Госпа од Шкрпјела е едно од двете шармантни островчиња во Бокакоторскиот Залив, кое гордо стои спроти Стариот град Пераст, Црна Гора.
Островот е вештачки и е создаден кон крајот на 15 век. Според легендата, двајца локални рибари, браќата Моршиќ, на карпа во заливот пронашле икона на Богородица на 22 јули. Откако ја однеле дома, браќата набрзо откриле дека иконата исчезнала. Штом повторно запловиле по морето, повторно ја откриле иконата на истото место каде што првично ја пронашле.

Сведочејќи на ова чудо, вестите брзо се прошириле, па така во 1452 година жителите на Пераст решиле на тоа место да изградат римокатоличка црква посветена на Дева Марија.

Меѓутоа, малата хидра не била погодна за таков нацрт, па затоа се заколнале дека ќе фрлаат камења околу карпата по секое патување, со цел да формираат вештачки остров. Малку по малку, со еден по друг локален морнар кој оддавал почит за безбедно патување, островчето изронило од морето.

Традицијата на фрлање камења во морето е жива и денес. Секоја година на 22 јули се одржува т.н. фашинада. Според древниот обичај, барки накитени со зеленило и полни со камења се упатуваат кон островот. Само возрасни мажи веслаат со барките, бидејќи старите жители на Пераст, според традицијата, ги заштитувале своите млади синови од нападите на Турците. Во првиот брод се наоѓа свештеник, градоначалникот и почесните граѓани на Пераст, како и пеачи кои пеат стари перашки песни – бугарштици. Фашинадата завршува со традиционалното фрлање камења околу островцето.

Островцето денес има околу 3000 квадратни метри и на него се наоѓа црквата Госпа од Шкрпјела по која и го добило името. Изградена е 1630. година од страна на Венецијанците и е еден од најзначајните културно – историски споменици на Бока Которска.
Најинтензивните работи на црквата се изведени од 1720 до 1725 година, кога според проектот на тогаш познатиот Илија Катичиќ биле изградени осумаголни презвитериуми со купола и кружна камбанарија со хоризонтални венци и пушкарници.

На предниот дел од црквата се наоѓа портал со фронтон и мала статуа на Богородица и Христос со многу архаичен изглед. По нарачка на општината Пераст, Антонио Капелано, скулптор од Џенова, во 1796 година направил мермерен олтар, во кој се наоѓа познатата икона на Богородица, дело на Ловро Добричевиќ, уметник од крајот на 15 век.

Претставник на венецијанската сликарска школа Бокељ, Трипо Кокоља, ја насликал внатрешноста на црквата. На ѕидовите и таванот има шеесет и осум негови слики на платно. Во пониските делови насликани се сцени од Стариот завет, а на самиот врв и горните зони на ѕидовите се сцени од животот на Богородица. На таванот, во централниот дел, се наоѓа голема слика на Успението на Богоридица. На таванот има уште околу четириесет слики, меѓу кои поминува позлатено извиткано јаже – симбол на морепловство. На бочните ѕидови на црквата има многу релјефни сребрени плочки на кои се прикажани бродовите на морнарите. Морнарите оставале релјефни плочки пред да тргнат на море, бидејќи верувале дека на овој начин, Богородица од Шкрпјела ќе ги заштити за време на нивното патување.

Во црквата се наоѓаат и неколку археолошки збирки, слики, ракотворби и предмети од секојдневниот живот, кои верниците ги оставале како благодарност за исполнувањето на нивните молитви упатени до Богородица.

Наспроти црквата се наоѓа мала камена зграда, во која се наоѓа просторија наречена Сала за помирување. Со векови, таа се користела за помирување на завојуваните страни, пријатели, семејства, православни и католици, без разлика. Во неа биле спречени многу крвни одмазди, бидејќи оној што се согласува да разговара во неа, поради светоста на местото, однапред се откажал од насилството и навредите, така што во нормален разговор многу ситуации се решени на мирен начин.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија