Насловна / Вести / Фокус на голема библиотека која се протега на ѕидот

Фокус на голема библиотека која се протега на ѕидот

Претставениот простор е приватен дом во населба Карпош во Скопје. Целта на овој внатрешен дизајн е да го облагороди и организира просторот на најдобар можен начин, без притоа да предизвика промени во постоечката организација на станот. Проектот е главно ориентиран кон дизајнирање на опремата и како истата најсоодветно да се вклопи во затекнатото функционално решение на просторот.

3

На почетокот на самиот стан, непосредно до влезот се лоцирани малиот гостински тоалет и кујната, организирана во два сегмента, а ограничена со работен и послужувачки пулт. Просторот покрај влезот е максимално искористен за одлагање, а во еден сегмент вратите го сокриваат пристапот до помошната соба каде се поставени уредите за одржување на домаќинството. Отворената кујна е поврзана со просторот на трпезаријата и делот на дневната соба.

1

Во трпезарискиот простор, фокусот е на големата библиотека која се протега на ѕидот во продолжение на еден сегмент од кујната. Наместо регуларниот и познат изглед на библиотека, ова парче мебел добива специфичен дизајн. Основната ортогонална решетка е поделена на нееднакви полиња, при што некои од полињата се затвораат со вратичка, и може да се користат за одлагање на предмети и покуќнина во функција на трпезаријата. Со намера да се постигне баланс во обработката на ѕидните површини, од спротивната страна на библиотеката поставена е облога од парчиња мермер.

2

Патем, во дизајнот на мебелот се забележува отсуството на секакви украси и непотребни декорации. Наспроти тоа, сета опрема е решена во неколку потези, со особен акцент на едноставноста и функционалноста. Кога станува збор за материјалите и бојата, доминираат скандинавско-сиви тонови, стоплени со детали од дрвена обработка низ целиот ентериер. Испреплетени низ целиот дом, создаваат атмосфера на удобност и придонесуваат за современиот карактер на овој простор за живеење.

10

Вештачкото осветлување е поставено на многу внимателен и суптилен начин. Со минимални интервенции, вградените плафонски светла и едноставните лустери се појавуваат само онаму каде што се навистина потребни. Без намера да доминираат, се поврзуваат со останатиот дел од ентериерот, со едноставните геометриски форми и во истите темносиви тонови.

Архитекти: Елена ФИЛИПОВСКА и Владо ДАНАИЛОВ

12

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top