Глобалната побарувачка на литиум би можела до 2050 година да достигне над 13 милиони тони, што е повеќе од двојно од проекциите од основното сценарио, покажува најновиот извештај на куќата Wood Mackenzie. Во анализата се предупредува дека пазарот, без значајни нови вложувања, би можел да влезе во дефицит веќе во 2028 година, односно значително порано отколку што очекува дел од индустријата. Според различните сценарија на енергетската транзиција кои ги анализира Wood Mackenzie, побарувачката на литиум до средината на векот ќе се движи од 5,6 милиони тони во случај на одложена транзиција, до 13,2 милиони тони во сценарио со нето нулта емисии.

Главниот двигател на растот на побарувачката остануваат електричните возила, кои според проценките ќе учествуваат со 72 до 80% во вкупната потрошувачка на литиум, зависно од сценаријата. Истовремено, се поважна улога добиваат и батериските системи за складирање на енергија, чие значење ќе расте со растот на уделот на обновливите извори на енергија, а електроенергетските мрежи ќе бараат поголема флексибилност и балансирање. Извештајот покажува и дека батериите во целина, до средината на векот, ќе ја апсорбираат речиси целата потрошувачка на литиум, односно помеѓу 96 и 98%. Иако рециклажата со време ќе придонесува за помала побарувачка на нови материјали, ова нема да може да го реши недостатокот во следните години. Позначаен придонес на рециклираниот литиум се очекува дури од 2040 година, кога поголем број на батерии од електричните возила ќе го достигне крајот на својот животен век. Според тоа, литиумот останува незаменлив ресурс во енергетската транзиција, но сегашните планови не се доволни да го следат очекуваниот раст на побарувачката. Поради тоа, од Wood Mackenzie истакнуваат дека наредната деценија ќе биде клучна за одлуките за инвестирање, бидејќи токму проектите одобрени денес во голема мерка ќе ја одржуваат рамнотежата на пазарот во текот на следната декада и подоцна.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија