Насловна / Арт и дизајн / Култната фотелја добива своја „street art“ верзија

Култната фотелја добива своја „street art“ верзија

Преку соработката на италијанскиот бренд Poltrona Frau и уметникот Shepard Fairey, создадено е ограничено издание на култната фотелја Archibald. Фотелјата ќе биде претставена за време на Milan Design Week 2026, како вовед во колекцијата за 2026 година.

Моделот на фотелја Archibald, кој го потпишува дизајнерот Jean-Marie Massaud, со години се смета за едно од најпрепознатливите парчиња на современиот ентериер.

Неговата форма, со изразени кожни набори и опуштени линии, балансира помеѓу елеганцијата и комфорот.

Во оваа верзија, позната форма станува основа за интервенцијата на уметникот. Наместо да се менува конструкцијата, промената доаѓа преку површината и слоевите на графика кои целосно го трансформираат доживувањето на фотелјата.

Кога „street art” ќе сретне луксуз

Shepard Fairey, познат по својата работа на границата помеѓу уметноста, дизајнот и активизмот, го користи својот препознатлив визуелен јазик во овој проект кој вклучува силни контрасти, симболика и слоевити композиции.

Централниот мотив е женска фигура што ја симболизира природата, додека детали како птици и цвеќиња дополнително развиваат наратив за рамнотежа и меѓусебна поврзаност.

Како што вели самиот автор, „во дијалогот околу ова парче пронајдовме заедничка визија за деликатна рамнотежа помеѓу дизајнот и естетиката, со длабоко почитување на убавината на природата“.

Фотелја како централен елемент на ентериерот

Во ентериерот, ова парче мебел функционира поинаку од класичниот мебел. Не бара дополнителни акценти или слоевита декорација на просторот – напротив, најдобро доаѓа до израз во смирена средина.

Една фотелја станува доволно силен визуелен фокус за да ја дефинира атмосферата на целата просторија. Во оваа смисла, овој проект јасно покажува поместување кон ентериери кои се градат околу индивидуални, внимателно одбрани парчиња, наместо мноштво детали.

Моќта на лимитираното издание

Со само 200 примероци, оваа едиција не е замислена како масовен производ, туку како спој на дизајн, уметност и колекционерска вредност.

Во исто време, го најавува и проширува концептот на колекцијата за 2026 година, која се занимава со идејата на трајност, за она што останува релевантно и вредно и покрај текот на времето.

Ваквите и слични соработки покажуваат како дизајнот на мебел денес сè повеќе се отвора кон други дисциплини. Границите помеѓу уметноста и ентериерот стануваат сè помалку видливи, а парчиња како оваа фотелја функционираат подеднакво како утилитарни предмети и како визуелни изјави.

Испрати коментар

Scroll To Top