На местото на поранешна ранжирна станица (железничка станица каде се склопуваат и расклопуваат товарни возови) во источниот дел на Будимпешта се планиран нов градски округ со повеќе од 10.000 станови, големи паркови и силно потпирање на јавниот превоз. На конкурсот за оваа локација во квартот Ракош, избран е победничкиот мастер план потпишан од тим предводен од француското биро Coldefy.
Предложеното решение дефинира петнаесетгодишен план за трансформација на локацијата, долго време сметана за „лош појас“ на градот, а се наоѓа на источната страна од унгарската престолнина.

Приоритет се дава на пејзажот и еколошкиот континуитет
Планот за регенерација вклучува повеќе од 10.000 станови, нови сообраќајни врски, како и комерцијални и јавни објекти, формирајќи сеопфатна стратегија за урбан развој во согласност со принципите „град од 15 минути“.
Проектот дава приоритет на пејзажот и еколошкиот континуитет, комбинирајќи сина инфраструктура (водени системи), зелена инфраструктура (природни зелени простори) и пошумен парк од 15 хектари, поврзан со остатокот од локацијата преку линеарни паркови.

Планот предвидува ренатурализација на потокот Ракош во меандриран воден тек, заедно со создавање јавни простори долж неговите брегови преку пристапни тераси, патеки и зони за одмор, објасниле од Coldefy.
Покрај обновувањето на дивината, овие паркови имаат за цел да го активираат јавниот живот преку шест нови под-окрузи, секој со свој карактер и поврзани со континуирана мрежа на јавни простори.
Предвидено е секој округ да има свој урбан центар, моделиран според структурата на квартовите во историското јадро на Будимпешта. Централниот шумски парк е поврзан со новиот железнички парк преку постојната железничка линија. Овој втор парк вклучува ливади, простори за настани и централно езеро.

Постоечката железничка станица Rákosrendező реинтерпретирана е како мултимодален сообраќаен центар кој го формира ‘рбетот на централниот урбан округ и се поврзува со продолжена метро линија, нова трамвајска линија и мрежа за активна мобилност.
Редизајнираната станица ги поврзува источната и западната страна на локацијата, интегрирајќи ја областа во регионалната и меѓуградската транспортна мрежа на Будимпешта. Силниот фокус на јавниот превоз треба да овозможи формирање на претежно пешачки станбени улици и плоштади, како алтернатива на развојот зависен од автомобили.

Адаптивна пренамена на железничките објекти
Предлогот на тимот архитекти вклучува и адаптивна пренамена на поранешните железнички згради и депоа во културен центар, со градска библиотека и железнички музеј.
Пред станицата Rákosrendező планиран е нов плоштад, кој функционира како јавен простор преку целата година за пазари, културни настани и собири, со новозасадени дрвја, водени елементи и засенчени зони.

Овој урбан центар понатаму се развива во зони со средна и ниска градба, организирани околу мрежа од зелени површини од двете страни на пругата. Околната област е наменета за објекти со голема густина на содржини т.е. за канцеларии, хотели, малопродажба и слични услуги.
Од другата страна на потокот Ракош, фрагментираниот пејзаж го реорганизира во пристапна спортска зона со отворени терени, рекреативни објекти и дополнителна метро станица.
Жирито на конкурсот го издвои овој проект над конкуренцијата поради, како што е наведено, „станбена средина погодна за живот и исклучителен квалитет на системот на јавен простор“.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија