Насловна / Арт и дизајн / Најголемата постојана изложба во светот

Најголемата постојана изложба во светот

Околу 270 милиони патници го користат стокхолмското метро секоја година. Покрај тоа што овој вид на јавен превоз е многу поевтин и еколошки поприфатлив отколку такси или автомобил, што е всушност заедничко за сите метро системи насекаде во светот, во овој скандинавски град метрото овозможува патување во светот на уметноста. Веројатно најголемата постојана светска изложба е лоцирана токму во 110 километри долгата метро мрежа. Имено, 90 од вкупно 100 метро станици во Стокхолм се специјално осмислени и дизајнирани од уметници од целиот свет. Започнувајќи да ја создава својата уметничка приказна уште во 50-тите години на минатиот век, стокхолмското метро е всушност 110 километри долго патување низ повеќе од пет децении од европската историја на уметноста.

Stokholm metro7

Длабоко под 14-те острови кои го сочинуваат Стокхолм, одолевајќи на предизвиците од Балтичкото Море, скриена е оваа несекојдневна и ретка уметничка збирка која се состои од слики, резби, скулптури, мозаици и сл. Оваа перманентна поставка содржи во себе многу елементи, почнувајќи од поствоениот период со изразено политичко влијание, па сè до постмодернизмот, создавајќи на тој начин прекрасен омаж на уметноста и убавото во еден вообичаено прагматичен и стерилен објект од сообраќајната инфраструктура какво што е во суштина метрото. Сепак, тоа не е необично за Стокхолм, кој  е домаќин и на најдлабокиот хотел во светот, сместен на 150 метри под површината на земјата, во просторот на некогашниот рудник за сребро.

Идејата за создавање уметност во метрото, потекнува од една дебата која започнува уште кон крајот на 19-тиот век. Многумина тврделе дека уметноста треба да биде подостапна за пошироката јавност, наместо да биде привилегија за ексклузивните салони резервирани за шведската елита.

Stokholm metro

Оваа идеја полека се преточува во реалност, и тоа како дел од новата политичка идеологија на доцните педесетти години од двесеттиот век, позната под името Folkhemmet (Домот на народот), предводена од шведската социјалдемократска партија.  Додека поголемиот дел од Европа сè уште економски закрепнувал од Втората светска војна, неутралноста на Шведска и солидните даноци на приход, ѝ овозможиле на оваа земја доволно средства за остварување на своите визии. Folkhemmet воведува многу благодети во однос на социјалното и здравственото осигурување согласно принципите на вистинска социјална држава, но исто така започнува и културен подем.

Stokholm metro1

„Социјалдемократите се залагаа уметноста да не биде привилегија на тесен круг и во одредена смисла изолирана, туку дека таа треба да биде во целосна интеграција со самиот град и со секој негов јавен простор“ вели Birgitta Muhr (1961), скулптор, која во 2002 е избрана за автор на скулптурата која и денес ја краси Högdalen станицата.“

За волја на вистината, сличен проект во слава на уметноста е карактеристичен и за московското метро, но за жал таму се слави империјализмот од златните денови на Русија, како и декоративната уметност од советско, поточно сталинистичко време. Во Стокхолм пак, уметниците се инспирирани да создаваат минималистички и апстрактни креации.  Меѓу уметниците кои оставиле свој печат треба да се спомене и името на Siri Derkert (1888-1973), сликар и скулптор, како и поранешен лидер на Svenska Kvinnors Vänsterförbund, (Шведско левооориентирано женско здружение).  Derkert има работено на станицата Östermalmstorg во раните 60-ти години на минатиот век, станица која меѓу другото има и функција на засолниште во случај на нуклеарна опасност. Со тензиите на Студената војна, како и нејзиниот пик во 1962 односно Кубанската криза, ова се чинело реална можност. Како истакнат поборник за мир, родова еднаквост и екологија, Derkert има поставено свои лични пораки на уметничката креација. Ѕидовите на станицата Östermalmstorg  се исполнети со цртежи со графит втиснати во бетонот со користење на специјална техника на пескарење, со цел да се потенцираат истите речиси до луминисцентна светлина. Тие цртежи покажуваат некои од клучните женски фигури од историјата, како на пример британската писателка Вирџинија Вулф, потоа математичарката од Античка Грција Хипатиа и други. Сите овие фигури се испресечени со музички транскрипти од легендарната француска химна Марсељеза (La Marseillaise).

Stokholm metro3

Со почетокот на 70-тите години од дваесеттиот век, доаѓа нов бран на уметничката експресија во метро станиците кој се одликува со порадикален уметнички израз. Во Solna Centrum, крваво црвено ноќно небо како контраст на смрековата шума се протега долж еден цел километар од просторот. Насликан од Anders Åberg и Karl-Olav Bjork во 1975, овој речиси демонски пејсаж брзо станува една од најрепрезентативните слики на стокхолмското метро, парадигма на руралната депопулација, но и дефорестација, особено карактеристични појави за Шведска во времето на создавањето на уметничкото дело.

Stokholm metro2

„Уметноста во Шведска имаше забележителен политички потпис во 70-тите години“ вели Fredrik Landegren (1957), кој ја насликал станицата Fruängen пред повеќе од една деценија. „Доколку зад вашата работа не стои силна порака, постоеја мали изгледи да ви биде понудена работа за уметничко обликување на метро станиците. Но, сметам дека тоа беше случај со уметноста насекаде во Европа во тоа време. Тоа брзо се смени, веќе во 80-тите години кога силно продре индивидуализмот, а подоцна и постмодернизмот“.

Stokholm metro4

Во текот на 90-тите години, фокусот е преместен на подобрување на веќе заборавените станици на краевите од линиите, кои дури тогаш стигнале на ред за својата доза уметност. Кога Muhr го добива конкурсот за станицата Högdalen, таа била навистина затекната од изолираноста на овој простор. „Högdalen е станица на површината на земјата со голем парк од едната и прометна улица од другата страна“ – објаснува таа. „Прилично ветровито, осамено место, надвор од метежот во градското јадро. Метро станиците во вакви области можат да бидат сурови и груби особено ноќно време, па решив оваа осамена станица да ја направам малку подруштвена  поставувајќи лалиња извајани во бронза. Тие се дизајнирани да изгледаат како да го исчекуваат доаѓањето на следниот воз. Се надевам дека предизвикуваат барем мала насмевка во мислите на луѓето кои чекаат покрај нив, дури и за многу краток момент“  – вели авторката.

Thorildsplan-c-Hans Ekestang.jpg

Landegren пак, бил обземен од идејата за создавање на потопло опкружување за патниците кои чекаат на станиците. Неговата првична инспирација за Fruängen станицата, ја добил додека седел дома, поточно во својата кујна.“ Пред да започнам со својот ангажман, оваа станица беше ужасно место, целосно сивило. Загледан во текстурата на чаршафот од мојата кујнска маса, сфатив дека на тоа место му треба израз кој ќе го потенцира чувството на дом и сигурност. Така започнав да истражувам со овие светли патерни.“

Иако многу од изложените дела низ метрото во некоја смисла се датирани, архивирани и претставуваат временска капсула на еден долг временски период низ кој биле создавани, Landegren сакал да создаде нешто потрајно и безвременско, нешто со што ќе се поистоветува секој патник.

Stokholm metro8

„Ми беа потребни цели три години, но ги создадов осумте прекрасни мозаици.  Секој од нив претставува одредена фаза од животот“, вели уметникот. Затоа, композицијата е насловена „Нашите животни лица“. „Од друга страна пак, ниту еден од поединечните мозаици нема свое име, бидејќи сакав самите да зборуваат за себе“, истакнува авторот. Инспирацијата за мозаиците ја пронашол во сопствените животни искуства, но и популарни филмски сцени, па така прикажани се бебе, детенце, вљубена двојка, 30 годишен човек, двојка која се разведува и конечно една госпоѓа на залезот од својот живот.

Низ изминатиот половина век, многу уметници станале познати токму преку својот израз на станиците од метрото во Стокхолм. Сепак, со мал број нови станици оваа опсежна изложба бавно се проширува. Но, како и да е, континуираниот прилив на нови идеи кои доаѓаат со секоја нова генерација, оставаат свој печат, и токму тоа придонесува за уникатноста на ова метро. Како што надоаѓаат новите десетлетија, стигнуваат и нови слоеви на мисла и експресија. Токму таа еволуција на идеите и креациите можете да ја доживеете патувајќи со стокхолмското метро, чувствувајќи се како да запознавате некое ексклузивно старо вино.

Brigita Muhr

Испрати коментар

Scroll To Top