Насловна / Арт и дизајн / Дали ќе продолжиме да си ги забораваме вредностите?

Дали ќе продолжиме да си ги забораваме вредностите?

Елементарни непогоди, војни, миграции се судбински врзани за секој град и држава. Историските, политичките и миграциски промени го менуваат карактерот на градот и на државата, културните, менталитетските и сите видови на обичаи и навики. Според дијалектиката на промени, историјата не застанува ниту во моето опкружување. Така, ја снема сликата од моите спомени, она што го паметам стана нешто друго. Градот и државата во кои живеам се исти, но со поинакви жители, поинакво време и поинакви поимања на нештата. Покрај неминовниот позитивен технолошки развој, кој не нѐ одмина ни нас, за жал поминавме и низ еден период на целосна узурпација на градителското наследство, архитектурата и културата. Појавата на вандализам и уништување на културно-историски споменици и спомен-обележја е прашање кое вознемирува и води кон заклучокот дека простаклакот и неукоста оди рака под рака со неспособноста и негрижата на институциите.

1_resize5_resize

Неодамна ме вознемири веста и сликата за еден графит – вандализам во Маврово врз „Споменик на антифашистичката борба“ од 70-тите години, дело на арх. Радован Раѓеновиќ и академскиот сликар Глигор Чемерски. Станува збор за едно од помалку познатите дела на тандемот Раѓеновиќ – Чемерски од периодот на синтезната архитектура и уметност. Делото е препуштено на забот на времето, а покрај него нема никаква ознака која би означила дали објектот е под заштита на закон. Така, оној што си дозволил да црта графити под муралот на Чемерски не морал ниту да биде свесен дека прави прекршок. Сепак останува прашањето зошто тој што го ангажирал не бил  свесен за значењето на споменикот? Во меѓувреме под притисок на јавноста, споменикот е вратен во првобитната состојба.

м_resize

Ова ме поттикна да се позанимавам со спомениците од Народно-ослободителната борба (НОБ) во нашата земја градени во периодот меѓу шеесеттите и седумдесеттите години на 20 век. Спомениците од НОБ  биле места од посебно значење во Југославија. Внимателно планирани и уредувани како места за евоцирање спомени за големите битки на нашите претци, биле воедно и места за рекреација, образование и одмор. Со распадот на Југославија овие места станаа товар на новите власти. Тие престанаа да бидат вградени во училишните програми и екскурзии и многу од нив беа заборавени. Во нашата земја, во Скопје и скоро во сите други градови има спомен-обележја, спомен-костурници и меморијални комплекси од овој период, кои се авторски дела на најеминентните уметници, скулптори и архитекти од нашата земја и од бившите југословенски републики. Ако тргнете на прошетка низ градот и републиката со намера или не, ќе сретнете запрепастувачки информации и слики од обезглавени бисти, графити и чкртаници врз спомениците, оштетувања и запуштени меморијални комплекси.

Ќе се осврнам на позначајните дела од овој период: спомен-костурници и меморијални комплекси за да потсетам дека претставуваат своевидна иконографија за славење на слободата, на победата на животот над смртта и вознес на жртвите.

Споменикот на непобедените во Прилеп, изграден во 1961 г. е дело на арх. Богдан Богдановиќ.

mogila_resize

Сместен на брдото Могила претставува меморијален комплекс во Паркот на револуцијата и е изграден во чест на паднатите борци за ослободување на Прилеп. Според проектот на еден од најеминентните светски познати архитекти за меморијална архитектура на 20 век во поранешна Југославија, споменикот претставува меморијална урна од осум деформирани столбови кои попримаат атрибути на древните божици на плодноста. Тоа е заедничка гробница со мермерна плоча на која се испишани имињата на загинатите борци. Споменикот е изработен од бел мермер и ја покажува големината на ослободителната борба и храброста на жителите на градот и околината. Овие осум фигури како да ја играат древната игра на  балканските народи – орото и така ѝ пркосат на смртта (Comac Gullien).  Како што вели Бурград „изгледаат како дојденци од друга планета или свештеници кои со рацете дигнати кон небото оддават почит на борците против фашизмот и нацизмот.“ (Kiru Burghard) Споменикот има оштетувања и е недоволно одржуван.

мог_resize

Спомен-костурницата Велес е изградена во 1979 година и е дело на инг. арх. Сава Суботин, академскиот вајар Љубомир Денковиќ и академскиот сликар Петар Мазев.

Spomen-kosturnica-veles_resize

Објектот е импозантен, монументален споменик, лоциран на брдо со прекрасна глетка на градот и околината и претставува вечно почивалиште на стотина велешки борци загинати во НОБ. Објектот има форма на расцутен афионов цвет и означува раѓање на нешто ново. Присутна е и асоцијацијата на распукан шлем – симбол на победата над фашизмот. Во центарот на ентериерот поставена е скулптура на расцутено дрво како симбол на слободата, а под неа се наоѓа криптата на борците. По должината на ѕидовите лежи најголемиот мозаичен комплекс во Македонија, од околу 220 м2, дело на академскиот сликар Петар Мазев. На мозаикот од пет делови претставена е историјата на македонскиот народ од периодот на Османлиите до деведесеттите години на 20 век. Објектот до скоро имаше видливи оштетувања, но Министерството за култура презема мерки и во 2016 година завршена е реконструкцијата и реновирањето на објектот.

велес_resize

Споменик на слободата на ридот Локубија во Кочани подигнат во 1981 година во чест на 40- годишниот јубилеј од НОБ, претставува монументално дело на уметникот Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ.

HPIM1360.JPG

Во овој споменичен комплекс, архитектурата, скулптурата и сликарството се преплетуваат во една целина. Ѕидните платна се истовремено градежни и вајарско-сликарски елементи, кои носат мозаици во вкупна површина од 330 м2. На мозаикот е овековечена борбата на македонскиот народ за слобода. На споменикот се испишани имињата на загинатите борци од Кочани и Кочанско. Покрај историската и уметничката вредност, споменикот има и употребна вредност со изградената амфитеатрална сцена која се користи за свечености, театарски претстави, концерти и други собири. Споменикот е прогласен за споменик на културата и е влезен во регистарот на  Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата. Од 1991 година наваму, споменикот е препуштен на забот на времето и е значително оштетен. Оштетувањата се направени од несовесни граѓани кои откорнале дел од мозаикот и нанесувале чкртаници на споменичната површина. Дел од оштетувањата се поправени во 2004 година.

кочани1_resize

Спомен-костурницата Кавадарци е изградена во 1976 година и е дело на архитект, професор Петар Муличковски.

кавадарци_resize

Објектот е изграден во градскиот парк на надморска височина од 305 метри, со панорамски поглед на градот и околината. Тоа е монументален објект кој симболизира стара македонска куќа, како вечен дом на паднатите борци во НОБ. Во неа се сместени посмртните останки на загинатите борци од Кавадарци и жртвите на фашистичкиот терор во периодот 1941- 1945 година.  Спомен-костурницата е изработена од бетон, а на гранитни плочи се испишани имињата на 328 борци.

кав_resize

Спомен-костурница на дванаесетте стрелани ваташки младинци се наоѓа во месноста Моклиште, кај селото Ваташа, Кавадаречко.

vatasastrelanje_resize

Таа е авторско дело на академскиот вајар Јордан Грабуловски. Костурницата не е одржувана и има оштетувања, овој споменик е неколку пати и ограбуван, за на крај да биде украден и 50-тина килограми тешкиот метален дел.

Спомен-костурницата Куманово е изградена во 1957 година како авторско дело на арх. Зардумис и академскиот вајар Сретен Стојановиќ. Објектот се состои од обелиск и крипта во која се сместени посмртните останки на 300 загинатите борци во НОБ. Објектот има сериозни оштетувања и преземени се мерки за реконструкција.  Во очајна состојба се другите меморијални споменици, обележја и бисти во кумановскиот крај, тие се оштетени, оскрнавени или целосно уништени.

куманво_resize

Некогаш беа почитувани и незаборавни места, јавни простори за лични и колективни спомени. Денес повеќето од нив се скоро заборавени, препуштени на забот на времето, без статус на заштита. Спомнав само дел, од за мене лично најзначајните споменични објекти, со намера да потсетам на нивната огромна важност за македонската култура и историја. Нивната морфологија и дизајн се модерни и футуристички дури и од денешна перспектива. Секој од нив раскажува прекрасна приказна. Историско-политичкиот контекст во кој настанале секако бил идеолошки обоен, како впрочем и секој друг историко-политички контекст во човечката историја, но факт е дека тие споменици зборуваат за најсветлите достигнувања во целокупната македонска историја, која довела до создавање на првата македонска држава во историјата. Дополнително, од архитектонска и уметничка гледна точка, во споредба со сѐ што тогаш се градело во светот, овие објекти изгледаат вонсериски и вонвременски. Поради својата уметничка возвишеност и извонредна комуникација со просторот зрачат со убавина и заслужуваат почит и достоен третман од државата, од институциите и од граѓаните на Македонија. Ако светот до денес ја слави „Герника“ на Пикасо, зарем ние смееме да си дозволиме да не ги славиме Мазев, Чемерски, Грабуловски и нивните генијални мозаични остварувања со кои е раскажана и опеана епопејата кога македонскиот народ бил на вистинската страна на историјата, на страната на антифашизмот.

Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top