Проектот за реконструкција и ентериерно уредување на деловниот простор на Porsche Finance Group Македонија во Скопје има за цел да создаде репрезентативен и функционален влез од страна на улицата, со што објектот добива нов архитектонски карактер, видливост и препознатливост.

Претходниот пристап од бочната страна на објектот е заменет со впечатлив, јасен и елегантен влез обложен со алукобонд во сина боја, кој го нагласува бренд идентитетот на компанијата уште при првиот контакт и придонесува на првиот впечаток.


Во рамки на проектантската интервенција, поранешната чекална е пренаменета во канцеларија за брокери, додека остатокот од просторот е целосно преобмислен со обликувањето на ентериерот. Главната цел беше да се добие светол, чист, функционален и инспиративен простор. Простор кој ги олеснува секојдневните активности и овозможува интеракција помеѓу вработените и корисниците.

Во ентериерот доминираат оплеменета иверица во бела боја и оплеменета иверица во дрвен дезен. Овие материјали се употребени за да внесат рамнотежа помеѓу професионалната строгост и топлината на работната средина. Сината и црвената боја, препознатливи за Porsche, се вметнати како визуелни акценти, кои внесуваат енергија и динамика во ентериерот.

Просторот е дополнет со геометриски форми на осветлување и транспарентни стаклени прегради, кои ги оформуваат канцелариите со различни намени, а кои го прават просторот флуиден и отворен, додека дрвените вертикали во црвена боја и боја на дрво, нагласуваат одредени сегменти, визуелно го прават просторот полутранспарентен и овозможуваат прекршување на дифузна природна светлина, а додаваат и нота на префинетост.

Во целиот простор постоечките керамички плочки се заменети со теписон поставен во плочи, кој внесува топлина, акустична удобност и префинета деловна атмосфера. Теписонот е во нијанси на сива боја, а во ходникот на одредени места со црвени ленти на одредени сегменти, нагласувајќи ги правците на движење. Во делот на влезниот ходник, пак, е поставен е LVT-под во бетон дезен, што создава современа индустриска атмосфера и визуелен контраст на меките текстури на теписонот.

Дополнителна визуелна димензија внесуваат принтовите со автомобили поставени на ѕидовите во внимателно избрани амбиенти. Тие не само што го разигруваат просторот, туку и ја пренесуваат емоцијата на движење, брзина и слобода – вредности кои се длабоко вградени во идентитетот на компанијата Porsche.

Посебен впечаток остава канцеларијата за состаноци на катот, каде црвените вертикални прегради од иверица создаваат ефект на присутност и приватност истовремено. Тие ја филтрираат светлината и внесуваат моќен, енергичен ритам во просторот. Контрастот со сивите подови и впечатливите принтови дополнително ја потенцираат естетиката.

Во ентериерот се провлекува и бренд филозофијата „Driven by Excellence“, како водечка идеја што ја обединува прецизноста, квалитетот и посветеноста на секој дизајнерски детал. Дополнителна длабочина внесува и цитатот од Фердинанд Порше, поставен на ѕидовите: „Change is easy, improvement is far more difficult“. Оваа мисла делува како потсетник за постојан стремеж кон подобрување, филозофија што целосно се вклопува во концептот на просторот — функционален, инспиративен и доследен на духот на брендот.

Создаден е динамичен амбиент кој поддржува иновации и удобност. Конечниот резултат е простор кој истовремено зрачи со професионализам и суптилна елеганција, создавајќи средина во која и клиентите и вработените ја чувствуваат енергијата на Porsche – Driven by Excellence.
автор: БИРО ПРОЕКТ


Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија