Насловна / Архитектура / И. М. ПЕИ – човекот кој ги даде најубавите форми и простори

И. М. ПЕИ – човекот кој ги даде најубавите форми и простори

Нема подобар начин да се искаже почит кон големиот архитект Пеи од спомнувањето на неговите дела, или уште подобро, во колку е возможно, да се посетат и разгледаат. Добитник на сите најпознати светски награди за архитектурата, Ио Минг Пеи (Ieoh Ming Pei), на 16 мај 2019, во својата 102 година од животот, го напушти нашиот свет. Свет на кој му подари извонредни архитектонски дела, прекрасни форми, прекрасни простори… Во 1983 година, тој ја доби најпрестижната награда за архитектура „Притцкер“. При доделувањето беше кажано: „И. М Пеи му ги даде на овој век некои од најубавите надворешни форми и внатрешни простори… неговата разновидност и умешност во користењето на материјалите е на ниво на поезијата“.
Наградата во вредност од 100.000 долари тој ја употреби за создавање фонд за студирање архитектура на кинески студенти во Америка, под услов да се вратат и работат во Кина. Беше инспирација за помладите. Ванг Шу (Wang Shu), добитникот на Притцкеровата награда за архитектура за 2012 година, вели дека Пеи го „разбудил“. За него тој е учител кој дошол пред него, чии успеси и грешки ги научил, кој сфатил како да се премости старото и новото, Истокот и Западот.

I.M.Pei

ОБЈЕКТИ НИЗ ЦЕЛИОТ СВЕТ
И. М. Пеи се родил во Гуангжу (Guangzhou) во 1917 година. Растел во Хонг Конг и Шангај. Татко му бил банкар, а мајка му уметник. Во 1935 година, дошол во САД да студира архитектура, со намера после дипломирањето да се врати во Кина.
Студирал на Пенсилванскиот универзитет и на Технолошкиот институт во Масачусец. Во двете школи архитектонското образование се засновало на Бозар (Beaux-Arts), на класичната и неокласичната архитектура, што не му се допаѓало. Неговиот интерес и внимание биле насочени кон пионерските модернисти во тоа време. На Харвардскиот универзитет каде изучувал дизајн, се запознал со архитектите од Баухаус, Валтер Гропиус (Walter Gropius 1883-1969) и Марсел Бруер (Marcel Breuer 1902-1981). Дипломирал во 1940 година. Но Втората јапонско – кинеска војна (1937-1945) ги променила неговите планови за враќање во неговата земја.
Почнал да работи во Њујорк, во 1948 година за Вилијам Зекендорф (William Zeckendorf) кој работел со недвижности. На некои од проектите работел со Ле Корбизје. Според неговиот биограф Висман (Viseman), бидејќи доаѓал од Кина, имал многу поинаков концепт за времето и афинитет за природата и историјата. Привилегираното воспитување му помогнало да се снаоѓа во алфа-машкиот свет на архитектурата и недвижностите. Бил во можност да се школува со моќните и да создаде проекти со моќни геометриски форми и големи простори, како становите на источната страна на Менхетен 1965, Меморијалната библиотека Џон Кенеди во Бостон 1966, каде бил избран меѓу многу познатите архитекти како Луис Кан и Лудвиг Мис ван дер Рое, а Жаклин Кенеди за него рекла: „Сите кандидати се одлични. Но, Пеи! Тој сака работите да бидат убави“. Автор е на источната зграда на Националната галерија за уметност во Вашингтон во 1968… и потоа на уште многу, многу… други објекти низ целиот свет.
Неговите дизајни беа широко прифатени и пофалени, но не секогаш во прв момент. Кога големата стаклена пирамида на влезот во музејот Лувр, се отвори во 1989 година, не беше добро прифатена. А сега… сега е икона на градот…

naslov286.indd

ПРОСТОРОТ Е РЕАЛНАТА АРХИТЕКТУРА
Пеи не ги сакал стиловите. Но тој се сметал за модернист. Го дефинирал својот пристап уште во 1970 година, во интервју за документарен филм за еден од неговите објекти. „Ако проблемот е комплициран, тогаш зградата ќе резултира на тој начин“ вели Пеи. „Но тој треба да се поедностави. Да се елиминира непотребното“. Тоа е приближната дефиниција на модернизмот во архитектурата, да се одвои суштински потребното, елиминира непотребното, оставајќи чисти линии и резервни геометриски форми. Но неговата архитектура не е само геометрија. „Постојат многу други елементи кои се во игра за да се создаде формата“ вели Пеи. „Просторот е реалната архитектура. Мора да имате светлина… Светлината е многу важна“, а „Светлината на сонцето е магична“.

ОБЈЕКТИ И ФИЛОЗОФИЈА
Неговата филозофија го следи неговиот дизајн. Го следи основното верување на модернизмот дека формата ја следи функцијата и додава свое толкување, со вметнување на функционални симболи, што се рефлектира во сите негови извонредни дела. Неговите проекти од музеи до облакодери, покажуваат доследност во идејата дека формата ја следи функцијата и дека модернизмот е мост помеѓу сегашноста и минатото. „Архитектурата може да достигне ниво кога влијае на луѓето да направат нешто повеќе со нивните животи“. Е тоа е најинтересниот предизвик за него.
Неговата работа траеше со децении, почна од крајот на 40-тите години на минатиот век и продолжи во новиот милениум. Два од неговите последни големи проекти Музејот на исламска уметност во Доха, Катар и Центарот за науки Макао, во Кина, беа отворени во 2008 и 2009 година.
Во 1955 година ја основал сопствената фирма I.M.Pei & Associates. Од 1966 година фирмата се нарекува I.M.Pei & Partners, а од 1989 – Pei Cobb Freed & Partners. Се пензионирал во 1990 година и потоа работел како архитектонски консултант, пред сè во архитектонските бироа на своите синови Pei Partnership Architects.

АРХИТЕКТОНСКИОТ ГЕНИЈ И. М. ПЕИ, ЧОВЕКОТ КОЈ ГИ ПРИФАЌАШЕ ПРЕДИЗВИЦИТЕ, СОГЛЕДАН НИЗ НЕКОИ ОД НЕГОВИТЕ НАЈПОЗНАТИ ОБЈЕКТИ

И. М. Пеи создаде неколку ремек-дела во модерната архитектура. Ова се само неколку од објектите во неговата мегаархитектонска кариера.

The Mesa Laboratory of the National Center for Atmospheric Research, Boulder, Colorado (1961-1967)

1. The Mesa Laboratory of the National Center for Atmospheric Research, Boulder, Colorado (1961-1967)

Ова е еден од првите големи проекти на Пеи, завршен во 1966 година. Вонвременска зграда од бетон и камен, со поглед на карпестите планини во позадината. Инспирирана од карпестите живеалишта на американските Индијанци во југозападниот дел на Колорадо. Лабораторијата е прогласена за Лабораторија на годината од списанието за индустриски истражувања во 1967 година и од Американскиот институт за архитектура во 1997 година. Последната награда е за згради кои го „издржале тестот на времето“ за период од 25 до 35 години. Во 2007 година беше прогласен за најдобар Истражувачки центар од списанието Go!

1a. The Mesa Laboratory of the National Center for Atmospheric Research, Boulder, Colorado (1961-1967)

East Building of the National Gallery of Art, Washington, D. C. (1968-1978)

2. East Building of the National Gallery of Art, Washington, D.C. (1968-1978)
Источната зграда на Националната галерија за уметност во Вашингтон се смета за ремек-дело на архитектот Пеи. Со нејзиното отворање во 1978 година постави извонредно високи стандарди за дизајнирање на нови модернистички дополнувања на традиционални, класично стилизирани објекти.
Архитектонскиот критичар на „Њујорк тајмс“ во тоа време, Ada Louise Huxtable, рече дека е најважна зграда на векот, а „Пеи е веројатно најдобриот архитект на Америка“.
Тоа е прв музеј на Пеи. Неговата идеја била дека музејот треба и самиот да биде скулпторско дело. Да се доживува како дел од уметноста, каде луѓето активно се движат и внимателно разгледуваат.

