Насловна / Архитектура / Настрана од бетонскиот индустриски пејзаж

Настрана од бетонскиот индустриски пејзаж

Земјоделството е доминантна гранка во Јакима, регион што се наоѓа во сојузната држава Вашингтон, САД. Плодната вулканска почва, сончевите денови и наводнувањето од реката Јакима, се одлична основа за бројните овошни насади во овој дел. Семејната компанија Washington Fruit основана во далечната 1916 година, прерасна во еден од лидерите за производство, пакување и испорака на овошје во светот. Компанијата поседува приближно 365.000 m2 индустриски круг каде се наоѓа една од најсофистицираните технологии за сортирање и пакување на овошје.

Vlez
Во околината на постоечката централа, која се состои од рамни предели, преовладуваат коцкести структури кои се опколени со асфалтирани површини, камиони и големи системи за смрзнување на овошје. Менаџерскиот тим на компанијата посака ново главно седиште кое ќе биде настрана од бетонскиот индустриски пејзаж. Тие посакаа седиште изградено со природни материјали, без бетон и асфалт, со форми кои не се строго коцкести, заштитено од бучните автопати и светлина, и акустика како едни од главните приоритети на ентериерот. Оваа задача ја доби архитектонското студио Graham Baba Architects, кое е проектант на идејното и главното решение на новата централна деловна зграда.

Glaven vlez
Пристапот на архитектите кон новиот деловен објект бил со креирање на работна оаза во внатрешноста, односно средината на објектот. Градбата е обиколена со вештачки земјени насипи со што се создава визуелна и звучна бариера со индустиската околина и бучните автопати. Со самата визуелна бариера погледот го привлекуваат околните ридови и природа, кои се наѕираат над преградата. Во срцето на објектот се наоѓа отворен двор кон кој се свртени сите внатрешни работни простории. По целата должина на објектот кој гледа спрема дворот, фасадата е проектирана со стаклена површина која покрај тоа што ги осветлува работните простории, визуелно го поврзува ентериерот со дворот создавајќи здрава и пријатна работна средина.

Perspektiva

Во целиот ентериер се користени топли и природни бои и материјали, а најчесто дрвото. Отвореноста на просторот и нискиот мебел креира голем и светол внатрешен волумен кој создава чувство на слобода и ненаметливост.

Enterier 2
Напуштена стара дрвена плевна била единствената архитектонска естетска насока која им била дадена на проектантскиот тим. Дијагоналните структурни елементи на плевната биле видливи, а останатите дрвени ѕидни облоги биле оштетени од атмосферските влијанија. Но оваа структура претставувала метафора за новиот објект.

Enterier 1

Новиот дизајн е замислен како плевна која се наоѓа во фаза на распаѓање додека природата создава процес на обнова. Делови од ѕидните површини се „отстранети“, и се пополнети со стаклени површини. Конструктивнот систем е откриен и видлив и е изразен во дијагонали.

Fasada 1

Согласно овој концепт и столбовите се благо закосени. Фасадата на јужниот дел е обложена со стари дрвени елементи рециклирани од стари плевни од околниот регион.

Detal Fasada i staklen dzid
Објектот има посебна просторија за приготвување на храна, исто така и менза за 30 лица која обезбедува неделни собирања на теренските работници од овоштарниците. Овој настан овозможува дружење на работниците од полињата кои ги растат овошјата и луѓето кои ги продаваат. Менаџерите сметаат дека оваа врска е многу значајна за понатамошно развивање и растење на компанијата.

Fasada 2
Главната стратегија за одржливо функционирање на објектот била минимизирање на загревањето и ладењето на објектот и намалување на потребата за електрична енергија за осветлување. Ориентацијата на отворената стаклена фасада е на североисток. Регионот Јакима просечно има 290 сончеви денови годишно така што високите стаклени прозорци во голема мера ја намалуваат потребата за осветлување на ентериерот. Фотокелии ја балансираат светлината во ентериерот за време на потемни денови.

Detal

Награди:
AIA Institute Honor Award
German Design Award
WoodWorks Wood Design Award – Low Rise Comercial
Wood Design & Building Honor Award
Gray Award for Commercial Architecture
Architizer A+ Award
Chicago Athenaeum: Architecture Award
AIA Seattle Merit Award
AIA Northwest & Pacific Region Honor Award
WASLA Merit Award
Best of the West Honorable Mention

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top