Насловна / Архитектура / Завршна изложба на меѓународната Летна архитектонска школа

Завршна изложба на меѓународната Летна архитектонска школа

osogovomona2

Завршна изложба на учесниците на 24-тата меѓународна Летна школа за архитектура беше отворена синоќа во галеријата на стариот конак во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка.

На годинашната летна школа за архитектура, која ја организира Архитектонскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, учествуваа 31 студент по архитектура од Македонија, Холандија и Турција, кои имаа осум ментори.  Тие проектираа самостојно на зададената тема „Изблик на чиста архитектура во планините“.

– Создадени се 31 проект на различни објекти, и два пејзажа. Студентите проектираа истражувачки центри, разни видови сместувачки капацитети, изложбени простори, павилјони во природа и многу други, а беа работени на две локации. Се работеше во манастирскиот комплекс „Св. Јоаким Осоговски“ и во испосницата на светецот во селото Градец. За двата локалитети се создадени и два прекрасни пејзажи, еден со шумата и околината на манастирот и еден на карпестиот, дијаметрално спротивен амбиент, – изјави раководителот на Школата, доц. д-р Слободан Велевски од Архитектонскиот факултет.

Секоја година со учесниците на школата работи гостин-ментор, а овој пат тоа беше етаблираниот германски архитект Питер Вилсон.

Според Велевски, досега се создадени најмногу дела на некоја од сесиите на школата зашто учесниците проектирале индивидуално, што е тешко за менторирање.

– Следната година Летната школа за архитектура ќе одбележи четврт век од своето постоење и за јубилејот што ни следува ќе бидат планирани низа активности. Инаку, ова е втора најдолга по традиција летна школа на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ –  додаде Велевски.

Со изложбата на делата од учесниците беше заокружен работниот дел на Школата, која завршува денеска. Од создадените дела ќе биде изработена публикација, а во средината на септември тие ќе бидат претставени на изложба во Скопје.

Меѓународната Летна архитектонска школа ја организира УКИМ, а се одржува со поддршка од Министерството за образование и наука, во соработка со Македонската православна црква, манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ и општина Крива Паланка. 

 

Испрати коментар

Scroll To Top