Насловна / Вести / Првиот електричен товарен брод без екипаж (видео)

Првиот електричен товарен брод без екипаж (видео)

„Јара Биркланд“ е првиот товарен брод во светот со нулта емисија на штетни гасови. Исто така, станува збор за брод кој нема екипаж. Експертите проценуваат дека ќе замени 40.000 патувања со камиони годишно.

Првиот целосно автономен и електричен товарен брод во светот ќе го започне првото комерцијално патување подоцна оваа година, кое, доколку биде успешно, може да претставува трансформација на поморската индустрија, позната по високото ниво на загадување, пренесува Гардијан.

јара_resize

„Јара Биркланд“ ќе патува помеѓу два норвешки града – Хероје и Бревик, без екипаж, носејќи товар што обично би се превезувал по копно.

Според проценките на операторот, бродот ќе замени 40.000 патувања со камиони годишно и значително ќе ја намали емисијата на азот оксид и јаглерод диоксид.

„Јара Биркланд претставува важен чекор за целата поморска индустрија, голем технолошки напредок и огромно подобрување во насока на одржливо функционирање“, рече Геир Хоеј, извршен директор на „Конгсберг“, технолошка компанија задолжена за автономните операции на бродот.

Според Меѓународната поморска организација (IMO), поморската индустрија генерира помеѓу два и три отсто од вкупните светски емисии на стакленички гасови, но таа е од витално значење за глобалната економија.

Повеќе од 90 отсто од светската трговија се одвива по морски пат, со повеќе од 90.000 бродови кои ги минуваат океаните секоја година.

Бродскиот транспорт не беше вклучен во Парискиот договор за климата од 2015 година, но земјите членки на Меѓународната поморска организација во 2018 година се обврзаа да ги намалат емисиите на јаглерод за најмалку 50 отсто до 2050 година во однос на нивото од 2008 година.

јара3_resize

„Јара Биркланд“ не е првиот автономен брод бидејќи таков патнички траект е пуштен 2018 година во Финска, но е првиот целосно автономен товарен брод, како и првиот брод што е 100 отсто електричен.

Огромната батерија од 7 MWh ги напојува потисниците кои можат да достигнат максимална брзина од 13 јазли (15 милји на час), додека товарниот простор може да носи до 60 транспортни контејнери.

Бродот првично требаше да тргне на комерцијални патувања минатата година, но пандемијата го одложи патувањето. Се уште не е утврден точниот датум на првата пловидба, но операторите велат дека тоа ќе се случи пред крајот на годината.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top