Насловна / Вести / Барселона се подготвува за температури од 50 степени

Барселона се подготвува за температури од 50 степени

Градот Барселона го покрена проектот „Барселона на 50ºC: Вежбање денес за подобар одговор утре“, чија цел е да ја унапреди подготвеноста на градот за идните епизоди на екстремни жештини кои можат сериозно да го загрозат здравјето на населението, функционирањето на критичната инфраструктура и работата на основните градски служби. Проектот е претставен во советот на градот, со присуство на претставници од јавните служби, здравствениот систем, енергетскиот сектор, водоснабдувањето и другите институции кои имаат важна улога во функционирањето на градот.

Станува збор за стратешка иницијатива во склоп на Планот за заштита од жештини за периодот 2025 – 2035 година, која има за цел да ја идентификува ранливоста на градот, да ги тестира постоечките протоколи и да ја унапреди координацијата помеѓу сите релевантни актери во случај на екстремни топлотни бранови. Во склоп на проектот ќе биде организирана низа институционални и оперативни работилници, во текот на кои стручњаците ќе ги анализираат ризиците, меѓузависноста на клучните градски системи  и потребите на различните сектори и општествени групи. Во текот на февруари 2027 година, планирана е симулација на донесувањето одлуки во кризни услови, по што преку теренска симулација ќе се провери ефикасноста на усвоените процедури и координацијата помеѓу случбите во реални услови. Градот Барселона истакнува дека екстремните топлотни бранови можат истовремено да предизвикаат нарушувања во повеќе системи – од енергетика и водоснабдување до здравство и сообраќај, при што истите можат да создадат домино ефект и дополнително да ги оптоварат градските служби. Затоа во склоп на проектот ќе бидат користени и напредни алати за дигитална симулација.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top