Во градот Колима, Мексико, архитектонското студио Di Frenna Arquitectos реализирало проект кој е и работен простор и манифест на сопствената архитектонска филозофија…
Новиот објект, наречен Taller Di Frenna Arquitectos замислен е како место каде што секојдневната работа на архитектите од студиото се среќава со експериментирање, истражување и креативна соработка.

Наместо класична канцеларија, студиото е проектирано како динамична работна средина која ги спојува отворените работни простори, сали за состаноци, аудиовизуелни простории и работилница за макети. Овие содржини се организирани на таков начин што ја поттикнуваат комуникацијата меѓу членовите на тимот и ги следат сите фази од архитектонскиот процес – од првите идеи и концепти до презентацијата на проектите пред клиентите.

Објектот функционира како еден вид архитектонска лабораторија, каде што идеите се развиваат и тестираат во реален простор. Во исто време, зградата претставува физичка интерпретација на принципите што го водат студиото во неговата работа – јасна форма, внимателен избор на материјали и нагласена поврзаност со природната средина.

Архитектонската композиција се базира на серија чисти и јасно дефинирани волумени. Обликувањето нагласува употреба на сирови, автентични материјали кои остануваат видливи и ја изразуваат својата структурна и тактилна природа.

Во проектот доминираат челик, бетон, карбонизирано дрво и камен, кои заедно создаваат слоевит визуелен идентитет на објектот. Комбинацијата на различни текстури и завршни обработки овозможува рамнотежа помеѓу индустрискиот карактер и природните елементи.

Ваков пристап е целосно во согласност со филозофијата на студиото Di Frenna Arquitectos, кое во своите проекти се стреми да ја нагласи автентичноста на материјалите, јасноста на формата и интеграцијата на традиционалното занаетчиско знаење во современата архитектура.

Внатрешните дворови играат посебна улога во проектот, го разбиваат монолитот на зградата и воведуваат природна светлина и вегетација во работниот простор. Овие дворови создаваат визуелни и физички врски помеѓу различните делови од објктот и овозможуваат природен премин помеѓу ентериерот и екстериерот.

Промените на нивоата, играта на светлината и сенката, како и присуството на зеленило придонесуваат за создавање динамична средина што ја крши монотонијата на типичните канцелариски простори. Во исто време, дворовите служат како места за одмор и неформална комуникација помеѓу членовите на тимот.

Реализацјата на објектот е направена во соработка со локални мајстори и занаетчии, чија работа е видлива во деталите на конструкцијата, површинските обработки и завршните материјали. Оваа соработка овозможила да се комбинира современ архитектонски пристап со традиционалното градежно знаење.

Резултатот е објект каде што коегзистираат техничката прецизност и изработката, создавајќи архитектонски јазик кој е истовремено модерен и длабоко вкоренет во локалниот контекст.

Студиото Di Frenna Arquitectos, предводено од архитектот Matiаѕ Di Frena Miler е познато по проекти што го истражуваат односот помеѓу современиот дизајн, материјалните експерименти и локалната изработка. Нивната работа веќе е признаена на бројни меѓународни натпревари и награди, вклучувајќи го и Златниот медал на VI Regional Biennial Region V Manzanillo 2025, како и признанија на Firenze Entremuros Awards, Construye Awards и Noldi Schreck Awards.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија