Експо 2025 во Осака, Јапонија се отвори на 13 април, ќе трае до 13 октомври и е важен настан кој ги обединува нациите од светот за да ги покажат своите визии, иновации и стремежи за иднината. Ќе се одржи од 13 април до 13 октомври 2025 година, ќе биде глобална платформа за иновации и за одржливост. Темата на настанот е „Дизајнирање на иднината на општеството за нашите животи“, со што ќе се истражуваат решенија за подобар и поодржлив свет. Трите поттеми на Експо се: „Спасување животи“, која се фокусира на здравје и благосостојба; „Овозможување животи“, посветена на еднаквоста и на инклузијата; и „Поврзување животи“, која го нагласува глобалното соработување за решавање на предизвиците.

Во духот на темата на настанот, темата на Јапонскиот павилјон на Никен Секеи и на Оки Сато на Експо 2025 Осака е „Помеѓу животите“ и е проектирана како самоодржлива структура која ја отелотворува идејата за континуирана трансформација и повторна употреба.
Тие за својот павилјон велат: „Не сме само ние. Кога некое животно или растение, некоја работа, па дури и целото општество, се приближува кон крајот на својата улога, дел од него продолжува, се трансформира, презема нова улога. Сите ние живееме низ овие врски.

Погледнете го овој простор помеѓу животите и ќе видите дека светот е составен од безброј, ситни циклични јамки.
Полн живот е оној во кој се почитува целиот живот, се разбира неговото значење и вредност. Полн живот се живее како дел од врските меѓу животите. Односот кон природата и естетскиот сензибилитет што процветаа во оваа земја се клучни за да се постигне ова“.

Павилјонот е замислен како жив организам и е обликуван како монументален прстен формиран од слоеви на вкрстено ламинирано дрво распоредено во полутранспарентна формација. Оваа ритмичка модуларна фасада опфаќа повеќе влезови и излези, овозможувајќи погледи низ празнините за набљудување на изложбените локации внатре, инспирирајќи разбирање на она што се крие „помеѓу“ – посебен принцип на темата за вечно поврзување без почеток или крај. Исто така претставува и сложена конфигурација, создавајќи динамична игра на светлина и сенка која се менува во зависност од времето на денот.

Во оваа концепција, дрвото игра клучна улога. Тоа не е само материјал, туку и симбол на јапонската култура, традиција и почитување на природата. Дрвото, како обновлив ресурс, ја претставува идејата за циклусите на животот — растење, стареење и обновување.

Со приоретизирање на повторната употреба на метеријалите и влијанието врз животната средина, Никен Секеи претставува пристап за проширување на оваа привремена архитектура надвор од нејзината првична цел, осигурувајќи дека може да се прилагоди на новите контексти и да го продолжи својот животен циклус по завршувањето на Експо 2025 Осака. На почеток, инженерите и архитектите вложија големи напори во креирање и проектирање на модуларен систем со панели што може лесно да се расклопат и пренаменат во разни објекти низ Јапонија. Ова значи дека по завршувањето на настанот, дел од дрвените материјали што се користат во овој павилјон ќе бидат расклопени и вратени кај нивниот заемодавач, Јапонската асоцијација за ламелирана дрвена граѓа, каде што ќе се пренаменат и ќе се користат во следните архитектонски проекти. Оваа регенеративна карактеристика на архитектурата служи како доказ за нејзината усогласеност со сеопфатната тема на павилјонот „циклус“.

Понатамошното преиспитување на конвенционалните, статични изложбени простори, архитектот го замислува „живиот“ павилјон како постројка за биогас што го обработува отпадот од самата локација на Експо. Процесот во кој микроорганизмите го разградуваат органскиот отпад, генерирајќи биогас за да помогне во напојувањето на структурата, е прифатен и претставен како интерактивна инсталација, која повикува активно учество.
Употребата на дрво во Јапонскиот павилјон исто така е поврзана со традиционалната јапонска архитектура, која се одликува со екстензивна употреба на овој материјал во храмови и светилишта. Во овој случај, дрвото не е само визуелен елемент — тоа е користено со висок степен на иновација.

Дрвото исто така го симболизира циклусот на животот и кружната економија. Помеѓу различните технологии за дрво, вкрстено-ламелираните плочи (ВЛП) нудат нов систем кој го подобрува потенцијалот за продуктивно користење на трупци со мал дијаметар за да создадат големи панели. Дополнително, празнините помеѓу ВЛП-панелите ја олеснуваат визуелната пропустливост, со што се воспоставува беспрекорна врска помеѓу надворешната и внатрешната средина, како и изложбата и архитектурата.

За внатрешноста на павилјонот, архитектите користат локално набавено дрво, што дополнително ја истакнува идејата за одржливост. Просторот има топла, природна атмосфера која се разликува од ладните, индустриски материјали. Употребата на дрво не е само естетска, туку и функционална, бидејќи овој материјал создава пријатен и природен амбиент за посетителите.

Јапонскиот павилјон на Експо 2025 во Осака е пример за тоа како архитектурата може да го спои традиционалното со иновацијата. Употребата на дрво не само што го прави павилјонот визуелно привлечен, туку ја носи и културната и еколошката порака на Јапонија. Дрвото во оваа структура не е само материјал, туку е начин на изразување на длабоката врска помеѓу луѓето и природата, како и на одговорноста за иднината на нашата планета.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија