Насловна / Вести / Жежељев мост: Инженерски симбол на Нови Сад преку изградба, рушење и обнова

Жежељев мост: Инженерски симбол на Нови Сад преку изградба, рушење и обнова

Во светот има малку мостови чија судбина е толку тесно поврзана со идентитетот на градот, како што е случајот со Жежељевиот мостот во Нови Сад. Неговата препознатлива двојна силуета со децении била една од клучните ориентири на Дунав, но и сведоштво за технолошкиот оптимизам во времето во кое е создаден.

Од неговата изградба во 1961 година, преку неговото рушење во 1999 година во НАТО бомбардирањето, до современата реконструкција, кога му беше вратен на градот во 2018 година – приказната за овој мост ги следи промените низ кои поминува Нови Сад повеќе од половина век.

Мостот од 1961 година: Инженерско чудо и симбол на градот

Жежељевиот мост, изграден во 1961 година, беше првото трајно премостување на Дунав што директно ги поврзало Нови Сад и Петроварадин. Го проектирал инженерот Бранко Жежељ, применувајќи ја тогаш револуционерна техника на преднапрегнат бетон без класично скеле, со што мостот брзо станал инженерски симбол на градот.

Конструкцијата, со вкупна должина од околу 474 метри и ширина од 32 метри, го поврзувала меѓународнаиот железнички правец Белград-Будимпешта, а воедно служела и за патен сообраќај. Официјалното име на мостот било „Мост на братството и единството“, во согласност со идеологијата на тоа време, но уште од самиот почеток граѓаните го нарекувале Жежељев мост, по инженерот кој го проектирал. Благодарение на смелиот конструктивен концепт и елегантната силуета на двата лака, мостот набрзо станал препознатлив симбол на Нови Сад и гордост на локалната заедница.

стариот мост

Рушење во 1999 година

Историјата на Жежељевиот мост не била спокојна – крајот на векот донесе негово трагично уништување. За време на бомбардирањето на НАТО во 1999 година, мостот беше погоден неколку пати и конечно се урна на 23 април 1999 година, по што беше прекината главната железничка врска помеѓу Белград и Суботица (т.е. Србија и Унгарија). Рушењето го остави Нови Сад без еден од неговите најважни симболи, а практично преку ноќ градот остана и без сите три моста на Дунав.

Загубата на Жежељевиот мост имаше сериозни последици врз урбаниот живот – сообраќајот преку Дунав беше отежнат, а панорамата на градот остана без едно од неговите обележја. Како привремено решение, веќе во 2000 година, недалеку од урнатините беше подигнат мост монтажно – демонтажен (понтонски), со цел да се обезбеди барем минимална комуникација додека не се изгради нов мост.

Сепак, беа потребни речиси дваесет години за трајна обнова. Дури по долги одложувања и подготовки, Нови Сад повторно ја виде препознатливата двојна силуета над Дунав – враќајќи му ја на градот неговата панорама и функционалност што ги изгуби од бомбите на НАТО.

Новиот Жежељев Мост (2018): Обнова на силуетата во челик

Изградбата на новиот железничко-коловозен мост официјално започна во 2012 година врз темелите на стариот, а мостот беше свечено завршен и пуштен во употреба во 2018 година. Новиот мост е проектиран од проф. д-р Александар Бојовиќ, задржана е визуелната концепција на претходникот заради континуитет на градскиот пејзаж. Визуелно, многу е сличен на стариот мост, со тоа што лаците сега се изведени од челик наместо од бетон, со примена на современи материјали и стандарди.

Новиот мост се карактеризира со челична конструкција што се потпира на пет армирано-бетонски столбови, од кои едниот е преземен од стариот мост. Неговата силуета е дефинирана од два големи бели челични лака: поголемиот со распон од 219 метри и висина од околу 42 метри, и помалиот со распон од 177 метри и висина од околу 34 метри.

Мостот е проектиран како лачна конструкција со затеги и систем на вкрстени вешалки, со што е постигнато високо ниво на стабилност и овозможено постигнување на рекорден распон од 219 метри во рамките на оваа типологија. Како повеќенаменски инфраструктурен објект, мостот носи две железнички пруги од електрифицираниот коридор и две коловозни ленти, заедно со пешачки и велосипедски патеки од двете страни.

Мостот е дополнително опремен со модерно LED осветлување кое функционално го осветлува коловозот и пешачките патеки, додека декоративно ја нагласува линијата и белината на лаците, создавајќи силен визуелен идентитет на објектот, особено во ноќни услови, додека несаканото светлосно загадување е спречено со насочување на светлината кон коловозот и самата конструкција.

Архитектонска анализа: Спој на старо и ново

Обликувањето на новиот мост претставува промислен спој на историско наследство и современа технологија. Со задржување на истите пропорции и положбата на двојниот лак, инженерите го зачувале континуитетот на градската панорама и идентитетот на местото – денес мостот изгледа како модернизирана верзија на стариот, со што архитектонскиот дух на Жежељ е транспортиран во новата ера.

Употребата на бел челик наместо бетон ѝ дало на конструкцијата современ естетски израз: тенките челични лаци изгледаат лесно и елегантно, создавајќи минималистичка геометрија што складно се вклопува во визурата на тврдината Петроварадин и бреговите на Дунав. Во исто време, конструктивниот систем на лакот со затегнување претставува технолошки исчекор во споредба со оригиналот – овозможил поголем распон и издржливост, но без нарушување на визуелното доживување на претходното решение.

Експертите истакнуваат дека и стариот и новиот мост биле исклучителни достигнувања во рамките на можностите на своето време и дека директна споредба не е соодветна бидејќи секој ги одразува најдобрите практики од својата ера. Мостот и понатаму е орјентир на панорамата на Нови Сад – двата бели лака што доминираат над реката денес симболизираат континуитет и покрај прекинот.

Доверба во конструкцијата

Железничко-патниот мост, кој жителите на Нови Сад и понатаму го викаат Жежељев мост, денес стои како современ градски орјентир и спона помеѓу минатото и иднината. Неговата комплексна приказна – од неговиот инженерски изум во 1961 година, преку неговото рушење во 1999 година, до неговата реконструкција во 2018 година – е вткаена во идентитетот на Нови Сад.

Како спој на техника и симболика, овој мост оди подалеку од својата основна функција на инфраструктура: тој е траен потсетник за отпорноста на градот и неговата способност да се обновува и модернизира, а истовремено чувајќи го континуитетот на својот урбан идентитет.

И токму затоа во колективната меморија засекогаш ќе остане присутна приказната за Бранко Жежељ – инженер кој толку многу верувал во своето дело што, според сведочењето на современиците, ја изговорил познатата реченица: „Ако мостот падне, ќе ме убие мене. Тој чин на доверба во сопствената конструкција станал составен дел од легендата за мостот, додавајќи силна човечка димензија на неговата архитектонска вредност.

Испрати коментар

Scroll To Top