Насловна / Вести / Векше – град кој одлучил да ги победи климатските промени

Векше – град кој одлучил да ги победи климатските промени

Во јужна Шведска, меѓу езерата и шумите на покраината Кроноберг, се наоѓа град кој веќе со децении се нарекува „најзелен“ во Европа. Тоа е Векше – универзитетски центар од околу 100.000 жители, кој уште од далечната 1996 година донел одлука која ќе ја промени неговата иднина – да стане првиот град во светот без фосилни горива.

Денес, речиси три децении подоцна, Векше е симбол на одржливоста и пионер во борбата против климатските промени. Додека многу градови допрва го бараат патот кон намалување на емисиите, овој шведски град покажува дека е можно да се спојат урбанизацијата, економскиот раст и животниот стандард со одговорноста кон природата. Шведска е позната по шумите, а Векше го користи отпадот од дрвната индустрија за производство на енергија. Благодарение на тоа, системот за далечинско греење на градот денес е речиси целосно ослободен од фосилни горива. Емисиите на јаглерод диоксид по жител се намалени за над 60% во однос на 1993 година. Тоа не е само статистика – тоа е доказ дека упорноста и паметното планирање даваат резултат.

Уште една посебност на Векше е неговата архитектура. Наместо градби од бетон и челик, градот инвестира во градби од дрво. Новите станбени и јавни објекти во голема мера се базираат на овој материјал, со што значително се намалува јаглеродниот отпечаток на градежниот сектор. На тој начин, Векше не само што ги намалува емисиите, туку и покажува како традицијата може да оди рака под рака со модерните технологии и естетиката. Во Векше, автомобилите не се доминантно средство за превоз. Над 300 велосипедски патеки се испреплетени по целиот град, а електричните автобуси и биогоривата произведени од домашниот органски отпад се повеќе го превземаат приматот во јавниот превоз. Целта е јасна – намалување на емисиите од сообраќајот, еден од најтврдокорните извори на загадување. За своите напори, Векше во 2018 година ја добива престижната награда European Green Leaf Award, а европските и светските медиуми редовно го нарекуваат „најзелениот“ град во Европа. Но, она што е уште поважно е фактот дека Векше станал пример за другите градови – од големите метрополи до малите општини кои сакаат своите заедници да ги направат одржливи.

Испрати коментар

Scroll To Top