Насловна / Архитектура / Наградата Прицкер одложена поради афера со документите на Епстин

Наградата Прицкер одложена поради афера со документите на Епстин

Овогодинешното објавување на добитникот на наградата Прицкер за архитектура ќе биде одложено откако директорот на фондацијата, Том Прицкер, се најде споменат во таканаречените документи на Епстин.

Портпаролот на организацијата изјави за New York Times дека доделувањето на наградата, кое традиционално се одржува во првата недела од март, ќе биде одложено.

Веста доаѓа откако Том Прицкер поднесе оставка од функцијата извршен претседател на компанијата Hyatt Hotels Corporation, откако беше откриено дека продолжил со преписка со финансиерот Џефри Епстин и по неговата пресуда во 2008 година за подведување малолетничка.

По пресудата, Епстин е впишан во регистарот на сексуални престапници.

Во соопштението објавено по повод неговата оставка, Том Прицкер наведе дека „покажал лоша проценка со тоа што одржувал контакт со Епстин“.

Сепак, тој останува потпретседател на Фондацијата Прицкер и претседател на Hyatt фондацијата, која ја воспостави наградата Прицкер за архитектура.

Награда „без надворешно влијание“

Во соопштението доставено од Прицкеровата награда до New York Times, организаторите ја истакнаа независноста на наградата, која стручната јавност ја смета за највисоко признание во архитектурата.

„Жирито, составено од меѓународно признати експерти од различни дисциплини, отсекогаш работело и ќе продолжи да работи доверливо и без надворешно влијание“, се наведува во соопштението.

Оскар во архитектурата

Наградата Прицкер за архитектура е воспоставена во 1979 година од Џеј Прицкер, таткото на Том Прицкер, а првиот добитник е архитектот Филип Џонсон.

Меѓу досегашните лауреати се некои од најзначајните имиња во современата архитектура – Заха Хадид, Френк Гери, Ричард Роџерс, Норман Фостер, Рем Кулхас, Алваро Сиза и Тадао Андо. Наградата се смета за Оскар во архитектурата.

Минатата година, наградата му припадна на кинескиот архитект Лиу Џакуин.

Споменување во документите

Според најновото објавување на мејловите на Епстин, кои станаа јавни на 30. јануари, името на Том Прицкер се споменува повеќе од илјада пати, пишува Dezeen.

Документите откриваат бројни разговори меѓу Прицкер и Епстин, вклучувајќи и договори за средби, а финансиерот Епстин бил повеќе пати поканет на церемонијата на доделување на наградата Прицкер.

Испрати коментар

Scroll To Top