Насловна / Архитектура / Јавни простори во урбана средина

Јавни простори во урбана средина

Јавните простори, особено просторите за движење на граѓаните, од ниво на тротоар до ниво на плоштад, се битни содржини на човековите населби. Јавните простори имаат социјално – интегративен карактер, бидејќи преку нив се изградува колективен идентитет на граѓаните, кои на тие простори комуницираат.

2 Plostad vo Piran

Плоштад во Пиран

Тоа се простори наменети за користење од страна на сите граѓани. Според застепеноста, позиционирање во ткивото на градовите, поврзаноста, пристапот и слободното користење од сите граѓани и нивно суштинско вклучување при донесување на одлуки од значење за јавните простори, се формира мерило за степенот на демократичност во едно општество. Особено е битна содржината на јавните простори во центрите на градовите, во почетниот период тие биле сакрални, а во подоцнежниот период центрите сè повеќе се секуларизирале. Центарот има улога на општествена интеграција и социјализација на граѓаните. 1 Plostad vo Firenca

Плоштад во Фиренца

Развојниот пат на јавните простори се движи паралелено со развојот на градовите. Со нивната трансформација се менува структурата на јавните простори во урбаната средина. Јавните простори  имале важна улога уште во древните цивилизации. Во античкиот период имало две жаришта на јавниот живот: акропол (митско-сакрално средиште) и агора (политичко-управно световно средиште). Со текот на времето повеќе се развива агората со различни содржини (правни, управни, трговски, стопански, културни и сл.). 3 Plostad  vo Albukerq New Mexico USA

Плоштад во Албукерк, Њу Мексико

Во стариот Рим се врши специјализација на улици и плоштади според функцијата, со изразен  развој на трговските активности (трговски улици). Жариште на општествениот живот во Рим бил форумот, во кој се слеваат сите градски улици и кој е окружен со јавни објекти. Во Рим се живеел интензивен јавен живот на отворените  градски простори.

Црквата во средниот век зазема централно место и во градовите се организира  црковно и световно средиште на градот. Во ренесансата доаѓа до развој на јавниот живот во градовите, а јавните простори биле проектирани и градени со деталност и внимание. Континуитетот на градовите се отсликува во развојот на јавните простори и нивно вклучување во современиот урбан развој на градовите. Во услови на проширување на градовите, се зголемуваат потребите за движење и се развиваат обемни сообраќајни мрежи, и со патување со автомобил човекот многу помалку го доживува градскиот простор, во однос на малите градови каде се практикува пешачко движење и каде непосредно се доживуваат јавните простори.

5 Strumica Plostad

Плоштад во Струмица

Оформувањето и одржувањето на јавните простори не е само прашање на содржина и социолошка потреба. Акцентот е насочен кон  јавните простори, особено во централните делови на градовите, заради фактот што центрите на градовите се фокусни локалитети каде се упатуваат граѓаните во различни поводи; тоа се делови на градот каде е предодредено дека треба да се искаже и чуе мислењето на граѓаните. Во тие делови на градовите се сместени најголем дел на државни институции, кои се експоненти на државата и затоа непосреден начин да се искаже негодување или радост на граѓаните се токму улиците и плоштадите во центарот на градот. Во крајна линија, на улиците и плоштадите отсекогаш се истакнува во најголем степен урбаното живеење, а посебно е тоа изразено во медитеранските простори (заради климатските услови и традицијата), а така е и во Македонија, каде дел од градското живеење се одвива на улиците и плоштадите, како отворени урбани простори.

4  Skici na plostadi

Скици на плоштади

5 Plostad vo Krakov Polska

Плоштад во Краков

6 Plostad vo Sankt Petersburg

Плоштад во Санкт Петерсбург

Битна е локациската поставеност и мрежата на јавните простори, а не само нивниот површински квантитет, изразен во метри квадратни пешачки патеки или плоштади. Битно е функционирањето на тие простори во врвните користења, кога има најголем број луѓе (за време на манифестации од различен карактер), и како во таква ситуација функционира јавниот простор, согледан од комуникациски до безбедносен аспект.

Сè повеќе расте свеста на луѓето за значењето на јавните простори, за нивната припадност на сите граѓани и за нивната улога во урбаната средина. Во глобални рамки, а и во наши услови, сè повеќе е евидентно зголемувањето на интересот на граѓаните кон тие простори во урбаната средина. Односот на сите субјекти и поединци кон јавните простори треба да се третира како елемент на урбана култура.

Во периодот на транзиција, во 90-тите години, битните промени во сопственоста имаа влијание врз просторното организирање на јавните простори, со максимално користење на секоја локација и помало внимание кон јавните простори. Периодот на транзиција се карактеризира со истакнување на профитабилните интереси на инвеститорите за секоја локација, со намалено внимание кон јавните простори.7 Urban skver vo Denver

Урбан сквер во Денвер

Со зголемување на свеста за јавните простори на глобален план во последната декада, се зголемува грижата на јавноста за секој метар квадратен јавен простор, особено ако тоа се прави за изградба на објекти. Потребно е посоодветно нормативно регулирање и оптимални стандарди за третманот на јавните простори во урбаната средина и зголемување на активното непосредно вклучување на јавноста односно на граѓаните во донесувањето на одлуки кои се однесуваат особено на јавните простори, кои припаѓат на сите граѓани. Треба да се актуелизира аспектот на заштита на постојните јавни простори, за да се спречи натамошна пренамена во градежни цели и да се мотивира оформувањето на нови јавни простори во урбаната средина, на ниво на град, урбани реони, урбани заедници, квартови и соседства.9 Urban skver vo New York

