Окружниот суд во Мостар ги прогласи урбанистите Здравко Чуљак и Сања Володер за виновни и им изрече затворски казни за злоупотреба на службената должност и овластувања во предмет на незаконска изградба на повеќекатница во населбата Бијели бријег.
Судскиот совет го осуди Чуљак на две години затвор, додека Володер е осудена на една година затвор. Бидејќи Сања Володер сè уште работи во Одделот за урбанистичко планирање на градот Мостар, судот ѝ изрекол и забрана за вршење стручни активности во сите јавни институции во траење од две години поради ризик од повторување на кривичното дело. Таква мерка не му е изречена на Чуљак, бидејќи во меѓувреме е пензиониран од функцијата раководител на одделот за градба.
Судот утврдил дека Чуљак и Володер, како соизвршители, учествувале во овозможување на незаконска изградба на зграда на Бијели бријег, иако како стручни лица морале да постапуваат во согласност со регулацискиот план од 2012 година, кој не предвидувал никаква изградба на таа локација.
Според образложението на пресудата, обвинетите му овозможиле на инвеститорот „Јокс“ да стекне материјална корист со издавањето урбанистичката согласност, иако знаеле дека на предметната локација не смее да се гради. На местото каде што имало приземен објект со површина од 219 квадратни метри, на кој биле дозволени само реконструкциски зафати, овозможена е изградба на целосно нов објект со површина од 3.385 квадратни метри.

Судот заклучил дека обвинетите постапиле спротивно на своите овластувања и ги игнорирале законските оснои за издавање дозволи.
Во пресудата посебно е нагласено дека дозволите се носеле на потпис на тогашниот градоначалник на Мостар, Љубо Бешлиќ, во периодот кога раководител на Одделот за урбанистичко планирање била Марина Дероњиќ. Судот навел дека Дероњиќ била разрешена од сите овластувања од страна на градоначалникот, а овие овластувања не биле формално пренесени на друго лице.
Окружниот суд ги прифатил приговорите на адвокатите на одбраната, но не го прифатил делот од изменетото обвинение во кое се тврдело дека предметната градба ги нарушила условите за живот на околните жители, со образложение дека не е прецизирано кому и на кој начин се повредени овие права.
Исто така прифатени се приговорите на одбраната кои се однесуваат на начинот на пресметување на материјалната корист остварена од инвеститорот „Јокс“, врз основа на наоди на вештак, како и фактот дека обвинителството не набавило официјални податоци за купопродажбата на станови од компанијата „Јокс д.о.о.“.
Од друга страна, судот ги одбил наводите на одбраната за незаконско одземање на документација, нагласувајќи дека во ниту еден момент не бил доведен во прашање идентитетот на документите што биле запленети од страна на службениците на Федералната полициска управа, по наредба на судот.

Во завршниот дел од образложението на пресудата, судскиот совет, истакнал дека Чуљак и Володер ги обезвредниле интересите на службата во која работеле, при што Чуљак, како тогашен раководител, имал поголемо ниво на одговорност во споредба со второобвинетата Володер.
Како олеснителни околности судот го зел во предвид фактот дека обвинетите не биле претходно осудувани, како и нивните семејни околности.Чуљак е татко на три деца, додека Володер има две деца.
Судијката нагласила дека судот морал да ги изрече казните за да се испрати јасна порака и да ги одврати останатите од извршување слични кривични дела.
На оваа првостепена пресуда на Мостарскиот окружен суд можно е да поднесе жалба до Врховниот суд во рок од 15 дена од приемот на писмената пресуда.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија