Во изолирана долина недалеку од Valle de Bravo, на три часа возење од Мексико Сити, архитектката Фернанда Каналес реализирала проект што го редефинира односот помеѓу просторот, природата и времето. Куќата 720 Degrees не е само куќа – таа е архитектонски инструмент што го следи движењето на сонцето и го трансформира начинот на кој ја доживуваме нашата околина.

Основната идеја на проектот се базира на двојна перцепција на просторот – 720 степени, што симболично го проширува стандардниот поглед од 360 степени. Централниот двор станува срце на куќата, околу кој се организирани сите простори, овозможувајќи постојана интеракција помеѓу внатрешниот и надворешниот свет.

Во текот на денот, куќата се отвора кон спектакуларни погледи на планините и вулканите, додека ноќе фокусот се префрла на внатрешниот двор, создавајќи поинтимна атмосфера. Оваа трансформација ја прави куќата да функционира како жив организам кој реагира на светлината и времето.

Проектот се состои од три одвоени волумени – кружна главна куќа, издвоено студио за гости и правоаголен блок со дополнителни простории. Овој тип на организација овозможува зачувување на природниот терен и вегетација, додека истовремено обезбедува флексибилност за престој на неколку генерации.

Внатрешната структура комбинира кружни и правоаголни елементи. Спалните соби, бањите и кујната се наоѓаат во правоаголните зони, додека закривените ѕидови ја дефинираат комуникацијата и премините меѓу просторите. Големите отвори, подвижните стаклени површини и панели, овозможуваат прилагодливост и постојана врска со природата.

Куќата е проектирана како целосно одржлив објект. Функционира вон електричната мрежа, користи сончева енергија, собира дождовница и обезбедува природна вентилација низ сите простории. Материјалите се внимателно избрани – локална земја измешана со бетон овозможува објектот визуелно да се вклопи во пејзажот, додека ентериерот користи природни текстури и рачно изработени елементи.

Оваа архитектура истовремено го штити и го отвора просторот. Прилагодена е на екстремни климатски услови, каде што температурите можат драстично да се променат во текот на денот, но исто така овозможува максимално уживање во природата преку тераси, дворови и отворени визури.

Куќата 720 Degrees претставува модерен пристап на домување во кое границите помеѓу ентериерот и екстериерот исчезнуваат. Тоа е простор што дише со околината, се менува со годишните времиња и станува дел од природата, наместо да ѝ се спротивставува.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија