Секретаријатот на Енергетската заедница ги објави Насоките за законодавната рамка за праведна транзиција (Policy Guidelines on Just Transition) во доменот на интегрираните енергетски и климатски планови. Овој документ треба да им послужи на договорните страни да ги исполнат преземените обврски. Оваа организација ги повикува државите да усвојат наменски планови за праведна транзиција (JTP). Западен Балкан е критикуван главно поради недостаток на цели и детални мерки во националните планови за клима и енергија.

Секретаријатот им препорачал на договорните страни да го унапредат известувањето за спроведувањето на мерките. Праведната или правичната транзиција се однесува на постепено намалување на производството и употребата на фосилни горива, со наменска поддршка за оние кои се најпогодени со тие промени. Првенствено станува збор за граѓани и компании во регионите на јаглен. Документот е фокусиран на пристапот во планирањето на енергетиката и климатската акција, кој ќе биде прилагоден на секој регион.

Во Софиската декларација за зелената агенда за Западен Балкан, која е усвоена во 2020 година, шесте договорни страни од регионот прифатија да ги декарбонизираат своите економии, како и да достигнат јаглеродна неутраллност до средината на векот. Праведната транзиција подразбира поддршка за работниците и заедниците кои се загрозени во овој процес, потоа борба против енергетската сиромаштија, поттикнување на инклузивно управување и обезбедување на правична распределба на бенефитите од транзицијата. Во најголем дел од договорните страни, сеуште доминира производството на електрична енергија од јаглен, кое се карактеризира со ниска ефикасност и високи нивоа на емисии на стакленички гасови.
Во документот стои дека носителите на одлуки треба да дадат поддршка на микро, малите и средните претпријатија, како и на стартаповите. Тоа се однесува и на формирањето на компании и вклучувањето на бизнис инкубатори и консултански услуги. На голем дел од вработените и на оние кои бараат работа им е потребна доквалификација, преквалификација и обука, се вели во документот.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија