Насловна / Дневни Вести / Во Струмица стартуваше реализацијата на мегапроектот за гасификација на општината

Во Струмица стартуваше реализацијата на мегапроектот за гасификација на општината

strumica_mala.jpg

Струмица   Во Струмица денеска почна реализацијата
на капиталниот проект за изградба на виртуелен гасоводен систем, единствен од
ваков вид во овој дел од Балканот.

За поставувањето на примарната
гасоводна мрежа во должина од 13 километри, односно за завршувањето на првата
фаза што ја изведува фирмата „Конти хидропласт“ од Гевгелија, од буџетот на
општина Струмица ќе бидат издвоени 57 милиони денари.

Според очекувањата, гасоводот
треба да биде даден во употреба во октомври оваа година, пред почетокот на
грејната сезона.

Првата фаза практично ќе значи
основа за приклучување на сите домаќинства во градот на примарната мрежа. Во
втората фаза, на гасоводниот систем ќе бидат приклучени пластениците и
оранжериите за производство на зеленчук, како и населените места во
непосредната околина на Струмица. Исто така, на примарниот гасовод ќе бидат
приклучени и сите локални и државни јавни установи, како и заинтересираните
стопански објекти, фабрики и слично.

– До крајот на оваа седмица
следуваат уште два тендера: едниот за набавка и монтирање на опрема за
компресија и декомпресија на гасот, а вториот за увоз на природниот гас, изјави
на денешната прес конференција градоначалникот Зоран Заев.

Тој подвлече дека за Струмица
овој проект значи економски раст и развој, отворање на нови фабрики и нови
работни места, како и зголемување на конкурентноста на струмичкото стопанство.
Гасификацијата ќе значи заштеда на енергија и намалување на трошоците за
скапите нафтени деривати, стопирање на сечењето на шумите, намалување на
користењето на ечектричната енергија и заштита на животната средина.

– Со оптималното искористување на
природниот гас граѓаните, фирмите и јавните државни и локални институции ќе
заштедуваат повеќе од 20 милиони евра годишно, истакна Заев.

Според Зоран Китанов, директор на
новоформираното претпријатие „Струмица-гас“, проектната документација за овој
мегапроект опфаќа физибилити студија од околу 2.000 страници, идеен и основен
проект за примарен гасоводен цевковод за снабдување со природен гас на јавните
установи, стопанските објекти и домаќинствата и елаборат за заштита на
животната средина.

Покрај гасоводната мрежа, до
почетокот на октомври во Струмица ќе бидат изградени и две матични станици за
декомпресирање на природниот гас кој ќе се носи од мајката-станица лоцирана во
Петрич, Република Бугарија, како и набавка на специјални цистерни за транспорт
на природниот гас. (МИА)

Испрати коментар

Scroll To Top