Куќата наречена Caochan na Creige, проектирана од шкотската архитектонска фирма Izat Arundell, прогласена е за победник на наградата RIBA House of the Year 2025, годишно признание што го доделува Кралскиот институт на британски архитекти за „најдобрата нова куќа проектирана од архитект во Велика Британија“.

Објектот со дрвена конструкција со камена облога, чие име потекнува од келтска фраза што значи „мала, скриена покрај карпа“, се наоѓа во шкотските Надворешни Хебриди, на мала рурална парцела изложена на предизвикувачки временски услови и карактеризирана со изразит геолошки контекст.
Куќата ја изградиле архитектите Еилид Изат и Џек Арундел за свои потреби, бидејќи тие се и сопственици на објектот, а жирито ја избра поради јасниот одговор на ограничувањата на локацијата, добро промислената стратегија во изборот на материјали и кдоследност помеѓу проектната идеа и реализацијата.

Директна врска помеѓу објектот и местото
Куќата е организирана околу постоечка карпеста формација која обезбедува засолниште од доминантните ветрови. Надворешноста е обложена со локално набавен луисијански гнајс, со што се реферира на материјалниот карактер на околниот пејзаж и воспоставува директна врска помеѓу објектот и местото.
Влезот е нагласен со трем обложен со кедар, кој посредува помеѓу изложениот екстериер и заштитениот ентериер. Во ентериерот, шкотскиот кедар е широко користен на ѕидовите и другите завршни обработки.
Просторната организација комбинира отворени дневни простории со поинтимни, позатворени простори, додека застаклувањето со целосна висина пропушта дневна светлина и ги врамува погледите.

Што рече жирито за куќата
Жирито на Кралскиот институт на британски архитекти, најзначајната и највлијателна организација на Островот што ги обединува архитектите, ја истакна способноста на проектот да одговори на еколошките, просторните и економските ограничувања во рамките на мал габарит.

Дејвид Кон, претседателот на жирито на RIBA за најдобра куќа во 2025 година, изјави дека одлуката била едногласна, нагласувајќи дека за тоа придонел одговорот на куќата на климатските услови, нејзината поврзаност со локалните градителски традиции и реализацијата во рамките на ограничен буџет.
Жирито, исто така укажа на формалната јасност на проектот, забележувајќи дека иако објектот реферира на поголеми, „одбранбени“ архитектонски форми, заржува помала скала соодветна на намената и околината.

Материјализација и принципи на обликување
Изградена од одржливи, локално набавени материјали, Caochan na Creige претставува пристап кон современото рурално домување, кој дава приоритет на специфичноста на локацијата и долгорочната издржливост.
Наместо да се потпира на стилски референци, проектот е обликуван од достапноста на материјалите, климата и логиката на градба. Неговиот архитектонски јазик е сведен, овозможувајќи на објектот да се вклопи во околината, а воедно да ги задоволи современите потреби за домување.

„Како таква, куќата придонесува за пошироки расправи за станбената архитектура во оддалечени средини, особено во однос на издржливоста на градбата, еколошкиот одговор и улогата на самоизградбата“, заклучува жирито.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија