Насловна / Вести / Колку чини свеста на архитектот?

Колку чини свеста на архитектот?

svesta-na-arhitektot-thumb.jpg

И во овој број на "Порта3", продолжуваме на темата поттикната од последната Годишна награда за најдобро реализирано архитектонско дело во Република Македонија во 2011 година за Спомен куќата на Тоше Проески на архитектите од проектантското биро "Синдикат студио", како и невообичаената реакција во пошироката јавност искажана преку написот "Евтина архитектура" на Билјана Ангеловска објавен во "Утрински Весник" (27.12.2011:6). 
Во овој напис, Ангеловска повикувајќи се на малиот паричен износ на Годишна награда отвори интересни прашања за положбата на архитектите и архитектурата во земјата, како што се: дали архитектите треба да ги реализираат своите замисли и планови или пак треба да ги исполнуваат желбите на своите клиенти? Значи, се работи за теми кои отвораат низа сериозни прашања на кои навистина е тешко да се даде едноставен одговор. 
 
За почеток, ќе дадеме еден помалку екстремен пример на тема "безбедност" (Safety) од страна на професорот Фишер, декан на Колеџот за дизајн при Универзитетот на Минесота на 04.03.2012 (ethicsforarchitects.blogspot. co.uk): "Клиент на висококатен објект во земја опкружена со непријателски настроени соседи побарал од архитектот да му испроектира скриена противракетна инсталација на кровот на кулата. Иако архитектот се чувствувал обврзан да одговори на барањата на клиентот, се поставуваат прашањата дали жителите на зградата треба да знаат за оваа инсталација и како луѓето ќе се чувствуваат да работат во објект, кој би можел да стане воена цел." 

svesta-na-arhitektot-1.jpg

 
Без да се навлегува во деталите на аргументи и противаргументи кои професорот Фишер ги дискутира во одговорот на прашањата што произлегуваат од погорниот пример, или пак да се фокусира на неговиот одговор по ова прашање, треба да се одбележи дека тој се повикува на утилитарната етика во барање на најсоодветниот одговор. Според него, одговорот треба да биде базиран на следното прашање: "Што претставува најдобро добро за најголемиот број?" Оттука, ако се навратиме на појдовното прашање дали архитектите треба да ги реализираат своите замисли или пак треба да ги исполнуваат желбите на своите клиенти, веројатно одговорот би требало да биде – решение "што претставува најдобро добро за најголемиот број", бидејќи и архитектот и клиентот живеат во некоја поширока средина и заедница, во која резултатите на "замислата" на архитектот и "желбата" на клиентот можат да предизвикаат серизони последици за нивното опкружување. Во современиот свет на втората декада од 21 век, човечкиот живот најмногу се одвива во рамките на изградената средина поддржана од глобален економски систем, кој фокусира на урбаните центри со ограничена инфраструктура, која не секогаш е способна да ги прифати сите оние што сакаат да живеат и работат во неа, или дејствуваат во објекти кои се сметаат за одговорни не само за големите енергетски загуби, туку и за загадувањето на човековата околина. 
 
Да се раздвои доброто од лошото или пак прифатливото од неприфатливото, е нешто што сите ние секојдневно го правиме, а други правила не важат за архитектите. Кога тие ги носат своите одлуки или се обидуваат да одолеат на разни притисоци врз кои се изложени, се очекува своите одлуки да ги базираат на сопствените познавања и образование. Донесувањето на најсоодветната одлука за тоа "што претставува најдобро добро за најголемиот број" не е лесно, особено доколку се земат предвид и секојдневните локални и глобални пазарни притисоци на кои сме изложени како поединци, а истовремено сме со многу ограничени можности да влијаеме врз нив. 
 
Физичките аспекти на архитектонското творештво во спрега со последиците од проектите и објектите за поширокото опкружување во кое тие се лоцирани, ја налагаат потребата архитектите соодветно да бидат обучени во доменот на архитектонската етика, а со оглед на тоа што: "Етиката е за сивото, не за црното или белото. Таа е за тешките одлуки кои Ве ставаат во незавидна ситуација во која секоја одлука ќе предизвика потешкотија за некого" (Steidl, 11.12.2009, www.di.net). 
 
Одлуката што ќе ја донесе архитектот, решението што ќе го избере, објектот што ќе го испроектира и изгради, влијаат не само на поединците, нивната заедница и непосредното опкружување туку и многу пошироко. Архитектот во текот на својата професионална кариера решава за многу работи кои влијаат на здравјето, безбедноста, животната средина, искористувањето на ограничените ресурси и многу други аспекти кои налагаат архитектот да биде свесен за исклучителната одговорност која му е доверена. Заради ова е неопходно архитектите во текот на својата едукација и практика да бидат не само обучени, туку и постојано потсетувани за нивната одговорност не само кон клиентите и корисниците на објектите, туку и кон општеството. 

svesta-na-arhitektot-2.jpg

 
Како резултат на реализацијата за исклучителната одговорност која им е доверена на архитектите, професионалните организации на архитекти низ светот вршат измени и дополнување на нивните интерни документи во обид да одговорат на овие предизвици. Така, според Steidl, во текот на 2004 и 2005 година, Американскиот институт на архитекти (American Institute of Architects – AIA) и подоцна во 2009 година Националниот совет за акредитација на архитекти (National Architectural Accrediting Board – NAAB), извршиле дополнување на своите акти, со кои се истакнала определбата студентите по архитектура да ги почнат своите студии слично со оние на студентите по медицина, со разбирање на професионализмот и етиката. Слично и во Обединетото Кралство, општите критериуми за првиот и вториот дел на студии (The General Criteria at Part 1 and Part 2) на Комората за регистрација на архитекти (Architects Registration Board – ARB) налагаат меѓу другото, дипломираните студентите да имаат "разбирање на односите помеѓу луѓето и објектите, и помеѓу објектите и околината, и за потребата да се поврзат овие објекти и просторите помеѓу нив со човечките потреби и мерка". При ова особено се залага за потребата на разбирање "на влијанието на објектите на околината, и на концептот за одржлива архитектура" како и за тоа "како објектите се вклопуваат во локалниот контекст". Во овие критеријуми, се бара дипломираните студентите да имаат разбирање "за природата на професионализмот, должностите и обврските на архитектите кон клиентите, корисниците на објектите, градежниците, претставниците на сродните професии и поширкото општество", како и "за потенцијалното влијание на градежните објекти врз постојните или предложените заедници". Исто така, наставниот план и програма за полагање на стручниот испит за архитектите налага кандидатите да развијат "способност да ги идентифицираат и артикулираат проектните програми на клиентот за да ги задоволат заедно и потребите на првиот корисник и подолгорчните потреби и определби на општеството за одржлив развој". (pedr.co.uk). 
 
Од погорните примери може да се види како во одредени средини се прават обиди да се изградат и надградат познавањата на сегашните и особено на идните архитекти во доменот на професионализмот и етиката во архитектурата. А со тоа и да се подигне нивото на нивната совест, што би требало да им помогне при донесувањето на одлуките, дали да ги реализираат своите замисли или да ги исполнуваат желбите на своите клиенти, и да се водат според определбата "што претставува најдобро добро за најголемиот број", притоа водејќи сметка за подолгорочните потреби и определби на општеството за одржлив развој. Се разбира, декларациите за професионализам и етика не се доволни сами по себе. Успешноста на нивната реализација во практика во голема мера ќе зависи не само од однесувањето на архитектите, туку и од однесувањето на нивните клиенти и пошироката јавност. Оттука, неопходно е активностите на професионалните комори, асоцијации, здруженија и образовни институции, да бидат поткрепени со поширока програма за образование не само на јавноста, туку и особено на клиентите за тоа како нивните желби можат да имаат позитивно или негативно влијание врз животната средина, како денес така и во иднина. 
 
Се разбира, декларациите за професионализам и етика не се доволни сами по себе. Успешноста на нивната реализација во практика во голема мера ќе зависи не само од однесувањето на архитектите, туку и од однесувањето на нивните клиенти и пошироката јавност. Оттука, неопходно е активностите на професионалните комори, асоцијации, здруженија и образовни институции, да бидат поткрепени со поширока програма за образование не само на јавноста, туку и особено на клиентите за тоа како нивните желби можат да имаат позитивно или негативно влијание врз животната средина, како денес така и во иднина.
 
д-р Владимир Б. Ладински,
дипл.инж.арх. (Велика Британија) 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top