Пред четири години, властите на Обединетите Арапски Емирати, гордо ја најавија изградбата на Dubai Creek Tower, кој требаше да стане најголемата градба на светот. Оваа џиновска кула висока помеѓу 1000 и 1300 метри (точната височина никогаш не е откриена), планирано било да се заврши за Светската изложба 2020 во Дубаи. Со планираната височина Dubai Creek Tower би ја надминала соседната Burj Khalifa, која со своите 828 метри веќе полна деценија ја држи титулата – највисока зграда на светот. Но, наместо Арапскиот полуостров да ја добие „Ајфеловата кула на 21-виот век“ (кулата која доминира со панорамата на Париз исто така е изградена по повод Светската изложба во 1889 година), нејзината изградба нагло е запрена веднаш откако започнале работите на поставувањето на темелите. Угледниот портал за големи инфраструктурни проекти B1M, во кратко видео анализира зошто дошло до застој, и зошто на овој проект му се заканува и целосен дебакл.
За почеток, наведува B1M, кулата која би чинела повеќе од една милијарда долари, нема да нуди премногу искористлив простор и покрај својата височина. Имено, за користење биле предвидени само 20 ката, во кои би се сместиле хотел, ресторан и слични содржини. Но, изградбата на станбени и деловни простори не била ниту мотивација на Емиратите за изградбата на оваа кула. Нивната прва цел била задржување на титулата на „највисока градба во светот“ во Дубаи. Во времето кога Dubai Creek Tower е најавена, се чинело дека титулата од гореспоменатата кула Burj Khalifa би можела да биде превземена од новиот облакодер во Саудиска Арабија – Jeddah Tower. Таа зграда требало да биде нешто повисока од еден километар. Во тоа време, губењето на титулата за највисока градба на светот не била опција за Дубаи. Имено, Burj Khalifa, за многу кратко време станува симбол на градот и една од причините поради која во Дубаи годишно доаѓале над 20 милиони туристи, кои трошеле околу 30 милијарди долари. Затоа, Dubai Creek, заклучува B1M, е осмислен како своевидна полиса за осигурување на Дубаи – во случај Саудиска Арабија навистина да изгради облакодер од еден километар, Дубаи сепак би ја имал најголемата градба која сепак нема да биде облакодер, туку кула. Таа намера е видлива и во никогаш точно неоткриената височина на Dubai Creek Tower, чии инвеститори очигледно чекале да видат до која точка над тлото ќе се издигнува Jeddah Tower.
На почетокот на 2018 година, работите на саудиската мега кула се запрени откако клучните финансиери на проектот се зафатени со големата чистка спроведена од страна на принцот Muhammad bin Salman, под превезот на борбата против корупцијата. Од тогаш се поминати повеќе од две и пол години, а работите на Jeddah Tower и натаму стојат. Некаде во исто време запрени се и работите на Dubai Creek Tower. Целиот проект дури оваа година и формално е ставен на чекање, а иако инвеститорот, EMAAR Properties, и натаму тврди дека кулата ќе биде довршена во 2022 година, прашање е дали тоа навистина ќе се оствари.