Насловна / Арт и дизајн / Како треба да се учи дизајн?

Како треба да се учи дизајн?

DRS Learn X Design е меѓународна конференција која се одржува на секои две години со посебен фокус на педагогијата и едукацијата во областа на дизајнот, на која земаат учество реномирани научници, истражувачи, професори и докторанди од целиот свет. Првиот симпозиум од оваа серија бил одржан во Париз во 2011 година, потоа во Осло 2013, Чикаго 2015 и 2017 година во Лондон. Светот, особено развиениот свет одамна е свесен за фактот дека дизајнот е исклучително комплексен и многукратен процес кој ги обединува економските, социјалните, културните и уметничките критериуми во еден оптимален систем. Учеството на јавноста и академијата е од особена важност во процесите на донесување одлуки без оглед дали се работи за дизајн на некаков производ или објект. Приватното не смее да стане јавно, а интересите, вкусовите и перцепциите за убавото не смеат да бидат привилегија на центрите на моќ. Лекција која ние никако не успеваме да ја научиме, а резултатот е видлив на грдото лице на нашиот јавен простор. Веројатно и познатиот афоризам дека „луѓето најмуваат архитекти и дизајнери за тие ним да им кажуваат што да прават“ најмногу гo опишува менталитетот на нашиве простори. Водејќи се токму од клучната поента на оваа конференција, која годинава се одржа од 9 до 12 јули во Анкара, на прекрасниот комплекс на Техничкиот универзитет на Средниот Исток (METU – Middle East Technical University), а тоа е дека дизајнот се учи, и дека треба постојано да се истражува како подобро и поквалитетно да се изучува, се наметнува една позната мисла за архитектурата од легендарниот Le Corbusier – „Архтектурата е научена игра, прецизна и величествена, која создава форми поврзани со светлина“. Дека дизајнот треба да биде една добро научена и софистицирана игра, привлечна за студентите и поттикнувачка за нивната мотивација, порачаа многумина од говорниците и презентерите на конференцијата, а подеднако звучни беа и нивните имиња и имињата на нивните универзитети. Освен универзитетот домаќин – METU, кој според Шангајската листа е повисоко рангиран од сите универзитети во Југоисточна Европа, застапени беа и University of Columbia, University of Coventry, Politecnico di Milano, Politecnico di Torino, Delft University of Technology, Aalto University и многу други реномирани универзитети, како и учесници од буквално сите континенти. Во едно вакво друштво, со свој труд имаа привилегија да се најдат и истражувачи од Македонија, кои практично беа единствени претставници од Балканот. Инџи Селим, предавач од универзитетот Американ Колеџ во Скопје, во коавторство со професорите од Машинскиот факултет од УКИМ – Ана Лазаревска, Татјана Кандикјан и Софија Сидоренко, презентираше концепт за информациона платформа за избор на материјали врз база на повеќеатрибутен пристап. Се работи за концепт кој е вклучен во докторската теза на Селим, а се однесува на примена на биоразградливи материјали во дизајн на производи при што материјалите мора да исполнуваат повеќе критериуми и од аспект на заштита на животната средина, и од естетски аспект, но секако првенствено од аспект на основната функционалност на производот и технологијата на неговата изработка.

dizajn4

Трудот на нашите истражувачи, но и трудовите и предавањата на останатите учесници, во суштина ја потенцираат новата реалност во индустрискиот дизајн и воопшто во областа на дизајнот и архитектурата. Модерниот начин на живот наметнува сè поголем број барања од страна на корисниците или потрошувачите, развојот на технологијата е добар двигател кон постигнување на тие цели, но од друга страна стојат бариерите во однос на влијанието врз животната средина, социјалните и културолошките ограничувања и сл. Дотолку повеќе, улогата и задачата на дизајнерот во оваа сложена парадигма на денешницата, станува покомплексна, па токму оттука и потребата за еден прецизен и структуриран пристап во однос на прашањето „како правилно треба да се учи и да се предава дизајн“. Неминовно, повторно се навраќаме на концептот на „добро научена игра“, кој одлично беше презентиран од страна на истражувачи од Politecnico di Milano од Италија, кои истакнаа дека во текот на семестарот, студентите имаат еден месец за дизајн на одреден производ или објект врз основа на картите кои самите ќе ги извлечат. Се разбира, картите се специјално креирани за таа намена и содржат одредени форми, просторни големини и бои, кои се ограничувачки за студентот во текот на неговата креација. На тој начин, низ игра се поттикнува компетитивноста и натпреварувачкиот дух меѓу студентите и во прв ред креативноста, но под одредени ограничувања. Во случајот со играта тоа се картите кои ги извлекле, но во реалноста секако тоа ќе бидат одредените правила и прописи кои никако не смеат да се заобиколат.

dizajn

Еден од поканетите предавачи пак, имаше улога на еден вид мотивациски говорник пред младите истражувачи докторанди, презентираќи го на многу илустративен начин своето патешествие, своите подеми и падови од почетоците на докторските студии од областа на дизајност па сè до одбраната на докторската теза и постдокторските студии.

Особено беа впечатливи презентациите на сите (без исклучок сите) презентери кои беа и самите дизајнерски ремек-дела. Веројатно на ниту една друга конференција или сличен настан, самата форма на презентацијата не била ниту приближно толку почитувана и со толку вложена креација – од изборот на бои и фонт на обичен текст (хируршки прецизно почитувајќи ја науката за дизајнот), до атрактивните, но ненаметливи анимации. Ќе ја препознаете презентацијата на дизајнерот – професионалец, затоа што убавото е неговата професија.

dizajn2

Убедливо најинспиративното предавање го имаше Зејнеп Челик Александер, професор на Колумбија Универзитетот во САД, со докторат од престижниот MIT, која на оригинален и беспрекорно испланиран настап налик на бајка од доцниот 19-ти век, покажа „какво знаење и вештини се предаваат и се нудат на школите за дизајн?“ За да одговори на ова прашање, таа се врати на крајот од 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, во обид да покаже дека основата на она што денес го знаеме како наука за дизајнот и архитектурата е поставена многу одамна, и во суштина тоа е она што и денес се учи на модерните студии во оваа област. Имено, не случајно уште во овој период од историјата, основните училишта го ставале цртањето форми и учењето за формите пред пишувањето. Значи, да се поттикне креацијата и перцепцијата за формата. Оние кои учеле основно образование во времето на социјализмот, ќе се потсетат на познатите полжавчиња и гнезда кои мораше да се повторат во прецизни редови и колони на неколку страници.

Александер ја става во фокусот познатата школа на Баухаус, која според неа не само што остава печат како зачетник на модернизмот, туку првенствено е олицетворение на експресијата и чувствата што дијазнот ги предизвикува кај луѓето кога тие се во улога на набљудувачи. Како нашите сетила го восприемаат дизајнот? По истата аналогија како што човекот различно би реагирал на храна со различни вкусови – слатко, кисело и сл. Токму техниките на Баухаус преживеале и во модерниот систем за едукација во областа на дизајнот.

dizajn3

Највозрасниот поканет предавач, професорот Емеритус од Универзитетот Технион во Хаифа, Израел, Габриела Голдшмит со ентузијазам на млад професионалец ги следеше сесиите на конференцијата. Дипломирала архитектура на Јеил во САД, а во фокусот на нејзиниот научен интерес е анализата на процесот на дизајнирање. Во нејзиното предавање таа се осврна на т.н. „дисциплини на знаење“ и рамката во која се одвива процесот на дизајнирање. Имено, според неа, секој дизајнер без оглед дали станува збор за почетник или искусен професионалец, кога ќе добие некоја задача се потпира на истражување кое се базира на различни типови на знаења. За искусните, тоа знаење може да се структурира во следните категории: општо, когнитивно и професионлно. Кај почетниците пак, недостасува последната категорија која се стекнува со искуство и знаења стекнати во процесот на едукација. Токму професионалното знаење, според Голдшмит влијае и врз начинот на кој се имплементира когнитивното знаење. Беа презентирани примери за дизајнерски решенија од двете посочени групи со цел да се утврдат не само неспорната предност од професионалниот бекграунд, но и да се пронајде инспирација во креациите на неоптоварените со претходни искуства (младите). Интересно беше и нејзиното запазување за специфичниот и секаде низ светот препознатлив стил во облекувањето на архитектите и дизајнерите – лежерен, суптилен и ненаметлив.

dizajn1

Во контекст на денешното време кога за жал посебно архитектурата (особено кај нас) сè помалку е уметност, а сè повеќе е бизнис, интересно е да се спомене излагањето на Гери Дерксен од Универзитетот во Илиноис, на тема користење на прототипови. Имено, процесот на креирање на прототипови тој го анализира и од аспект на дизајнер и од аспект на корисник. Што треба да се направи за да се сврти играта во сопствена корист без оглед која е Вашата улога – корисник, инвеститор, дизајнер…? Како да се супституираат парите во некоја друга форма која ќе ги преобликува социјалните вредности и ќе донесе поголем бенефит отколку што тоа го прави економската моќ? Како да се креира нов економски систем каде времето и изборот што се нудат ќе бидат највеќе вреднувани?

Динамички материјали, компјутерски помогнато размислување, бази на материјали, мултикултурна соработка во областа на дизајнот, техники на визуелно размислување во процесот на дизајнирање и многу други теми беа предмет на вкупно 87-те научни трудови и тематските работилници на оваа конференција. Но, во текстот за жал мораше да се осврнеме само на дел од највпечатливите. Паралелно со конференцијата, беше поставена и изложба на фотографии на тема од модерната турска архитектура. И за крај, повторно на темата „дизајнот е игра“, уште еден цитат, овојпат од Џорџ Бернард Шо: „Не престануваме да си играме бидејќи сме остареле. Сме остареле, бидејќи сме престанале да си играме“.

METU – авангарда на интелектуалната критичка мисла во Анкара

Универзитетот METU (Middle East Technical University) во Анкара е основан во 1956 година и денес има пет факултети со вкупно 41 додипломски студиски програми. Во 1969 година за прв пат во Турција, овде е воведена студиската програма по индустриски дизајн на Факултетот за архитектура, од страна на американскиот дизајнер David K. Munro. Десет години подоцна студиската програма прераснува во посебен Факултет за индустриски дизајн во рамките на METU.

dizajn5

Универзитетот е основан со американска помош односно преку програмата на USAID па американскиот потпис е видлив насекаде низ кампусот – пространи конференциски сали, истражувачки лаборатории и студија, тениски терени, спортски сали, дури и фудбалски стадион. Денес Универзитетот се финансира со средства од владата, како и преку соработката со различни компании. Имено, големите турски компании градат свои технолошки паркови во кампусот и соработуваат со Универзитетот во истражувачки проекти за своите потреби и интереси. Домовите за сместување на студентите се на ниво на сосема пристојно хотелско сместување, а сите ресторани, продавници и други содржини во кампусот се со повластени цени. Нема да бидам претенциозна ако речам дека во буквална смисла се работи за град во град, а немојте да се обидувате да се обложите на тема „најголем универзитетски кампус на светот“ и да типувате на некој друг, бидејќи има големи шанси да изгубите. Освен сеприсутноста на американскиот потпис, видлива е и почитта кон основачот на модерна Турција Мустафа Кемал Ататурк буквално на секој чекор. Секој од објектите во кампусот задолжително има негова фотографија, биста или пак постери со неговите најзначајни посети и говори.

Универзитетот е познат и по својот револуционерен дух и честите протести на студентите, па претставува еден вид авангарда на интелектуалната критичка мисла во Анкара, но и пошироко во Турција. На фудбалскиот стадион во кампусот стои натписот Devrim, што во превод значи „револуција“.

Испрати коментар

Scroll To Top