Насловна / Вести / Иницијатива на нашата соработничка: Зошто на Ниш му е потребен „Нишавскиот велокоридор“

Иницијатива на нашата соработничка: Зошто на Ниш му е потребен „Нишавскиот велокоридор“

Постојат градови кои во одреден историски момент почнуваат да се редефинираат самите себеси. Нивната физичка структура повеќе не е само резултат на планска визија или природна еволуција, туку производ на судир меѓу различни интереси, различни времиња и различни претстави за тоа што градот треба да биде. Во таква состојба денес се наоѓа Ниш.

Низ својата долга историја, градот поминал низ различни цивилизациски, политички и економски циклуси. Секој од нив оставил просторна трага, создавајќи сложен урбан палимпсест во кој можат да се читаат различни епохи и различни концепции на урбан развој. Од османлиските слоеви и фортификациското наследство, преку модернизацијата на крајот од XIX век, индустрискиот подем на XX век и социјалистичкото планирање, па сè до транзициските процеси по деведесеттите години, Ниш постојано се преобликувал. Но ретко кога трансформациите биле толку брзи, толку интензивни и толку контроверзни како денес.

Современиот град повеќе не се гради исклучиво преку долгорочни урбанистички визии. Сè почесто се обликува преку поединечни инвестиции, фрагментирани интервенции и краткорочни економски интереси. Во такви околности прашањето не е само какви објекти се градат, туку каков град се создава.

Ако денес човек прошета по кејот на Нишава, тешко е да остане рамнодушен кон чувството дека градот се наоѓа во необичен премин помеѓу две различни реалности. Од една страна се присутни сите оние слоеви што со векови го граделе идентитетот на градот – тврдината, реката, јавните простори, препознатливите урбани визури и колективната меморија вткаена во секојдневното живеење. Од друга страна, сè поочигледни процеси на интензивна трансформација: нови градилишта, нови инвестиции, нови урбанистички параметри и нови претстави за тоа како треба да изгледа современиот град.

Кејот на Нишава денес

Градот и неговата најдолга улица 

Урбаната морфологија на Ниш никогаш не била еднодимензионална. Напротив, неговата вредност отсекогаш произлегувала од наталожените историски слоеви што создале препознатлива структура. За да се разбере денешниот Ниш, потребно е да се врати погледот многу подалеку од современите урбанистички дилеми. Неговиот развој е резултат на географија, историја и континуирана интеракција помеѓу природата и човекот. Во случајот на Ниш, таа почетна точка е Нишава.

Кејот на Нишава денес

Таа е еден од основните генератори на урбаниот развој. Реката отсекогаш била причина за населување, комуникациски коридор, економски ресурс и просторна оска околу која постепено се организирал урбаниот живот. Нејзиното присуство влијаело врз позицијата на населбите, формирањето на сообраќајните врски и начинот на кој градот се ширел.

Затоа денешниот кеј претставува физички доказ за историскиот континуитет. Историјата на градовите покажува дека најголемите промени ретко се случуваат преку еден проект или една одлука. Тие најчесто доаѓаат тивко и континуирано, низ серија мали просторни компромиси кои постепено ја менуваат логиката на градот.

Токму затоа приказната за Ниш, како и за повеќето градови на Балканот, не е само приказна за нови објекти, планови или инвестиции. Таа е приказна за односот помеѓу наследството и развојот, јавниот интерес и економскиот притисок, меморијата на просторот и неговата пазарна вредност.

Но урбаните структури не живеат само во архивите и плановите. Тие продолжуваат да постојат преку начинот на кој луѓето секојдневно ги користат, доживуваат и паметат. Токму затоа прашањето за Нишава за мене постепено престана да биде само историско или урбанистичко прашање и стана лично искуство на читање на градот.

Личното искуство како урбанистички поттик

Понекогаш најважните урбанистички идеи не започнуваат во планерските документи, туку во секојдневното движење низ градот.

Живеејќи во Ниш во последните неколку месеци, Нишава постепено ми стана начин на читање на градот – не само просторно и искуствено, туку и психолошки, социјално и политички. Пешачејќи и возејќи велосипед долж нејзините брегови, невозможно беше да не ја забележам силната просторна сличност со кејот на Вардар – не само во обликувањето на јавниот простор, туку и во самата логика на односот помеѓу градот и реката.

Како професионалец кој со години ја истражува врската помеѓу градовите, просторните решенија и урбаните политики и нивното директно влијание врз квалитетот на секојдневниот живот и здравјето на урбаните корисници, со посебен интерес кон просторната правда, одржливата мобилност, урбаната психологија и јавните простори, не можев да ја игнорирам таа сличност.

Лого на иницијативата „Нишавски велокоридор“

Она што на почетокот изгледаше како интуитивно чувство на просторна сродност постепено се претвори во истражувачко прашање. Зошто кејот на Нишава толку силно потсетува на Вардар? Дали станува збор за случајна морфолошка сличност или зад двата простори постои подлабока заедничка логика? Одговорот води кон едно име кое заслужува многу поголемо место во урбаната историја на двата града – Рафаил Влчевски.

Потребата за иницијативата се јави токму преку тоа искуство. Набљудувајќи ги кејовите на Вардар и Нишава – во нивната материјалност, во проектантскиот јазик и во начинот на кој водата се однесува кон градот – дојдов до сознание кое ја потврди интуицијата и аналитичкото резонирање.

По кратко истражување дознав дека и двата кеја се реализирани според проектните решенија на македонскиот архитект и урбанист Рафаил Влчевски (1935–2023).

Тој факт значително придонесе за траекторијата на моето понатамошно делување. Повеќе не стануваше збор за случајна сличност, туку за свесна урбанистичка визија пренесена од еден град во друг, со иста фундаментална идеја: поимање на реката и нејзиниот кеј како главна јавна сцена.

Од тоа вкрстување на стручното и личното произлезе иницијативата „Нишавски велокоридор“, која ја започнав во април оваа година со едно едноставно прашање: Што можам да направам за Ниш, за себе и за заедницата во насока на подобрување на квалитетот на секојдневното живеење?

Сѐ започна од еден архитект, две реки и визија која денес, повеќе од кога било, заслужува да биде довршена.

Недовршената визија на Рафаил Влчевски

Со проектот „Регулација на реката Нишава со крајбрежен појас“, Влчевски несомнено ги поставил темелите и насоките на развој на денешниот кеј. Тој го замислил кејот не само како техничко стабилизирање на водотекот, туку како линеарен јавен простор – граѓанска сцена интегрирана во урбаното ткиво.

Наместо строги потпорни ѕидови, карактеристични за многу балкански градови, применил систем на каскади, рампи, скали и платформи за постепен и природен контакт со водата. Резултатот е простор кој и денес останува едно од најпрепознатливите јавни места во Ниш. Архитектонската логика на проектот и понатаму е читлива. Линијата на кејот, пристапите кон мостовите, ритмичкото поставување на нивоата и идејата за јавен појас од двете страни на реката остануваат присутни и покрај сите подоцнежни интервенции. Особено значајна е врската помеѓу Нишава и Нишката тврдина. Токму таму градот се чита низ неколку слоеви истовремено: река, наследство, движење, култура и јавен живот.

Рафаил Влчевски (1935–2023)

Но вредноста на ова решение не лежи само во неговите архитектонски квалитети. Лежи и во фактот што Влчевски ја разбрал реката како урбана оска, а не како периферна зона. Тој ја третирал како простор кој треба да поврзува, а не да разделува; како простор на секојдневниот живот, а не како технички инфраструктурен појас. Кога денес шетам по кејот, размислувам за тоа колку луѓе свесно знаат дека чекорат по простор со таква архитектонска и цивилизациска намера зад себе. Влчевски не проектирал само патека покрај вода, проектирал можност за граѓански живот, ги препознал и истакнал главните референтни поенти и ги интегрирал трајно во еден систем.

Разбирањето на Влчевски не значи само враќање кон историјата на еден проект. Тоа отвора и поширок спектар на сценарија за тоа што се случува кога две различни градски средини се развиваат врз слична урбанистичка идеја, а потоа тргнуваат по различни патишта? Токму затоа споредбата помеѓу Нишава и Вардар не е споредба на два кеја, туку споредба на две развојни траектории.

Од Вардар до Нишава: две реки, една урбанистичка логика

Главниот плоштад во Ниш некогаш и сега

Плоштад „Македонија“ во Скопје некогаш и сега

Скопје и Ниш се градови со многу повеќе заеднички точки отколку што на прв поглед изгледа. Двата града се развиваат околу река и поседуваат тврдини како силна историска референца. И двата имаат јасно препознатлив центар, плоштад и линеарен јавен простор покрај водата. Во двата случаи токму реката станува простор преку кој градот ја артикулира сопствената современост.

Во Скопје, Влчевски ја развива идејата за Вардар како урбана оска која не служи само за регулирање на водотекот, туку и за создавање континуиран јавен простор низ градот. Истата просторна логика подоцна ја препознава и применува во Ниш.

Но она што денес е особено интересно не е сличноста меѓу двата проекти, туку различниот степен до кој тие идеи се надградени. Во последните две децении Скопје постепено почна да го препознава потенцијалот на Вардар како оска на активна мобилност. Велосипедските патеки, пешачките врски и новите интервенции не го решија целосно проблемот на градот, но создадоа систем кој денес функционира како важен алтернативен коридор во секојдневното живеење.

Година: 1967 , 14 км должина од Ново Лисиче до Хром

Година: 1978

Промената не се случи одеднаш, туку беше резултат на постепено надградување на веќе постоечката просторна логика.

Токму во таа разлика помеѓу потенцијалот и реализацијата започна да се обликува и иницијативата „Нишавски велокоридор“. Ако една речна оска може да стане носител на активна мобилност, јавен живот и урбана идентификација, тогаш прашањето повеќе не е дали тоа е можно во Ниш, туку што недостасува за да се случи. Токму таа разлика беше иницијалната каписла да се одважам и да го прифатам предизвикот.

Моментот кога потенцијалот ќе прерасне во иницијатива

Мапа на планираната траса за велокоридорот од Медошевац до Нишка Бања – 14 км

Како некој што отсекогаш ги анализира градовите – без разлика дали сум турист, посетител или жител – често несвесно почнувам да ги поврзувам точките меѓу просторот, навиките и движењето и преку тоа да го анализира и когнитивното однесување на луѓето. Професионална деформација, би рекле некои. Или можеби едноставно љубопитност кон тоа како функционира секојдневниот живот на градот. Токму така, преку секојдневното движење покрај реката, почна да се наметнува едно едноставно согледување. Ниш веќе го има најважниот предуслов за една современа урбана мобилност.  Го има кејот – потенцијалниот коридор.

Како некој што долго време се занимава со урбан активизам, како активен учесник во многуте критични маси низ годините организирани од Граѓанската иницијатива „НаТочак“, во Скопје, добро знам дека промените во мобилноста ретко започнуваат одеднаш. Тие започнуваат со визија, со јавна поддршка и со заедничка континуирана желба и делување градот да стане попристапен, поздрав и похуман. Токму тоа ми даде основа да верувам дека истата логика може да функционира и во Ниш.

Да се воспостави континуирана траса од Медошевац до Нишка Бања, долга приближно 14 километри, која ќе ја следи логиката на реката и ќе го користи веќе постоечкиот просторен потенцијал. Тоа подразбира постепено воведување велосипедска патека, подлога за трчање и рекреација од природни материјали, јасно диференцирање на движењата за различните типови корисници, обновување на постојните зони за вежбање на отворено, подобрување на пристапноста кај мостовите преку рампи и скали, како и внимателно отстранување на бариерите што денес го прекинуваат движењето. Подеднакво важен сегмент е секако зачувувањето и обновувањето на зелените површини, континуитетот на сенката, одржувањето на оптималната микроклима долж кејот.

Затоа иницијалната каписла за „Нишавски велокоридор“ нема тенденција да биде проект на понуда и побарувачка, кој ќе резултира со институционална реализација, напротив, има за цел да биде партиципативен процес на сите засегнати чинители.

Во период кога темите на одржливата мобилност, климатската отпорност и квалитетот на јавниот простор стануваат централни прашања на европскиот урбанизам, Ниш располага со ресурс кој веќе постои. Не треба да се создава од почеток. Не треба да се купува. Не треба да се измислува. Тој ресурс е Нишава. Иницијативата затоа не е замислена како мегапроект. Не предлага драматични реконструкции. Не бара радикални интервенции. Нејзината суштина е многу поедноставна: да се поврзат веќе постоечките сегменти на кејот во функционален, безбеден и континуиран систем за движење.

Но секоја иницијатива што сака да зборува во име на јавниот интерес мора прво да го слушне самиот јавен простор и луѓето што го користат. За да се провери дали личното согледување навистина кореспондира со потребите на граѓаните, беше спроведена анкета за користењето и потенцијалниот развој на кејот.

Резултатите беа значително појасни отколку што очекував. Врз основа на 278 одговори на анкетата за велосипедскиот коридор Нишава, можат да се извлечат неколку заклучоци:

  • Дури 65 % од испитаниците го користат кејот редовно (40,1 % неколку пати неделно и 24,9 % дневно).
  • Кејот најчесто се користи за пешачење, рекреација и активности на отворено, што покажува дека веќе има важна социјална и рекреативна функција.
  • 89,9 % од граѓаните сигурно би користеле континуиран и безбеден велосипедски коридор, додека само 0,4 % се против идејата.
  • Повеќе од половина од испитаниците (50,9 %) сакаат активно да се вклучат во иницијативата, а дополнителни 29,2 % се заинтересирани во зависност од активноста.
  • Најголемиот број граѓани сакаат да придонесат со потпишување и споделување на петицијата (40,4 %), како и со организирање настани, велосипедски тури и волонтирање.

Визуелни прикази за постојната и возможни визуализации на идните решенија за Нишава

Мнозинство од испитаниците изјавија дека би користеле безбедна и поврзана велосипедска рута долж Нишава, а уште поважно, голем број од нив покажаа подготвеност активно да се вклучат во понатамошниот процес.

Постојано се повторуваа истите теми: недостиг на континуитет, небезбедни премини, недостаток на рампи, конфликт помеѓу пешаците и велосипедистите, недоволно осветлување, недостиг на урбана опрема и чувство дека потенцијалот на кејот останува недоволно искористен.

Она што беше особено важно е што граѓаните не зборуваа само за велосипедизам. Тие зборуваа за квалитетот на секојдневниот живот. За можноста безбедно да се движат низ градот. За пристапноста. За чувството на припадност кон јавниот простор. Во современиот урбанизам ваквите согледувања имаат тежина која одамна ги надминува класичните технички анализи, налик на сообраќајните студии и просторните параметри. Оттука кристално јасно е дека градовите не можат повеќе да се планираат исклучиво од перспектива на инфраструктурата – мора да се планираат и од перспектива на доживувањето, секојдневната психологија на движење, на тоа кои простори луѓето ги избираат и зошто. Токму тука урбаната психологија и просторната правда стануваат дел од урбанистичката методологија, а не нејзин додаток.

Сепак, поддршката сама по себе не е доволна. Иако без претходно искуство во лично иницирање на граѓански движења, но секако долгогодишно делување во поглед на урбаниот активизам, едно нешто ми беше совршено јасно, а тоа е фактот дека секоја урбанистичка иницијатива која сака да прерасне во реален предлог мора да ја поткрепи јавната перцепција со просторни факти. Ако анкетата покажа како граѓаните го доживуваат кејот, следниот чекор беше да се утврди како тој навистина функционира на терен.

Зад привидот на континуитетот и што покажа мапирањето?

Следуваше најважниот аналитички дел од процесот. Во текот на теренското мапирање, кејот беше анализиран како единствен просторен систем. Наместо поединечни точки, предмет на набљудување стана целиот коридор. Токму тука започна да се појавува една сосема поинаква слика за Нишава.

На прв поглед, кејот делува континуирано. Но деталната анализа покажува дека тој е составен од серија сегменти кои функционираат нерамномерно и често остануваат меѓусебно неповрзани.

Во четири просторни целини беа анализирани речиси петнаесет километри долж реката.  И тоа

  • Медошевац — Центар во близина на мостот „Младост“ (должина: околу 3,5 км)
  • Мост „Младост“ — Мост „Медијана“ во близина на DIS (должина: околу 3 км)
  • Мост „Медијана“ во близина на DIS — Брзи брод во близина на црквата (должина: околу 3 км)
  • Брзи брод (во близина на црквата) — Коњанички клуб „Чегар“ (должина: околу 4 км)

Мапирани беа стотици точки поврзани со пристапноста, урбаната опрема, застапеноста на зеленилото, типологијата на патеките, безбедноста и прекините во движењето.

Резултатите од Деталното теренско мапирање – 447 точки и сегменти долж 14,67 километри – покажаа нешто многу важно. Проблемот не е недостатокот на простор, туку во отсуството на систем.

Нишава формира долга линеарна структура што ги поврзува периферните населби, централното јадро, историските локалитети и рекреативните зони. Регистрирани се над 11 километри придружна вегетација по должината на коридорот, еден од најзначајните еколошки ресурси на градот. Предвидената траса – ја следи логиката на реката и го употребува веќе постоечкиот зелен и просторен потенцијал, но истите податоци покажуваат дека тој останува длабоко фрагментиран.

На секои 282 метри се јавува по еден прекин во движењето – вкупно 52 точки кои го нарушуваат континуитетот. Недостатокот на вертикални комуникации, рампи, нерамномерната распределба на урбаната опрема, слабата поврзаност помеѓу сегментите и отсуството на јасна инфраструктурна логика создаваат просторен дисбаланс и урбана дијагноза со директни последици врз квалитетот на живот и врз психолошкото доживување на градот. Корисникот кој го доживува просторот не го восприема како целина, туку како низа одвоени урбани фрагменти меѓу кои мора сам да се снаоѓа. И токму во таа реченица можеби најпрецизно се сумира денешната состојба на Нишава.

Мапирањето  откри уште нешто важно – Нишава претставува многу повеќе од транспортен коридор, таа е потенцијален еколошки систем чија вредност денес станува сè поважна во контекст на климатските промени.

Нишава како климатска инфраструктура

Во современиот урбанизам реките стануваат носители на зелено-сина инфраструктура – систем кој истовремено ги поврзува еколошките, социјалните и мобилните функции на градот. Токму тоа е и идејата на Иницијативата „Нишавски велокоридор“, освен просторната правда и инклузивноста. Иницијативата особено нагласува дека зачувувањето на континуитетот на постојното зеленило е услов, а не опција. Токму затоа вредноста на Нишава е многу поширока.

Во услови кога европските градови вложуваат огромни средства за да создадат зелени и сини коридори, Ниш веќе располага со еден таков, прашањето е само дали ќе успее да го препознае неговото значење пред да биде предоцна.

Кејот на Нишава може да биде место на манифестации и настани – место каде градот не само поминува покрај реката, туку свесно ја избира и пулсира околу неа. Токму овој спектар на различни содржини го прави градот поотпорен, поздрав и поправеден. А токму прашањето на праведноста нè води кон следната, можеби најважна димензија на целиот проект.

Просторна правда и право на град

Градот никогаш не е неутрален. Секоја скала, секоја рампа, секој премин и секоја патека претставуваат одлука за тоа кому му е дозволено лесно да се движи низ просторот, а кому не.

За физички подготвен велосипедист многу недостатоци можеби изгледаат минорни, но за родител со количка, повозрасен граѓанин, лица со намалена подвижност или за движење во вечерните часови, тие недостатоци стануваат реални бариери.

Токму затоа „Нишавски велокоридор“ никогаш не треба да се разбира како проект наменет исклучиво за велосипедистите. Во својата суштина, тој е проект за еднаков пристап на сите граѓани до јавниот простор.

Квалитетниот јавен простор не е оној што само изгледа добро, тоа е оној што може подеднакво да го користат различни генерации, различни социјални групи и различни типови корисници. Токму во тоа лежи вредноста на еден ваков коридор. Не затоа што овозможува велосипедска врска од една до друга точка, туку затоа што создава услови повеќе луѓе да го користат градот како заедничко добро.

Иницијативата нема за цел да инсистира на спектакуларност, не бара нов простор за „шизофрено бетонирање“, на душегрижниците и не предлага нешто што е во спротивност со природниот контекст, напротив. Предлага постепени и реални интервенции кои го отвораат постојниот простор за сите: рампи, подобрено осветлување, сигнализација, пристапност, поврзување на сегментите. Скромна и сериозна амбиција и токму затоа сметам дека е остварлива.

Помеѓу профитот и јавниот интерес

Секоја иницијатива за јавен простор носи со себе ризик кој е добро познат во современата урбанистичка практика. Ако просторот се ревитализира само за да стане атрактивна сцена за приватни цели, тој постепено ја губи својата суштинска јавна вредност. Уредениот кеј може да привлече локален живот, рекреација, културни содржини и мали бизниси. Но ако таа „естетичност“ стане единствена цел, резултатот е простор кој изгледа јавен, а всушност постепено се исклучува. Ова не е хипотетички ризик. Тоа е процес што денес може да се следи во бројни европски градови. Просторите што некогаш биле достапни за сите стануваат сцена за ресторани, комерцијални содржини што индиректно исклучуваат значителен дел од локалното население.

Токму затоа секоја нова интервенција покрај Нишава мора да ја зачуваат јавноста на кејот – не само визуелно, туку функционално и социјално. Ако коридорот служи на сите – тогаш тој е навистина јавен простор. Ако служи само на оние кои можат да платат за кафе со поглед на реката, тогаш станува урбана декорација. Разликата помеѓу тие два исхода не е техничка. Таа е политичка. И се решава преку одлуките за тоа за кого се планира градот и кој има право да учествува во неговото обликување.

Токму преку односот кон Нишава денес може најјасно да се прочита една од главните противречности на урбаниот развој на Ниш по 2000-тите години. Центарот се згуснува нерамномерно, вредни просторни референци исчезнуваат или се реконструираат под диктат на пазарот, а новите интервенции често ги нарушуваат воспоставените визури и просторни односи наместо да ги надградуваат.

Планерските механизми сè почесто заостануваат зад реалните просторно-социјални трансформации, а во тој вакуум влегува приватниот интерес. Резултатот е добро познат. Градот почнува да се мери во квадратни метри, а квалитетот на живот останува надвор од равенката.

Секоја нова интервенција мора да се мери и според тоа што одзема, а не само според тоа што додава. Во таа смисла, идејата за „Нишавскиот велокоридор“ е спротивна на логиката на инвеститорскиот урбанизам.

Наместо да ја максимизира вредноста на парцелата, таа ја максимизира вредноста на врската. Наместо да бара ново градежно земјиште, таа бара подобар однос со постојниот јавен простор. Наместо да додава нова просторна фрагментација, таа довршува една недоречена просторна логика што веќе постои. Таа е урбанизам што гради односи наместо само волумени. Токму таквиот урбанизам денес не е само техничка можност, туку и морален императив.

Автор: Бојана ПАЛИФРОВСКА, дипл. инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top