Насловна / Вести / Електричен автобус ќе почне да сообраќа во Скопје

Електричен автобус ќе почне да сообраќа во Скопје

Градот Скопје соопшти дека е потпишан договор со компанијата Chariot Motors за пробно користење електричен автобус за период од шест месеци. Електричниот автобус ќе почне да сообраќа на градските улици во април годинава, и тоа на линијата со број 15 на ЈСП од Ново Лисиче до Карпош 4, по следната траса: булевар Јане Сандански, булевар Кочо Рацин, улица Димитрие Чуповски, булевар Партизански одреди и обратно. Во возилото може да се превезуваат до 85 патници.

По истекот на пробниот период овој електричен автобус ќе биде понуден на ЈСП и на приватните превозници да го купат.

– Низ Скопје ќе вози електричен автобус. Потпишавме договор со Chariot Motors за пробно користење електричен автобус за период од шест месеци. Ова е одлична можност која ќе не збогати со едно ново искуство за градот, што понатаму ќе можеме да го користиме во планирањето на модернизацијата на јавниот градски превоз. Автобусот е направен во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија.  Станува збор за енергетски ефикасен автобус што троши минимално количество електрична енергија и е опремен со систем за брзо полнење. Најголемата предност е тоа што воопшто нема емисија на издувни гасови што го загадуваат воздухот – рече градоначалникот Петре Шилегов.

Градоначалникот објасни дека автобусот ќе сообраќа на линијата со број 15, а станиците за полнење на крајните постојки во Ново Лисиче и во Карпош 4 се поставени со помош на ЕВН.

– Вложувањето во јавен градски превоз кој е енергетски ефикасен и кој не го загадува воздухот е влог во создавањето здрава животна средина. Решавањето на деценискиот проблем со јавниот превоз во Скопје е дел од листата приоритети на Градот. Годинава предвидовме буџет за субвенции за набавка на еко-автобуси во висина од 100 милиони денари и за приватните превозници во висина од 20 милиони денари. Работиме на модернизацијата на градскиот автобуски превоз. Скопје заслужува автобуски превоз што нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните коишто го користат – нагласи градоначалникот Шилегов.

imageedit_2_3060087349

Испрати коментар

Scroll To Top