Насловна / Вести / Целосен ремонт на 13 километри сообраќајници

Целосен ремонт на 13 километри сообраќајници

Пандемијата од Ковид-19 сè уште трае, но животот барем засега полека се враќа во нормала. Речиси сите граѓани се враќаат на своите работни места, а дел од учениците повторно ќе седнат во училишните клупи. Новото нормално веќе е забележливо меѓу луѓето, но старите навики останаа, а со тоа и вечниот проблем што го има градот Скопје со сообраќајниот метеж.

Пред почетокот на есента половина град е раскопан со реконструкција на улици. Речиси и да нема дел од градот каде во текот на целиот ден не се прави сообраќаен метеж затоа што дел од улиците и булеварите се затворени заради реконструкција. Во оваа офанзива ќе се направи ремонт на 13 километри сообраќајници. Градските власти за тоа апелираат граѓаните да имаат трпение додека траат градежните работи на сообраќајниците, за зимата да ја дочекаме со реконструирани улици во сите општини, а сега да користат алтернативни улици за движење.

ulica Dzon Kenedi1

РАСКОПАНО ОД БУТЕЛ ДО КАРПОШ

Шест поголеми улици во неколку општини се зафатени со реконструкција. Се реконструира улицата „Никола Карев“, кај Железничка станица, втората делница од улицата „Лазар Личеноски“, улицата „Македонско-косовска бригада“ и „Џон Кенеди“ во Чаир, како и „Боца Иванова“ во Бутел и уште една делница од улицата „Благоја Стефковски“, во Гази Баба.

И дел од булеварите се зафатени со реконструкција и со градежната сообраќајна офанзива која ја најавуваа властите. Па така реконструкција се прави на булеварот „8 Септември“ каде ќе се градат и велосипедски патеки. За прв пат велосипедистите ќе може безбедно да го користат и булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда откако и тој ќе биде реконструиран и ќе се направат велосипедски патеки. Во Општина Аеродром се реконструира булеварот „Видое Смилевски-Бато“.

ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА ЌЕ СЕ ПОТРОШАТ 6,4 МИЛИОНИ ЕВРА

За реконструкција на сите овие булевари и улици градот ќе потроши вкупно 393,5 милиони денари или речиси 6,4 милиони евра. Од овие средства 272,3 милиони денари или 4,4 милиони евра се за реконструкција на булеварите, а на улиците ќе се потрошат останатите 121,2 милиони денари или нешто помалку од два милиони евра.

bulevar Aleksandar Makedonski1

Кај булеварите најмногу пари ќе се потрошат за реконструкција на булеварот „Александар Македонски“. Реконструкцијата тука се одвива на потегот од крстосницата со улица „16-та Македонска бригада“ до пешачкиот мост пред клучката кај Хиподром, која го поврзува овој булевар со автопатот. Реконструкцијата се реализира фазно, а на терен истовремено се работат три од вкупно четири фази на реконструкцијата. Булеварот ќе се реконструира во должина од 5.300 метри, што претставува најдолга делница на која Град Скопје работи во моментов. Трите фази од реконструкцијата истовремено ги реализираат три различни градежни компании, а вкупната вредност на трите договори изнесува околу 202 милиони денари со вклучен ДДВ. Реконструкцијата ќе се искористи и за поставување или замена на подземните инфраструктурни инсталации, а исто така ќе се изврши и експропријација на земјиште за да се изгради велосипедска патека.

На потегот од булеварот „Илинден“ до улицата „Скупи“ ќе се реконструира булеварот „8 Септември“. Во текот на градежните работи ќе се изврши комплетна реконструкција на коловозот, обнова на тротоарите со замена на оштетените рабници и нивелација на постојните шахти и сливници, во двете насоки, во должина од 980 метри. Станува збор за релација која претставува главна артерија што ги поврзува населбите Карпош 2, 3 и 4 со Злокуќани, Бардовци, Момин Поток и другите населби во северниот дел од градот. Исто така ќе се изведе и нова велосипедска патека со што ќе се заврши таканаречениот Конектор број 5 и ќе се поврзат населбите Карпош, Злокуќани и Бардовци со велосипедската патека на кејот на Вардар. Планирано е да се формира и нов дрворед од околу 100 дрвја, а ќе се уреди и средишна жардиниера.

8 Septemvri1

За реконструкција на булеварот „8 Септември“ ќе се вложат 43 милиони денари со вклучен ДДВ.

На булеварот „Видое Смилевски-Бато“ предвидено е да се направи целосна реконструкција во двете насоки, да се заменат оштетените рабници и да се направи нивелација на постојните шахти и сливници во должина од 700 метри. Вредноста на овој проект е 27,3 милиони денари.

Најмногу пари за реконструкција ќе се потрошат на улицата „Македонско-косовска бригада“ и тоа околу 56 милиони денари. На делницата од крстосницата со булеварот „Никола Карев“ (Пластичарска) до крстосницата со „Втора македонска бригада“ ќе се изврши целосна реконструкција на коловозот во должина од 1.700 метри, реконструкција на постојните тротоари, замена на оштетените рабници, нивелација на шахтите и сливниците, а ќе се постават и нова атмосферска и фекална канализација. Градските власти велат дека оваа фаза всушност е изведба на едниот крак од идниот булевар „Македонско-косовска бригада“. Во текот на наредната година се очекува да почне постапката на експропријација на земјиштето, со цел да се изведе и вториот крак и со тоа овој дел ќе се поврзе со булеварите „Босна и Херцеговина“ и „Словенија“, а перспективно ќе имаме влез на тунелите под Кале.

ul. Makedonsko Kosovska Brigada

Реконструкцијата на коловозот на Џон Кенеди ќе се одвива на потегот од булеварот Македонско-косовска бригада до булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“. На оваа делница ќе бидат изградени и велосипедски патеки, а целата е во должина од 1.123 метри.

ulica Dzon Kenedi

Улицата „Лазар Личеноски“, се реконструира на потегот од СРЦ „Кале“ до крстосницата со булеварот „Никола Карев“, што претставува втора фаза од обновата на оваа значајна сообраќајница. На оваа делница ќе се изврши целосна реконструкција на коловозот во должина од 1.300 метри, реконструкција и проширување на постојните тротоари, како и замена на оштетените рабници.

ulica Lazar licenoski

Градежни екипи работат и на реконструкција на улицата „Никола Карев“ на потегот од крстосницата со улицата „Трета македонска бригада“ до булеварот „Кузман Јосифовски- Питу“, на должина од 510 метри. Од Градот велат дека по изградбата на улицата „Есенинова“ која веќе е почната и со реконструкцијата на улицата „Никола Карев“ жителите на општините Центар, Аеродром, Кисела Вода и Гази Баба побрзо и полесно ќе стигнуваат до саканата дестинација. На тој начин, движењето од Кисела Вода до Гази Баба ќе биде скратено за нешто повеќе од 10  минути. Дополнително, на улицата „Никола Карев“ се предвидени и велосипедски патеки од двете страни, со што ќе се поврзат двете главни велосипедски рути на булеварот „Кузман Јосифовски-Питу“ и булеварот „Трета македонска бригада“, кои ги поврзуваат општините Центар и Аеродром.

ulica Nikola Karev

Улицата „Боца Иванова“, во општина Бутел, се реконструира во должина од 800 метри и тоа на потегот од кружниот тек до улицата „Лазар Трповски“.

Втората фаза од реконструкцијата на улицата „Благоја Стефковски“ ќе го опфати потегот од свртувањето кон улицата „Перо Наков“ до Кино „Маџари“, во должина од околу 850 метри.

По завршувањето на втората фаза планирано е да се почне со реализација и на третата фаза од реконструкцијата на оваа улица која е предвидено да биде на потегот од Кино „Маџари“ до пругата Скопје – Белград, со што главната улица која ги поврзува населбите Маџари и Ченто ќе биде целосно реконструирана.

Се гради и ново, не се поправа само старото

Освен реконструкција на постоечките, Град Скопје го гради и новиот булевар „Босна и Херцеговина“. Реализацијата на овој капитален проект се одвива во две фази. Првиот дел од новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“ е на потегот од крстосницата на  булеварот „Словенија“ и улицата „Македонско-косовска бригада“ до крстосницата со улиците „Бутелска“ и „Кемал Сејфула“. Булеварот ќе биде долг околу 1.400 метри и широк 40 метри и ќе има по три коловозни ленти во двата правца, пет метри зелен појас во средината, странично зеленило, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни.

bul. Bosna i Hercegovina1

Втората фаза од изградбата на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“ е на потегот од крстосницата со булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ до крстосницата со улиците „Ќемал Сејфула“ и „Бутелска“. Булеварот на овој потег ќе биде долг околу 500 метри, широк 40 метри, со шест коловозни ленти, две велосипедски и две пешачки патеки и централно и странично зеленило.

Со изградбата на новиот булевар, граѓаните на Бутел, Чаир, Шуто Оризари и на Железара ќе имаат целосно булеварско решение со кое се спојуваат булеварот „Словенија“, „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски-Карпош“.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top