникатни изложби, презентации, работилници, проекции,перформанси и одлична музичка програма. Исто така, ќе организираме креативни работилници за најмладите, средношколците и за сите други креативци коишто сакаат да учествуват  на фестивалот.“

 

Во 60-те настани, колку што ќе понуди годинешново издание на Скопје Креатива публиката ќе има можност да биде дел од работилници на македонските креативци Марија Ветероска, Ласко Џуровски, маркетинг агенцијата Меккен, Сивус, Пакомат, оригиналниот проект за интервенции во јавен простор „Облици и форми“ од Полска, еден од најголемите дизајн таленти Јан Бајтлик, како и регионалните лидери во дизајнот и маркетингот како Борут Вилд, Марко Миладиновиќ и Драган Варагиќ. Работилнците и презентациите ќе бидат надополнети со 11 изложби, како престижната колекција на њујоршката Школа за визуални уметности која се состои од дела на Стефан Загмајстер, Милтон Глејзер, Мирко Илиќ, изложбата на логоа од Костадин Танчев Динка, Институтот за мода на Изет Цури, изложбата на инстаграм фотографии за Скопје. На фестивалот ќе се претстават и проектот „Недела на архитектурата – Тирана“, „Паквити“ од Белград, македонските проекти „Творница“, „Доминуим“, „New Vintage“, полската школа за анимација и ОХО продукцијата. Дополнително Скопје креатива 2015 ќе понуди посебен концепт на Поп-ап стор, презентација на портфолиа со меѓународно жири,a музичката програма ќе биде предводена од одличните ПМЏ колектив,  Канда Коџа и Небојша, DJ Зоки Бејбе.

Фестивалот за креативни индустрии Скопје Креатива 2015 нуди иновативен концепт на културната сцена со различен пристап во размената на искуство.

Овој фестивал останува  доследен на претходните изданија и ќе биде  од  отворен карактер.

Утрешното отворање на Спортско рекреативниот центар „Плаја Виста“, (веднаш до лизгалиштето Кале) во 20 часот ќе вклучува презентација на 10 изложби, дружење со гостите и учесниците, а свој настап ќе имаат ПМЏ колектив и диџеј Зоки бејбе.

Испрати коментар

Scroll To Top