Насловна / Архитектура / „Мацки“ во Белорусија – кога архитектот ја проектира сопствената куќа

„Мацки“ во Белорусија – кога архитектот ја проектира сопствената куќа

СТУДИОТО „ЗРОБИМ“

Сè повеќе проектантски бироа од Источна Европа добиваат интернационален карактер и успеваат да се стекнат со интернационално внимание со своите безвременски и елегантни дизајни и функционални решенија. Едно од таквите бироа е и „Зробим“ од Белорусија. Студиото е основано во 2011 година, кога двајца пријатели, Андреј Бездар и Алексеј Кораблев, почнуваат заедно да работаат на проекти претежно од резиденцијален карактер уште како студенти. По нивното дипломирање во 2014 година, обемот на работа им се зголемува, и она што денес е сериозна проектантска фирма, добива видливи контури на перспективно проектантско биро.

matski2023-new_11-2200x-dee

Денес „Зробим“ брои 80-тина вработени од кои повеќето се архитекти, бројка која е завидна и недостижна дури и за проектантски куќи со подолг стаж. Фирмата низ годините континуирано расте, и освен седиштето во Минск (Белорусија), денес има канцеларии и во Москва (Русија), Киев (Украина), Тбилиси (Грузија), Варшава (Полска), Алмати (Казахстан) и Њујорк (САД). Освен во земјите каде имаат канцеларии, можат да се пофалат со проекти и во Германија, Франција, Италија, Австралија, Саудиска Арабија, Србија, Црна Гора, Ирска, Шпанија, OAE, Aвстрија и така натаму.

matski2023-new_14-2200x-dee

Основачите и сопствениците на оваа проектантска фирма можат да послужат и како пример на многумина млади архитекти дека со квалитет, упорност и темелен пристап, но и преку паметно рекламирање и максимално искористување на потенцијалите на социјалните мрежи може да се достигне едно навистина респектабилно ниво и тоа за прилично краток временски период.

matski2023-new_12-2200x-dee

На нивниот веб-сајт стои податокот дека досега изработиле околу 1 000 проекти на полето на архитектурата и ентериерот, од кои барем 500 се изведени. Во поново време почнуваат и со сопствена линија на дизајнерски парчиња мебел како и со понуда за изведба по принципот „клуч на рака“ на модуларни префабрификувани куќи според неколку нивни проекти. Основачите засебно, но и студиото како бренд, се добитници на неколку награди на полето на архитектурата.

matski2023-new_24-2200x-dee

КУЌАТА „МАЦКИ“

Eдна од нивните позначајни реализации е куќата на еден од сопствениците на фирмата – Андреј Бездар, чие вистинско презиме е Маковски. Архитектот Бездар ја именувал куќата како „Мацки“ според нејзината локација – населбата Мацки на периферијата на главниот град на Белорусија, Минск. Куќата почнува да се гради во 2019 година, а е комплетирана годинава. Не секој архитект ќе има можност во животот максимално да се посвети во проектирањето и уредувањето на сопствената куќа, во решавањето на нејзиниот ентериер, дизајнирањето на автентичен мебел за неа, изборот на соодветни паметни системи, како и планирањето и реализацијата на цел еден пејзаж – во буквална смисла – во сопствениот двор.

matski2023-new_05-2200x-dee

Се работи за школски пример на „тотал дизајн“ на куќа, налик на учењето на Гропиус и теоретизирањето на баухаусовата школа, каде студентите проектирале сè. Ова, се разбира дека е скапо за реализација, особено во денешната ера на хипермасовна продукција на сериски парчиња мебел. Сепак, Бездар веројатно е доволно финансиски способен да експериментира со сопствената куќа, и како што вели и самиот – целта му било да искуси живеење во куќа на периферија, во куќа во која ќе „костумизира“ сè што може да се „костумизира“, и притоа на тој начин, преку сопственото искуство на живеење во таков ексклузивен простор, идеално приспособен за потребите на корисникот, ќе си помогне себеси да стане подобар архитект за наредните клиенти.

