CA.CA.FE е ново кафуле во приземјето на кулата Генекс во Белград, создадено од желбата на уметничкото дуо Марја Овчарова и Сергеј Костомин да ја третираат храната и просторот како флуидна, креативна практика.

Откако се преселиле од Русија во Белград во 2022 година и почнале да работат кетеринг за специјални настани, тие одлучиле да отворат локал кој ќе функционира како заедничко место за соредби, но и како мал експериментален простор.

Сами го уредиле ентериерот, балансирајќи помеѓу сировите текстури на бруталистичката зграда и функционалните зони потребни за секојдневното работење на кафулето.

„Ефектот што сакавме да го постигнеме е просторот да биде удобен, но со чувство на работилница во која работите се движат“, велат авторите.

Ентериерот бил ограничен од техничките поставки на самата кула, особено распоредот на инсталациите, што директно влијаело на организацијата на просторот.

Бидејќи шемата за инсталациите е однапред дефинирана, распоредот морало да се прилагоди на постојната инфраструктура. Природната светлина исто така била клучен фактор.

„Сакавме просторијата свртена кон запад да биде јавна, а другата просторија да биде нашата кујнска работилница. На тој начин, гостите можат да уживаат во целосен спектар на дневна светлина, а кујната да се буди и да засветли рано со изгрејсонце“, откриваат авторите.

Авторите сакале да го задржат духот на култната кула Генекс, па затоа се одлучиле за чисти и сирови материјали – метал, иверица и бетон.
Сиот мебел може да се преместуваат, освен „кафе-точката“ и делот со тоалет и кујна, што овозможува просторот лесно да се трансформира за вечерни настани и помали уметнички програми.

„Собравме винтиџ дизајнерски парчиња во интензивни тонови, за да се вклопат во познатите мурали над влезот во зградата“, наведуваат авторите.
Природната светлина низ стаклените ѕидови го прави просторот отворен и жив, додека за вечерните часови креиран е контраст со топло, пригушено осветлување.

„Инсталиравме флексибилен систем за осветлување со топли светилки кои емитуваат светлина слична на свеќи, а кои ќе ги трансформираат повикани уметници“, објаснуваат.
Во моментов, просторот е осветлен со скулпторска ламба од американската уметница Алис Блох, додека другата ламба, изработена од рециклирана рачно изработена хартија, е дизајнирана од Сергеј.

Поголемиот дел од ентериерните елементи се набавени половно, со цел да се задржи автентичната естетика на зградата.
„Поголемиот дел од нашиот мебел и помали детали ги собравме на винтиџ маркети, со цел да се вклопиме во естетиката на зградата што ја сакаме и почитуваме“, велат авторите.

„Го сакаме нашиот тоалет! Беше ризична одлука да го направиме од полупроѕирен материјал, но целосно се исплатеше! Исто така, го конструиравме целосно сами“, искрено признаваат авторите.
Кога ќе се влезе во локалот, јасно е зошто се смета за еден од најфотогеничните делови од просторот – внатре е интимно, а надворешниот дел се користи за складирање.

CA.CA.FE функционира како локална заедничка точка што обединува дневно кафе, мала работилница и уметнички програми.
Преку сирови материјали, силна природна светлина, винтиџ детали и флексибилен распоред, Марја и Сергеј создале простор што останува верен на бруталистичката логика на Генекс, но ја реинтерпретира на современ, топол начин.



Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија