Насловна / Вести / Бучавата од сообраќајот во Скопје и во Битола ги надминува дозволените ограничувања

Бучавата од сообраќајот во Скопје и во Битола ги надминува дозволените ограничувања

Вчера на Техничкиот факултет – Битола се одржа презентацијата на мерките против загадувањето со бучава во Скопје и во Битола, изработени од Техничкиот факултет во Битола во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамки на кампањата за подобра животна средина #НеИгнорирај #Реагирај.

5
Бучавата од сообраќајот на одредени места покрај училишта и болница во Скопје и во Битола е дури два пати повеќе од дозволеното, покажуваат мерењата што го направија Техничкиот факултет во Битола и Институтот за комуникациски студии во Скопје во рамки на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.

1
Измерените вредности на бучавата се далеку поголеми од законските ограничувања на сите локации на кои беа извршени мерењата во Скопје – кај Градската болница и на улицата „Дрезденска“ пред Педагошкиот факултет и основното училиште „Војдан Чернодрински“, и во Битола – кај гимназијата „Јосип Броз – Тито“, основното училиште „Тодор Ангелевски“ и населбата Стрелиште. На локациите кај Градската болница, Педагошкиот факултет и училиштето „Војдан Чернодрински“ беа измерени највисоки 111 децибели, односно двојно повеќе од дозволените 50, односно 55 децибели регулирани со Правилникот за гранични вредности за нивото на бучава во животната средина. На сите мерни места, бучавата во континуитет изнесуваше од 72 до 87 децибели, што повторно споредено со законските ограничувања, ги надминува дозволените нивоа.

3
„Во бучавата доминантни се патничките возила, поради нивната многубројност во сообраќајот во однос на другите категории возила. Товарните возила, автобусите и моторциклите придонесуваа за краткотрајни, но интензивни осцилации во висината на измерената бучава. Исто така, повисоки нивоа на бучава беа измерени кога патничките возила забрзуваа или се движеа со повисока брзина“, вели професорoт од Техничкиот факултет во Битола Никола Крстановски. Тој додава дека за големата бучава од сообраќајот придонесуваат и постојаниот раст на урбаните области, бројот на возила и на изминати километри, како и изградбата на нови патишта.
Извештајот подготвен од мерењата предвидува дека бучавата може да се намали од 2 до 12 децибели доколку се преземат неколку мерки. Треба да се воведат зони со 30 километри на час, да се постават патни грби или издигнати пешачки премини и да се изградат кружни крстосници и заштитни ѕидови. Тешките возила треба да се забранат во ноќниот период и да се ограничат во текот на денот. Брзината, пак, треба да се ограничи заедно со знаци за вознемирување од бучава, како и да се вози мирно без агресивно забрзување и забавување.

6
„Но, една мерка сама по себе не е доволна за значајно намалување на бучавата. Потребно е мерките да се комбинираат и да се спроведуваат чекор по чекор. Ова значи дека може да се започне со економски прифатливи мерки како што се редукција на брзината или забрана за товарни возила, потоа да се редизајнираат патиштата со цел смирување на сообраќајот, и на крајот да се инвестира во поголеми проекти како што се заштитни ѕидови или нови и современи возила во јавниот превоз“, вели професорката од Техничкиот факултет во Битола Бети Анѓелевска.

4
Според Светската здравствена организација, бучавата од сообраќајот е втор најголем проблем во животната средина во Европската Унија, по загадувањето на воздухот. Бучавата го опфаќа секој звук кој влијае врз психичката и физичката состојба, така што ја попречува и ја смалува продуктивноста на работа, предизвикува вознемиреност и стресни реакции, го оневозможува одморот и штети на здравјето и на расположението. Изложеноста на повисоки нивоа на бучава доведува до предвремена смртност, кардиоваскуларни болести, когнитивни нарушувања, нарушувања на спиењето, хипертензија и на крај вознемиреност и сериозни психички пореметувања.
Презентацијата на мерките против загадувањето со бучава во Скопје и во Битола се организираше како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, која ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

MK-LOGO-COLOR-3

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top