Урбан сквер во Њујорк

Треба да се мотивира дисперзијата на јавните простори, со систем на скверови со соодветна урбана опрема и континуирана мрежа на пешачки и велосипедски патеки. Потребни се интервенции во урбана санација на несоодветно опремени јавни простори со организирање места за седење, заштита од атмосферски влијанија, безбедност на јавните простори, соодветна хигиена на јавен простор, организирање јавни тоалети, со опремување на просторите со урбана опрема и нејзино одржување, како дел на урбаната култура.8 Urban skver vo San  Diego

Урбан сквер во Сан Диего

Оформување и одржување јавни простори

Многу е битно да се врши перманентно одржување на јавните простори, особено на просторите за движење на пешаци. Од увидот во состојбата со јавните пешачки површини, се констатира дека преовладува асфалтот, како завршна обработка, кој од еколошки аспект е неповолен за пешачки површини и се промовира примена на различни природни материјали, со соодветна колоритна обработка на пешачките површини, дизајнирани според функцијата и со регулирана денивелација на градскиот под за непречено движење и на лица со посебни потреби, со примена на различна текстура при обработка на површините, особено при преод од пешачка површина кон сообраќајна површина (кај пешачките премини), и со така дизајнирани патеки, тротоари и плоштади ќе се придонесе за подобар квалитет на урбаната средина.

10 Pesacki povrsini vo  Osijek

Пешачки површини во Осијек

11 Javni prostori. Trotoar vo  Portoroz Slovenija

Пешачка површина во Порторож

12 Pesacki povrsini vo  Vercorin Svajcarija

Пешачка површина во Веркорин (Швајцарија)

14 Pesacki povrsini vo  Chikago

Пешачка површина во Чикаго

Значи, потребно е суштинско менување на обликувањето на јавните пешачки простори. Покрај перманентно одржување на постојни, потребно е засилено  оформување на нови јавни простори, особено покрај оние улици каде сè уште нема тротоари и каде не е безбедно движењето на пешаците, а такви примери има во секој град.

Значењето на просторите за пешаци е особено изразено при изведување на безбедно преминување преку изразени собраќајници, како што е примерот со изградба на пешачки мостови над улиците или подземни пешачки премини под улиците.

15 Pesacki most nad sobracajnica vo Istanbul

Пешачки мост над сообраќајница во Истанбул

Користење на тротоари за безбедно движење на пешаци

 Функцијата на тротоарите е обезбедување непречено движење на граѓаните, од една градска локација до друга. Во многу случаи, тротоарите се користат и за други намени, особено за паркирање на автомобили. Тоа е особено изразено во централните подрачја на градовите, каде скоро секој тротоар се користи за паркирање, а тоа и се наплатува, и наместо простор за пешаци се користи како  паркинг простор. Во таква ситуација, пешаците немаат каде да се движат по тротоарите и се движат на улица, што директно влијае врз безбедноста на граѓаните.

Додатен проблем е користењето на урбана опрема по тротоарите (маси и столици поставени на тротоарите), која се издава и на тротоари кои немаат елементарни услови за тоа, и наместо пешаците нормално да се движат по тротоарот, тие се протнуваат помеѓу масите и столовите или  ја користат улицата, значи се оневозможени да го користат својот простор. Со тоа, пешаците мораат да се движат на улица и да ја доведат во прашање својата безбедност, заради парцијални интереси на инвеститорите и на надлежната управа (заради одредени средства), а се намалува или оневозможува движењето на пешаците по својот простор.16 Javen prostor. Plostad vo  Bilbao Spanija

Плоштад во Билбао

Значи, за остварување на непречено движење по тротоарите, треба да се вклучат граѓаните, со организирана граѓанска активност за своите права за градски простор кој припаѓа на сите граѓани и сите имаат права и обврски да се ангажираат за тој простор. Јавниот карактер на тие простори е во фактот што тротоарите припаѓаат на пешаците. Значи, нема паркирање по тротоари, нема маси и столови, туку има користење на тој јавен простор за безбедно движење на граѓаните, по добро денивелирани тротоари. Активност која треба да се реализира, а времето ќе покаже дали можат граѓаните да се изборат за тоа свое право на јавен простор, кој долго време е узурпиран. До кога?

20 Zasencen plostad vo Sevilla Spanija19

Засенчен плоштад во Севиља

Јавни простори и јавност

Заради карактерот на јавните простори, особено на просторите за движење на граѓаните низ урбаната средина, од ниво на патека, тротоар до ниво на плоштад, е неопходно потребно активно вклучување на јавноста при организирање и избор на активности на јавните простори. Тоа особено треба да се изрази при донесување на детални урбанистички планови, каде треба да се нагласи јавниот интерес, особено за  карактерот на јавните простори наменети за сите граѓани. Потребна е измена на законската регулатува, со нормативно обезбедување и практична реализација на задолжително суштинско вклучување на јавноста при утврдување на концептите, особено на јавните простори. Тоа е неопходно потребно како придонес во процесот на натамошна демократизација на општеството.17 Multinamenski plostad vo Cordoba Spanija 18 Multinamenski plostad vo Cordoba Spanija

Мултинаменски плоштад во Кордоба

При организирање на јавните простори, треба да се подобри третманот на лицата со посебни потреби, од ниво на плански поставки до финална реализација, со особен акцент на поволното движење по тротоарите и соодветен пристап особено до јавните објекти.

Со комбинирање на различни дизајни при организирање на јавните простори, ќе се придонесе за менување на урбаното сивило на градовите, со трансформирање во пооптимистички градови, со похумани јавни простори, со што ќе се зголеми  квалитетот на урбаната средина.

Испрати коментар

Scroll To Top