Насловна / Арт и дизајн / Бразил: Зад култните шарени скали, стои тажна приказна на сиромашен уметник

Бразил: Зад култните шарени скали, стои тажна приказна на сиромашен уметник

Шарените скали во легендарниот кварт Лапа во Рио де Жанеиро, официјално се викаат „скали Селарон“, а неофицијално го добија епитетот „најубави скали на светот“. Иако се еден од главните симболи на градот, нивниот автор не е бразилец туку чилеанецот Jorge Selaron. Овој уметник имал 74 години, и над 50 години зад себе искуство во патувања, сликање и работа со керамика. Откако го пропатувал речиси целиот свет, стигнал во Рио во 1993 година, и се вљубил во градот на прв поглед. Одлучил овде да остане, а се издржувал така што ги продавал своите слики. Живеел во зградата на врвот на овие скалила кои биле во многу запуштена состојба, па одлучил да интервенира. Започнал со уредување на неколку столбови пред зградата. Планот бил да ги украси со керамички плочки во боите на бразилското знаме, но она што почнало како исполнување на слободното време, прераснало во голем проект и зависност. Наскоро парите од продажбата на сликите почнал да ги користи за купување на нови и нови керамички плочки. Како што скалите станувале се пошарени, така добивале и на популарност, па фановите од целиот свет почнале да му испраќаат и донации – уште керамички плочки!

selaron1

selaron2

 

Денес овие прекрасни скали се украсени со дури 2000 керамички плочки од 60 земји од светот – од Јамајка и Алјаска, до Казахстан. Имаат 215 скалила во должина од 125 метри. Мотивите се најразлични и вклучуваат птици, танго, карти, знамиња, фудбал, славни ликови и сл. Но, еден мотив привлекол посебно внимание – бремена жена. Овој лик бил и главен мотив на сликите на уметникот. Тој никогаш не се изјаснил за кого се работи, само рекол дека станува збор за “личен проблем од минатото“. Затоа, останале само нагаѓања за тоа дали е во прашање негова поранешна љубов или нешто друго.

selaron7

Шарените скали Selaron ги опишал како свое „оддавање почит на бразилскиот народ“, луд и единствен сон кој ќе заврши оној ден кога него веќе ќе го нема. Тоа се случило во 2013 година. На истите скали пред својата зграда е пронајдено безживотното тело на уметникот, со бројни повреди. Некои соседи и пријатели тврделе дека во последниот период од својот живот уметникот бил депресивен, но други велат дека таа ноќ слушнале бучава, врисоци и лаеж на куче. Вистинската причина за смртта никогаш не била откриена. Наредната вечер, жителите на квартот се собрале на скалите и се простиле од својата легенда палејќи стотици бели свеќи.

selaron3

Во текот на својот живот, уметникот сепак добил одредено признание за својот проект кој траел вкупно 23 години. Тој е награден со титиулата „почесен граѓанин на Рио де Жанеиро“ – градот на кој му оставил неизбришлива трага.

selaron5

selaron6

Испрати коментар

Scroll To Top