matski2023-new_06-2200x-dee

За текот на проектирањето, градењето и уредувањето снима и видеоблог од 13 епизоди, од кои последната е најдолга и претставува резиме на целиот процес, и ја снима по осуммесечно живеење во куќата, што е доволно време за да говори и за искуството, како е да се живее во простор кој самиот си го осмислил. Притоа ги препознава и адресира грешките во текот на проектирањето, дава мислење што би можел да смени кога би почнувал со проектот одново; а секако – оние работи кои може да ги смени, недвосмислено ги менува – без разлика дали е тоа материјалот избран за подно покривање на терасата или начинот на осветлување во гостинската бања.

matski2023-new_08-2200x-dee

КОНСТРУКЦИЈА И ФУНКЦИОНАЛНО РЕШЕНИЕ

Куќата е на едно ниво, и конструктивно претставува доминантно дрвен скелетен систем од лепени ламелирани столбови и греди во кој се инкорпорирани неколку армиранобетонски платна, изведен врз армиранобетонски постамент од кој еден дел е исфрлен конзолно во однос на теренот. При проектирањето, платната се позиционирани на начин кој не само што ќе имаат конструктивна улога, туку архитектот им дава и естетска улога со тоа што предвидува да бидат оплатирани речиси перфектно, излиени од бетон со ситен гранулат, со намера бетонот наместа да биде оставен видлив и да се вклопи како дел од ентериерниот дизајн.

matski2023-new_07-2200x-dee

Куќата е замислена на начин што точно предвидува како, и во кој правец ќе се догради во иднина кога ќе се јави потреба од нејзино проширување со нови соби. Во сегашната првична состојба зафаќа 160-тина метри квадратни бруто-површина и сместува влезен претпростор, дневна соба со трпезарија и кујна, родителска спална соба со сопствена бања, и уште една гостинска бања. Интересна е поентата на Бездар околу влезниот ветробрански претпростор, кој во видеоблогот вели дека мноштво од архитектите, особено помладите, се инспирирани од луксузните вили во Калифорнија, Саудиска Арабија или во топлите шпански краишта, па забораваат дека проектираат за локации каде климата знае да биде и посурова, и често знаат влегувањето во куќата да го осмислат да биде директно во дневната соба, без физички одвоен ходник кој ќе послужи како тампон-зона кон надворешноста.

matski2023-new_09-1200x-fd3

Во оваа куќа на таквиот претпростор му е дадена голема важност – архитектот внимавал на насоката на движење, визурите кои се отвораат кога се влегува во куќата, комуникацијата кон дневната соба, материјализацијата и боите на ѕидовите, и, конечно – во него е сместен и мал атриум со вистинско дрво, за кое низ детали ги решава сите аспекти врзани за аерацијата, вентилирањето, одржувањето, наводнувањето и одводнувањето на дрвото.

matski2023-new_15-2200x-dee (1)

Архитектот отпосле ја увидел грешката со големината на атриумот кој требало да го направи поголем, со цел дрвото да си ги зачува природните циклуси на заспивање во зима и будење на пролет, кои сега се попречени од температурата која доаѓа од куќата кон атриумот и не му дозволува на дрвото да „заспие“ во целост во зимските месеци.

matski2023-new_02-2200x-dee

Просторот во кој е сместена дневната со трпезаријата и кујната е отворен и претставува издолжен правоаголник осветлен од три страни со панорамски стаклени отвори. Функциите во кујната пред кои се поминува најмногу време – плотната и мијалникот, се сместени на шанковски остров, со намера оној кој работи да не врти грб кон останатите во собата.

matski2023-new_06-1200x-fd3

Избегнати се стандардни висечки елементи, и наместо тоа е даден акцент на своевиден кујнски пилон во кој се сместени два фрижидера меѓу кои се наоѓа фурната, миркобрановата печка и машината за садови. Трпезариската маса е пространа и елегантна. Софата во дневната е дизајнирана така што ќе може да се седи од сите страни на неа во зависност од потребата – без разлика дали е тоа гледање телевизија, интеракција со некој кој јаде на трпезариската маса или едноставно одморање со поглед кон дворот или покрај каминот на другата страна.

matski2023-new_04-1200x-fd3

Необичен е дизајнот на спалната соба во која од ходникот се влегува директно во бањата, каде лево е сместен мијалникот и шминкерницата, право е тоалетната школка и туш-кабината во преградени простори, а десно се упатувате преку гардероберот кон самата спална соба, креветот и терасата.