2b. East Building of the National Gallery of Art, Washington, D.C. (1968-1978)
Националната галеријата за уметност во Вашингтон има две згради поврзани со подземни премини. Западна галерија во неокласичен стил од архитектот Џон Расел Поуп (John Russell Pope 1874-1937), завршена во 1941 година и Источна галерија со модерни строго геометриски форми од архитектот И. М. Пеи, завршена во 1978 година.

2. National Gallery of Art, Washington, D.C.
Додавањето на новата Источна галерија е на просторно тешка, трапезоидна локација. Решението на проблемот, Пеи го наоѓа во брилијантното користење на фузијата на два триаголника. Големите триаголници Пеи ги дели на неколку помали создавајќи комплексна, преплетена мрежа од триаголни форми. Триаголниците се организиран мотив на зградата, кој се повторува во сите димензии. Главна карактеристика на објектот е висок атриум проектиран како отворен ентериер. Огромен простор (1500 м²) обработен во мермер од Тенеси, природно осветлен, кој дава небесно чувство, наспроти темните галерии во западното крило кои се претежно без прозорци и природна светлина.

2c. East Building of the National Gallery of Art, Washington, D.C. (1968-1978)

Во 2005 година зглобовите кои ги држат мермерните плочи почнале да попуштаат и било неопходно реновирање кое е завршено во 2016 година.
Ништо во оваа зграда не е случајно или привремено. Секако имало поплаки и критики. Но објектот стана обновено, почитувано класично дело на модернизмот на крајот на 20 век.

Rock and Roll Hall of Fame and Museum, Cleveland, Ohio (1991-1995)

3
Понудата за работа на овој проект, била изненадувачка за Пеи. Тој не бил рокенрол обожавател и во прв момент одбил. Но рокенролот во седумдесеттите години од животот, бил неговиот нов предизвик. Откако направил свое истражување, патувал со Џон Венер (Jann Wenner), кооснивач и издавач на Ролинг Стоун (Rolling Stone) и посетил разни рок концерти, се посветил на проектот.

3c. Rock and Roll Hall of Fame and Museum, Cleveland, Ohio (1991-1995)
Дизајнот е комбинација на геометриски форми и конзолни отвори, закотвени во кула од 49 м која поддржува стаклена структура, во форма на двоен триаголен пирамидален облик што се протега до нејзината база каде обезбедува влез на главната фасада. Во зградата е сместен изложбен простор, деловен простор, продавница и кафуле. „Намерата ми беше да одекнувам со енергијата на рокенролот. Свесно користев нов архитектонски речник, кој е храбар и се надевам дека зградата ќе стане драматично обележје на Кливленд и на фановите на рокенролот низ целиот свет“ рече Пеи при нејзиното проектирање.

3b
Музејот и салата на славните на рокенролот, сместени во центарот на Кливленд, на брегот на езерото Ери, е објект во кој се документира историјата на рок музиката, на уметниците и други личности кои влијаеле на развојот на рокенролот.
Комплетирана во 1995 година, стана едно од неговите најпрепознатливи дела, кое одекнува со енергијата на рокенролот.

Miho Museum, Japan (1997)

михо
Доаѓањето во музејот, сместен во прекрасен, планински пошумен предел, во предградието на градот Шигараки, југоисточно од Кјото, е преку коса патека со живописни дрва и поминување низ тунел и мост. И одеднаш се појавува главната зграда на музејот. Неверојатно визуелно достигнување. Околу три четвртини од зградата е под земјата. Покривот е голема стаклена и челична конструкција, додека подот, внатрешните и надворешните ѕидови се од топал, беж варовник од Франција, истиот материјал кој е користен и во Лувр.
Објектот завршен во 1997 година, восхитува. Уметност која е дел од прекрасната природата, која се надополнува и поврзува со неа.

