Насловна / Вести / За прв пат Советот на Општината Центар изгласа неприфаќање на ДУП

За прв пат Советот на Општината Центар изгласа неприфаќање на ДУП

Советот на општина Центар, вчера го заврши продолжението на 16-тата седница и ја одржа 17-тата седница.
На вчерашната 17-та седница на Совет на Општина Центар-Скопје со 14 гласа “ЗА“ и 6 “ПРОТИВ“ по 4-ти пат ја продолжија одлуката за запирање на спроведувањето на Деталните урбанистички планови, односно мораториумот за градби на територија на општината. Со донесувањето на оваа одлука, општината прави чекор кон подобрување на животната средина и овозможување на похумани и нормални услови за живеење на жителите на Центар.
Како што нагласи Претседателката на Советот, мораториумот стапува на сила веднаш. Таа особено им нагласи на службите во општината дека продожувањето значи дека и понатаму нема да се издаваат Одобренија за градење, мораториумот кој стапи на сила веднаш значи и дека не постои можност нити еден ден да може да се поднесе апликација на е-градежна дозвола за барање за Одобрение за градење за ДУП-овите кои се под мораториум.

јана
На вчерашното продолжението на 16-тата седница седница за прв пат се случи Советот на општината да гласа неприфаќање на измена и дополна на ДУП.
На седницата презентација одржаа планерите од „Билд“ ДООЕЛ Скопје на ДУП Градска четврт Ј07, Блок 9 и Блок 24. (делови од населбите Капиштец и Водно).
За Блок 9 (населба Водно) немаше спорни моменти бидејќи се работи за населба со куќи за индивидуално домување, каде процентот на изграденост, густина на жители, висини и зеленилото е согласно постоечките закони.
Измената на планот, Блок 9 има предвидува намалени поткровја на група парцели со што ќе се намалува изграденоста, и се задржува квалитетот на живот во населбата.
Советниците ја подржаа едногласно одлуката за прифаќање на оваа измена на блок 9 од планот.
Но за Блок 24 (Капиштец) од планот Градска четврт Ј07 се појавија низа на спорни моменти и недоследности. Започнувајќи од бројот на жители кои би се појавиле со реализација на планот, а со тоа и потреби за паркинг простор, комунлана инфраструктура, сообраќајна инфраструктура, безбедност, но исто така и јавен простор, зеленило и сл.
Овој ДУП е нарачан од предходната гарнитура и е доставен во општина во ноември месец 2017 година. Дури вчера беше ставен на гласање на совет. Советниците расправаа за процентот на зеленило кое на ниво на парцела не ги следи одредбите од постоечкиот закон за зеленило каде се бара минимум 20 проценти зеленило во рамки на парцела. Секако дека планерите барајќи алиби за начинот на кој размислуваат и ги изработуваат плановите за оваа забелешка ќе најдат оправдување дека работеле според стариот закон, но исто така добро знаат дека урбанизмот претставува комплексна задача, дека треба визионерски да искреират документ кој ќе овозможи просторен, односно економски развој, но при тоа да го сочува и надгради и јавниот интерес. Особено кога знаат и е нагласена и политичката воља, особено во оваа општина, да се стави ред во урбанистичкото планирање.
Исто така, нумеричките показатели кои беа презентирани објаснуваа дека се предвидува луксузно живеење со просечна големина на станови од 100м2 за трочлено семејство, иако се знае дека тоа не е случај. Туку токму обратното. Кај нас инвеститорите, купците, а особено сопствениците на локациите кои со еден потег сакаат да решат станбено прашање на три генерации однапред, од 100 метри квадратни станбена површина, сигурно прават два стана, а не ретко и три (двособни од 35-40 квадрати), а инвеститорите згора на се ги рекламираат под слоган – ексклузивност.
Паркирањето се објаснуваше со можности, но сите недоволно уверливи за советниците. Познавајќи ги состојбите, тие можности се независно паркирање со механизми, кое решение е апсолутно неоптимално, ја диктира структурата на целиот објект, а што е скоро редовен случај останува прикажано само во проект, а никаде не е реализирано. И за да биде проблемот уште поголем ради неможноста за паркирање се отвара можност за корупција по сите нивоа и замижување на општината и инспекторите за состојбите на лице место на изведените објекти, кои не соодејствуваат со одобрените проекти.
Се доведе во прашање и безбедноста на учениците во школото во случај на непогоди, како и сообраќајната небезбедност беа дополнителна тема која се разви во Советот. По обемна расправа и жучна дискусија Советот со 15 гласа за и 1 воздржан (или немал став или не знаел што да прави), гласаше за НЕПРИФАЌАЊЕ на измените и дополните од планот. Ова е за прв пат во Македонија, Совет на општина да не изгласа ДУП. И што е уште поинтересно неприфаќањето е изгласано од советниците на двете политички партии.

Од Општина Центар ги образложија недостатоците на планот за БЛОК 24 (населба Капиштец)

Плановите треба да предвидуваат развој, но не и развој со кој директно негативно се влијае на соседството и на јавното добро.
За објектите кои се испланирани на парцелите помеѓу новото училиште и Заводот за Рехабилитација и постојниот станбен комплекс со ГУП-от на град Скопје се предвидени објекти од Групата на класи на намена А – Домување, В – Јавни институции на нелогични места. На дел од овие локации во претходниот ДУП биле предвидени објекти со намена В1 – Образвание и наука и В2- Здравство и социјална заштита, што го поткрепува тврдењето за локациската несоодветност на новопланираната намена. Дополнително, со предвиденото планско решение се наголемени површините за градба и висините на сите горенаведени објекти и на истите основната класа на намена А1 е заменета со намената А2  – што подразбира зголемена бруто површина на градба и се што следи од тоа.
Предметната градска четврт нема регулациски план со дефинирани нумерички параметри за секој поединечен блок, односно директно е правен ДУП- кој е спорен кога ќе се види колку исправки на технички грешки претрпел досега.
Во важечкиот ДУП Градска Четврт Ј07 од 2013 година има предвидени парцели со намена А2  и катност П+3+Пк, кои во предложената измена се со зголемена висина од цел кат.
Сериозни престапи се пронајдени и во Нумеричките показатели каде се вршени пресметка на број на жители во блокот по 71м2 станбена бруто површина по жител, додека ГУП одредува 31,5 м2 бруто станбена површина по жител.
Со овие пресметки се прикажува нереален планиран број на жители .

јана1

Важечки план, обележани се локациите за кој е даден коментарот

Што следи понатаму?

Од општината велат дека, законски, планот ќе биде вратен во Министерство за транспорт и врски од каде е и пратен во општина, по добиени согласности од страна на низа институции.
Планот нема можност да се доработува или преработува, туку е потребно да се започне со изработка на ново решение кое ќе ги следи потребите на жителите за спокоен, безбеден и квалитетен живот.
Граѓани од неколку соседни згради веќе испратија свои дописи до Општината противејќи се на ова предложено решение.
Нивниот мир е веќе нарушен со објектите (висококатници на ул.„Киро Гавриловски“) во изградба, а за кои бурно реагираа пред неколку седници на совет.
Се надеваме дека овој пат Министерството за транспорт и врски нема да постапи по политички и бизнис нарачки, туку единствен критериум ќе биде стручноста во работењето и квалитетот на изработените планови. Мора да се лоцира одговорноста и да се погледне наназад низ сите институции кои го одобриле планот, преку планерите, законите, ГУП-от и да се евидентираат грешките (намерни, свесни или ?) во чекорите и во изработка на плановите. Останува да видиме што ќе направи министерството. Доколку дојде до преработка на плановите кој ќе ги изработува? Дали истите бироа ќе ги преработуваат сопствените грешки и недоследности за исти или нови пари? Или како по обичај одговорноста ќе биде колективна, а грешките во урбанизмот се непоравливи и со трајни последици.

Испрати коментар

Scroll To Top