Насловна / Архитектура / Објект „Емпорио“ – ново собиралиште на жителите од Ѓорче Петров

Објект „Емпорио“ – ново собиралиште на жителите од Ѓорче Петров

emporio objekt (6)

Секогаш се зборувало, кога се гради, добро е, затоа што просторот на кој се гради живее и дише. Градот Скопје дише со полни бели дробови и на своите рамења носи многу градилишта кои го менуваат неговиот изглед, неговата содржина и функција.

Фокусот на јавноста последниве години кај нас како да беше главно насочен кон проектот Скопје 2014? Загледани во овој, за наши услови, огромен проект, не погледнувавме и не забележувавме што се случува на полето на архитектурата надвор од центарот на Скопје, а уште помалку во другите градови на Македонија!emporio objekt (11)

Со сè она што се случува во Скопје, барем нам архитектите ни се чини како архитектурата свесно или несвесно, наметливо или ненаметливо, се оддалечува од својата рационална природа.

И додека со Скопје 2014 се враќаме кон користење на класични технологии, правење на сценографија за одредени партиски потреби користејќи веќе одамна одминати архитектонски изрази кои во денешно време изгледаат анахроно и невкусно, има исклучоци, за среќа, кои употребуваат нови експресивни форми врзани за новите технологии.emporio objekt (8)

Веќе подолго време во општината Ѓорче Петров на самиот кружен тек, од десната страна движејќи се кон излезот на градот, во правец на паркот стои оградена локација. Тоа е местото каде што се гради новата зграда на бизнис центарот „Емпорио“, во кој еден дел е наменет за општинската административна зграда. emporio objekt (4)

Овој проект е реализација на договорот за јавно и приватно партнерство помеѓу општината Ѓорче Петров и компанијата „Трансмет“ од Скопје, која воедно е и изведувач на градежно-занаетчиските работи на објектот.

Трговските или бизнис центри полека но сигурно станаа неизбежен дел од нашето секојдневие. Се градат насекаде, каде што има можност и потреба од нив. Тоа се места кои покрај функционалните значења за многу посетители претставуваат општествени собиралишта, места за прошетка, простор за забава или, едноставно, бегство од секојдневието.

Тие денес станаа нови храмови на современиот потрошувачки стил. Се поврзуваат со купување и забава, со трошење и уживање на сопственото слободно време. Замислени како места во кои може да се проведе целиот ден во комбинација со купување, забава и рекреација. Тие стануваат нови центри на собирање, центри подалеку од центарот на градот.emporio objekt (2)

Проектот на овој административно-деловен комплекс, кој се состои од два објекта на приземје и пет ката, архитектонско и визуелно поврзани, е на архитектите од познатото проектантско студио „ДСЦ Дизајн“ од Скопје. Објектот го конципирале како бизнис центар со низа различни комплексни содржини.

Поради разноликоста на содржините и функциите што треба да ги опфати центарот, проектантите направиле функционална поделба по хоризонтала и вертикала. Содржините се јасно диференцирани, а пристапите до одредени функции се третирани според очекуваниот број на посетители.emporio objekt (14)

Основа на приземје

Концептот на пешачка улица, околу која гравитираат трговски и деловни содржини, се протега низ двата први ката на овој центар, додека на третиот и четвртиот кат се наоѓаат исклучиво деловни простории. На петтиот кат, освен деловни содржини, проектирани се и мултинаменска сала, пет бизнис апартмни наменети за деловни гости, како и фитнес и спа центар наменет за вработените и за гостите на центарот.emporio objekt (13)

Со галопирачка изградба на згради и заземање на зелените градски површини, градините полека се селат на крововите. И на нивото на вториот кат на бизнис центарот, проектирани се две кровни градини кои се наоѓаат на западната и северната страна. Тие придонесуваат за квалитетот на просторот како и за квалитетот на работата во општинската зграда, која е во директна визуелна комуникација со овие две кровни градини.

Да направиш градина на кровот, да посадиш дрвја, грмушки и зеленило кое ќе расте над бетонот, да го вратиш во живот просторот што ѝ е одземен на природата, е голем предизвик за архитектите, кои при проектирањето пристапиле со голем ентузијазам.

Центарот има две подземни нивоа кои се наменети за супермаркет, технички простории и паркинзи за вработените и посетителите.

emporio objekt (15)

Општинската зграда е вториот дел од комплексот. Таа се состои од приземје и четири ката. Освен канцеларии, санитарии и помошни простории за вработените и посетителите, зградата има и аудиториум со мултинаменска сала за 80 луѓе. На првиот кат се наоѓа атриум кој се протега и низ останатите катови. Завршува со купола преку која целиот простор добива дневно светло.emporio objekt (16)

Основа на втори кат

Еден архитект е успешен онолку колку ќе успее да „зароби“ повеќе природна светлина во својот објект. Овде тоа е направено со многу умешност и знаење. Просторот добива атмосфера и амбиент, предизвикува чувства. Добрите архитекти се препознаваат по тоа што успеваат кај луѓето да предизвикаат чувства, да го бараат и да го најдат она што не го познаваат; до детали, проектирајќи го, и со своите цртежи да го прикажат објектот што постои само во нивните глави.

emporio objekt (18)

Целиот комплекс е изведен во армирано-бетонска конструкција, со столбови и греди. Фасадната обвивка на објектот е внимателно проектирана. Употребени се природни материјали како травертин, дрво, стакло, а на места се поставени вертикални бетонски елементи обоени во бела боја.

Фасадата е вентилирана, а на делот кај што се поставени сервисните ходници таа е контактна, додека кај влезните партии таа е структурална стаклена фасада. Преку фасадата целиот комплекс одлично се вклопува во урбаната матрица како и органско поврзување со целиот пејзаж.

Правците од кои поаѓаат постоечките пешачки текови и точките на нивните вкрстувања биле едни од појдовните основи при проектирањето. Целиот објект воспоставува врска помеѓу старото и новото, помеѓу постоечкиот парк, пазарот и околните објекти.

Постоечките целини се третирани како единствен простор со цел на подоцнежна трансформација на одделни структури и создавање на можности за оживување на сите потенцијали на просторот. Постигнат е визуелен континуитет и целосна интеграција на просторот, негова синхронизирана употреба од страна на различни категории на корисници, како и остварување на висока безбедност на пешаците.

emporio objekt (21)

Новиот бизнис центар „Емпорио“, откако ќе биде во целост изграден, ќе стане ново секојдневно собиралиште на жителите од Ѓорче Петров и пошироко. Поврзувајќи ја содржината со архитектонскиот израз на објектот, архитектите од „ДСЦ Дизајн“ успеале да доловат целосно доживување, она што не може да се изрази во квадратни метри и сувопарни бројки.

Ќе го следиме објектот од фаза на градба сè до неговото свечено отворање. Целиот комплекс на објектот се простира на 15.000 м2 бруто развиена површина, од кои околу 11.400 м2 припаѓаат на бизнис центарот и 3.600 м2 на општинската зграда.

Испрати коментар

Scroll To Top