Насловна / Вести / „Метропол“ ќе добие неколку ката и купола

„Метропол“ ќе добие неколку ката и купола

Некогашната зграда на „Метропол“ на плоштад ќе добие неколку ката, а ќе добие и купола, пишува „Утрински“.

Столбови и скулптура вметната во фасадата ќе има зградата на „Технометал“, стилизиран ќе биде и објектот на Стопанска комора, а во стилот на „Скопје 2014“ ќе се преслече и модерната стаклена зграда на Шпаркасе банка кај хотел „Бристол“.метропол со купола и неколку ката

Ова, меѓу другото, е предвидено со најновата предлог-одлука на градските власти што треба да ја одобрат советниците на Град Скопје на седницата на Советот. Градот истовремено планира да обнови уште десетина фасади на објекти на улиците „Македонија“ и „Даме Груев“.

За сите нив веќе се изработени основни проекти.
Со оваа одлука практично ќе се реализираат најавите на градските власти за стилизирање на речиси сите згради во строгиот центар на градот и околината. Планирана е нова фасада на зградата на „Интекс“ на „Даме Груев“ и објектот во продолжение кон плоштадот „ВМРО“ каде што се сместени Агенцијата за државни патишта, Министерството за труд и социјална политика и други.

Во предлог-одлуката е напомнато дека објектот на стар „Метропол“ ќе се рефасадира и надгради по барање на инвеститорот, иако претходно Градот избра друго идејно решение за зградата.

„Град Скопје прими проект – фаза архитектура од страна на сопственикот на објектот со барање измена на изгледот на фасадата на објектот на ’Стар Метропол‘. Во него се опфатени и доградба и надградба на објектот според насоките и параметрите од ДУП ‘Мал Ринг‘“, стои во образложението од Град Скопје.

Обновата на фасадите на терен започна пред околу три години. Првиот бран стилизирани фасади ја фати зградата над „Пелистер“, објектите до неа, онаа над „Тренд“…

Во план за рефасадирање се и сите згради што гравитираат на новиот плоштад „ВМРО“, како и неколку објекти преку Камен мост. Нови фасади веќе имаат дваесетина згради, на повеќе од 10 се вршат реконструктивни зафати, а допрва ќе се врши стилизирање на уште толку.

Досега за фасадите се потрошени околу три милиони евра од градскиот буџет, а извесно е дека трошоците допрва ќе растат. Официјално, за годинава, во буџетот на Град Скопје за реконструкција на фасади има наменето 5,7 милиони евра.

Испрати коментар

Scroll To Top