22

Ваквиот распоред Бездар го објаснува на едноставен начин – спалната соба е за спиење, влегувате директно кај мијалниците, се миете, ако имате потреба го користите тушот или тоалетот, поминувате преку гардероберот каде се пресоблекувате за спиење и легнувате во креветот.

matski2023-new_17-2200x-dee

Утрата имаат обратна патека на движење: се будите, кон излезот ве пречекува гардероберот каде што се облекувате, продолжувате кон тоалетот, па кон мијалниците од каде излегувате од собата спремни за да почнете со денот. Генијален е ваквиот пристап во проектирањето на спална соба – храбар е пристапот да проектирате спална соба преку логична патека на движење. Вообичаено таквиот проектантски метод прво нè асоцира на музејски простори, не на станбени. Стаклената врата помеѓу бањата и ходникот и стаклената преграда кон атриумот со дрвото се со технологија со која стаклото станува матно по потреба, со цел да овозможи приватност.

matski2023-new_07-1200x-fd3

ОБЛИКУВАЊЕ, МАТЕРИЈАЛНОСТ, ПЕЈЗАЖ

Куќата има елегантен, минималистички дизајн. Невообичаен е обратниот концепт во сите главни простории со кој подот е бетонски, излиен од епоксиден микроцемент, а плафонот е дрвен, расчленет на мали сегменти. Според архитектот, ова е направено со цел визуелно просториите да делуваат поголеми. Во ентериерот доминираат дрвото, бетонот и металот како главни елементи. Ѕидот зад телевизорот во дневната соба е едно од оние армиранобетонски платна кои се оставени видливи како такви.

matski2023-new_08-1200x-fd3

Аргументот е едноставен: зошто преку ѕидни молерофарбарски техники да се обложуваат керамичките блокови и да се имитира бетон, кога автентично, но и поевтино и побрзо е целиот ѕид да се изведе на ваков начин – преку внимателно оплатирање и одбирање на вистинската бетонска маса? Ваквиот автентичен проектантски пристап е реткост во оваа современа ера, ера во која речиси сите нешто некаде и некого имитираме, па затоа плочки ни имитираат паркет, фасади имитираат дрво, а бои и ѕидни техники имитираат бетон. Интересен аспект е тоа што каминот е намерно оставен метален, со цел неговите природни флеки да се комплементираат со бетонските на подот. Куќата е збогатена со уникатни украси и уметнички дела од белоруски автори.

matski2023-new_10-1200x-fd3

За потребите на куќата, изведен е вештачки пејзаж. Изградени се две мали вештачки езера наменети за капење, мост кој ги поврзува и платформа наменета за седење во самата вода. Видот на дрвјата, тревата и камењата се внимателно одбирани, а во дворот може да се сретнат и скулптури од истиот скулптур кој е автор и на статуите во дневната соба.

matski2023-new_18-2200x-dee

Терасата е пространа и има два дела: едниот дел е пристапен преку скали од кујната и наменет е да остане отворен без заштита од сонце и од дожд со цел да не ги попречува визурите кон дворот, додека пак другиот дел од спалната е за полежерно седење кое се предвидува да се заштити од сонце. Подот за терасите, мостот и платформата во езерото е сменет од првично монтираниот, откако архитектот увидел дека е несоодветна неговата издржливост на временски влијанија, но и првично замислената боја.

matski2023-new_25-2200x-dee

Во куќата се вградени и мноштво паметни технички системи за заклучување, осветлување, греење и ладење, како и систем со кој со далечинско се движат завесите.

Проектот е добитник на неколку награди за најдобар реализиран објект во различни категории од различни организации и европски магазини за архитектура.

Автор: Бошко ВИДОЕСКИ, дипл. инж. арх.

matski2023-new_15-2200x-dee matski2023-new_03-2200x-dee

13 15 matski-house

Испрати коментар

Scroll To Top