 

михо3

михо1

Bank of China Tower, Hong Kong (1982-1989)

Во Хонг Конг градот кој никогаш не спие, изграден е фантастичниот објект на Банката на Кина во Азија. Едно од најпрепознатливите обележја, познато по својата посебна форма и дизајн кој се состои од триаголни рамки покриени со стаклени ѕидови. Имало и критики, посебно од практичарите на фенг шуи, кои единствено за овој објект во Хонг Конг не биле консултирани за неговиот дизајн.

5.Bank of China Tower, Hong Kong (1982-1989)

Критиките биле главно за острите рабови и негативната симболика на „Х“ форми во оригиналниот дизајн, кој подоцна до одреден степен е изменет. По завршувањето, зградата со нејзиниот модерен дизајн, веднаш стана еден од најпознатите објекти во Хонг Конг и светот. Ја промени геометријата на хоризонтот на вертикалите на градот. Во периодот од 1989 до 1992 година беше највисок облакодер во Хонг Конг и Азија. Сега е на четврто место.

5a. Bank of China Tower, Hong Kong (1982-1989)

Museum of Islamic Art, Doha, Qatar (2008)

Овој проект бил нов архитектонски предизвик за Пеи. Го преземал на 91-годишна возраст, признавајќи дека малку знае за исламската уметност. Но тоа било можност да ја запознае. За да ја сфати суштината на исламската архитектура, почнал да го проучува исламот и да патува по исламскиот дел од светот. Шест месеци патувал и читал муслимански текстови со цел да ја запознае нивната историја и архитектура. Според него инспирацијата ја добил од фонтаната на џамијата Ibn Tulun од IX век, во Каиро, каде што пронашол строга архитектура којашто сонцето ја оживува, со сите нејзини сенки и нијанси на бои. Резултатот е архитектонска икона составена од петкатна минималистичка зграда и двокатно крило со геометриски форми и естетски детали од уметноста и архитектурата на муслиманскиот свет.

6. Museum of Islamic Art, Doha, Qatar (2008)
Одбивајќи ги сите понудени локации, Пеи предложил објектот да се изгради на самостоен остров. Изграден e на вештачки остров на пристаништето во Доха.
Два моста ја поврзуваат предната јужна фасада со главниот полуостров. Источната и јужната страна се опкружени со парк, а западната и северната фасада се маркирани за пристаништето и го покажуваат минатото на морската пловидба на Катар. Во внатрешноста на зградата, висок атриум со купола од нерѓосувачки челик над големи дупли скали, дава зачудувачки централен дел на ентериерот. Кружен перфориран метален лустер обесен е над скалите, кои водат до галериите. Стаклен ѕид-завеса, на северната страна на просторот, нуди панорамски поглед на заливот од сите пет ката на галерискиот простор.

6a. Museum of Islamic Art, Doha, Qatar (2008)
Музејот е под влијание на старата исламска архитектура, но сепак има уникатно модерен дизајн, со геометриски форми. Пустинското сонце и ноќните светла активираат постојана хипнотизирачка игра на бои и сенки на фасадите обложени со француски варовник.
Ова е прв ваков вид на музеј во арапските држави на Персискиот Залив, во кој е претставен период од 14 векови исламска уметност, вклучувајќи ракописи, ќерамика и текстил.

6b. Museum of Islamic Art, Doha, Qatar (2008)

Вториот дел на текстот за големиот архитект Пеи, е за стаклената пирамида во Лувр, проект за кој тој вели дека бил најголемиот предизвик и најголемото достигнување во неговата извонредна кариера. Најтешката работа. Но со овој проект тој подарил архитектонска икона на градот на светлината, на Париз. Оставил архитектонски белег на овој свет… свет кој го напушти оваа година.
А неговото име И. М. (Ieoh Ming) значи „да се направи неизбришлив белег… или да се впише светлина“…

(продолжува)

Автор: Љупка Дуковска, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top