Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, синоќа во гостувањето во Дневникот на Сител телевизија говореше за новиот правилник и ценовник на Јавното претпријатие за паркинзи на Општина Центар.
Тој нагласи дека новиот правилник е изработен врз основа на детална анализа која траела година и половина, спроведена од ЈП ПОЦ во соработка со Општина Центар, како и врз основа на бројни средби со граѓаните и нивните забелешки за проблемите со паркирањето.

Градоначалникот изјави: „Имаме речиси 15.800 издадени одобренија, односно налепници, а околу 6.100 паркинг места. Тоа јасно покажува дека системот мора да се уреди. Во минатото имало злоупотреби, фиктивни адреси, лични карти оставени на адреси во Центар, како и користење на бенефиции без реално живеење во општината“ и додаде: „Целта е да обезбедиме еднакви услови за сите жители. Оној граѓанин што има едно возило треба да може да паркира пред својот дом. Секое наредно возило е дополнителен товар врз системот и нормално е да се наплаќа“.

Тој додаде дека одржувањето на паркинзите бара функционален и финансиски одржлив систем.
„Не може за 100 денари годишно да се очекува паркингот да биде обележан, осветлен, одржуван и контролиран. Ако сакаме квалитетна услуга, мора да постои одржлив систем“, истакна Герасимовски.

Градоначалникот посочи и дека дел од јавните паркинзи во Капиштец, кај „Нова Македонија“ и во близина на Цветен пазар остануваат полупразни во вечерните часови, додека дел од граѓаните избегнуваат да користат платени и безбедни паркинг-простори.
Според него, новите мерки во наредните месеци треба да донесат повеќе ред, подобра организација и повеќе слободни места за жителите на Центар.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија