Насловна / Вести / Министерството за финансии продало државно земјиште кај НИП „Нова Македонија“ за седум евра

Министерството за финансии продало државно земјиште кај НИП „Нова Македонија“ за седум евра

Фатмир Етеми сопственик на компанија „ЗСФ-КОМ“ се стекнал со сопственост на атрактивни парцели во близина на поранешната зграда на НИП „Нова Македонија“. Државното земјиште било приватизирано по багателна цена, седум евра по квадратен метар, пишува порталот „Само прашај“.

Документите до коишто дојде редакцијата на „Само прашај“, добиени од Агенцијата за катастар на недвижности покажуваат дека Министерството за финансии на крајот на минатата година (29.12.2021), донело решение со коешто се прифаќа барањето на компанијата на ЗСФ-КОМ“  за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост. Станува збор за четири парцели со вкупна површина од 663 квадратни метри, според ДУП Ј07, наменети за изградба на хотелски комплекс.

Screenshot 2022-03-10 102827

Парцелите кои сега се во сопственост на Етеми имаат долг историјат. Најголемата меѓу нив, КП 280/13 во 30-те години на минатиот век била во сопственост на Југословенската државна железница, за потоа низ годините да премине во државна сопственост на Република Македонија и на крајот, да заврши во рацете на бизнисменот преку решение за приватизација издадено од Министерството за финансии.

Етеми во септември 2017 година купил недвижен имот (земјиште и стан) на улицата „Васил Ѓоргов“, коишто се дел од парцелите КП 280/17 и КП280/2. Но, затоа што во истиот Имотен лист е и КП 280/13, која произлегувала од стара парцела каде што имало легализирана дивоградба, и таа се запишува со право на сопственост по основ на легализација.

Од Општина Центар велат дека новиот сопственик бара спојување на парцелите, па наместо хотел и зграда, бара таму да никне деловен објект.

Screenshot 2022-03-10 101510

„Со важечкиот ДУП, на наведената локација се предвидени две градежни парцели, од кои едната е со намена хотел, а другата со намена домување – станбена зграда. До Општина Центар – Скопје поднесена е и иницијатива за промена на овој дел од деталниот урбанистички план, со која се бара спојување на двете парцели во една и промена на намената во објект за деловна намена“, велат од Општината.

„Само прашај“ разговарале со бизнисменот Фатмир Етеми. Тој потврдил дека планира изградба на деловна зграда на 15 ката, со градинка. Потврдил дека таму има две парцели, едната стекната преку дооформување на парцела, наменета за домување и онаа со хотелот преку приватизацијата од Министерството за финансии. Но, идејата за голем кружен тек кај НИП „Нова Македонија“ му ги „поматило“ плановите.

1

„Со сегашниот ДУП се предвидени станбена зграда и хотел. Таму има две маркици. Но, бидејќи не е соодветно да има станбена зграда покрај кружен тек и хотел, за кој давачките за комуналии, односно надоместокот за уредување на градежно земјиште е минимален, што не е во интерес и на Општината, иако таков е законот, затоа ние како сопственици на објектите и на земјиштето предлагаме двете маркици да се спојат во една за деловна зграда, за да нема станбена зграда и хотел. Со тоа ќе имаме заеднички интерес со Општината, а просторот ќе се уреди похумано“, вели Етеми.

„Само прашај“ побарале одговори и од Министерството за финансии дали за нив, како чувари и креатори на државната каса е оправдано да се приватизира државно земјиште во строгиот центар на градот за само седум евра за квадрат. Но, оттаму молчат и да не одговорат на прашањата.

Повеќе за ова можете да прочитате на „Само прашај“.

Испрати коментар

Scroll To Top