Насловна / Вести / Ликот на сликата на Мунк

Ликот на сликата на Мунк

Правите патници, оние кои се воодушевуваа на природата и на убавите дела што човечката рака ги создала, одамна ги нема. Убавината ја сокрија. Оние стари и убави зданија ги премачкаа, историјата на градот ја налепија, ја нагрдија. Kаде ли сме тука ние архитектите и што правиме? Доаѓаат некои патници, од бог знае каде, ги сликаат објектите заминувајќи понатаму да раскажуваат за чудата што ги виделе.

Ги нема повеќе оние кои го вперуваат погледот во синото небо и им завидуваат на птиците во лет, на нивната слобода. Слободата, па макар и на птиците, не е повеќе идеал. Го нема џагорот по улиците, насмеаните лица, ја нема радоста, ја нема музиката. Магличавост и некаква чудна тишина владее со целиот простор. Ни ставија оглав околу очите, не насочија, ги ограничија нашите очекувања.

Се чувствувам како Сизиф со овие чевли што ми ги дадоа. Обременет со тешкотии од животот, со нивниве чевли не можам да се искачам на брегот и да видам што има од другата страна. Реклами на телевизија за нешто што не ми треба. По улиците билборди, на зградите шарени реклами со големи букви за работи што не ни сакам да ги гледам. Како да сакаат да ме потсетат дека сум писмен и дека не треба друго да читам. Да ми кажат дека животот е онаков како што пишува на нивните реклами. Ми ставија шарени светла да ми го замат видот, ставија некои чудни светилки од чие светло не можам да ги гледам небото и ѕвездите. Од нивните светла не можам да мечтаам гледајќи угоре, за да немам илузии и имагинација!

Нечист и загаден воздух, облаци од мирис на пот измешан со парфем и издувни гасови од автомобили го заменија мирисот на природата. Мобилните телефони и социјалните мрежи во замена за читањето книги и правата љубов. Животински гласови кои се борат да преживеат во загушливиот простор на градот, наместо слободно пливање во водите на музиката. Незнаењето надвладеа. Животот и младите заминаа некаде далеку, преку границите во надеж дека на друго место ќе го најдат она што тука им недостасува.

Дозволив ова да се случи, како и повеќемината од нас, колебајќи се како понатаму, мислејќи дека сè е минливо и дека ова набрзо ќе помине! Се одреков од многу нешта, си мислам утре сè ќе надоместам? Но, утрешнината никако да дојде. Заборавив на себе, заборавив на другите. Си мислам, мене никој не ми помага, што јас би помагал некому? Знам и тие мислат како мене. Нивните мисли не допираат до мене, моите до нив. Наместо заедно да си помогнеме, да се искачиме на брегот и да видиме што има од таа страна, ние си ставаме сопки. Се обидуваме сами, мислејќи – јас ќе успеам, што ми е гајле за нив? Не сфаќаме дека бесмисленоста нè убива, учмаеноста и истите работи што ги правиме секојдневно не отапуваат.

И на крајот каде сме сега, каде стигнавме? Тие се таму каде што ги оставив, некои паднаа уште подолу. Некои забиени со главата во земја и со уста полна со прашина и со животински измет. А мене ме нема ни на скалата на видливоста, ме снема со моите осамени зборови, кои можеби потонаа во слоевите земја, неразбрани и затрупани од копитата кои одат по асфалтот од мојот град. А и што да речам, и онака никој не ме слуша.

Ни се случуваат трагедии од неуки луѓе поставени партиски на несоодветни места! Никој не сака да искористи нечие знаење, политиката и политичарите се денес важни, а времето си врви. Водачот на неуките успеа да ги потчини сите кон своите лажни идеали, ги успа со своите приказни за преродбата која никако да дојде.

Неуките ја проголтаа приказната, и дремат ли дремат. Нема кој да се заврти и да погледне наназад. Свеста е бесмислена во празните глави. Ах да, сакав да пишувам за архитектурата, но кому му е гајле! Мене ништо не ми преостанува освен да испуштам крик, колку гласот што ме држи. Наликувам како оној лик од сликата на Мунк. Без разлика на сè, викајќи покажувам дека сè уште сум жив. Можеби некој ќе ме слушне и ќе дојде до мене заедно да се искачиме на брегот?

Текст и фото: Ангел СИТНОВСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top