Катар и Саудиска Арабија потпишаа историски договор за изградба на брза железница што директно ќе ги поврзе Доха и Ријад.
Станува збор за еден од најголемите инфраструктурни проекти во Заливот, кој целосно ќе го промени начинот на патување и трговската динамика меѓу двете земји.
Во регион кој сè повеќе ја обликува иднината на глобалната инфраструктура, Саудиска Арабија и Катар најавија еден од најамбициозните транспортни проекти на Блискиот Исток: 785-километарска брза електрична железница што ќе ги поврзува двете престолнини со брзина до 300 километри на час – и тоа во екстремни пустински услови што достигнуваат 50 степени Целзиусови.

Договорот за реализација на овој проект потпишан е во Ријад, во присуство на саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и катарскиот емир шеик Тамим бин Хамад Ал Тани, што дополнително ја нагласи неговата стратешка и политичка тежина. Формалниот потпис го ставија министрите за транспорт на двете земји, потврдувајќи ја силната билатерална посветеност на регионалното поврзување.
Новата железничка линија драстично ќе го скрати времето на патување помеѓу двата главни града – од сегашните неколку часа на приближно два часа. Трасата ќе вклучува клучни урбани точки како што се Дамам и Хофуф, но ќе ги поврзе и двата најважни воздушни центри во регионот: Меѓународниот аеродром „Крал Салман“ во Ријад и Меѓународниот аеродром „Хамад“ во Доха. Со ова се создава интегриран систем на воздуно-железнички сообраќај, проектиран за максимална ефикасност и удобност на патниците.

Меѓутоа, овој проект не е само прашање на брзина и практичност. Се очекува железницата да превезува повеќе од 10 милиони патници годишно, отвори околу 30.000 нови работни места и значително да придонесе за намалување на емисиите на јаглерод диоксид. На долг рок, се проценува дека нејзиниот вкупен економски ефект ќе изнесува околу 30 милијарди долари, што дополнително ќе ги зајакне економиите на двете земји.
Иако деталите за изгледот на возовите сè уште не се официјално објавени, очекувањата се големи. Проектот треба да ги исполни – или дури и да ги надмине – стандардите на постојните саудиски брзи железници, како што е линијата Харамеин, која веќе работи во екстремни климатски услови, со изложеност на песок, прашина и силни пустински ветрови.

Затоа, новата линија ќе изискува и напредни инженерски решенија: специјални пруги, бетонски плочи отпорни на високи температури, системи за контрола на наноси песок и возови прилагодени на екстремни климатски предизвици. Сето ова го прави овој проект симбол на нова ера на инфраструктурен луксуз – каде што технолошката извонредност, одржливоста и регионалната поврзаност се спојуваат во едно.
Брзата железница Ријад-Доха претставува многу повеќе од средство за транспорт: таа е стратешки чекор кон посилна интеграција на Заливот и уште еден доказ за амбицијата на регионот да постави нови глобални стандарди во мобилноста на иднината.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија